за

Германски магазин открива нови детали за класата Ѕ на Mercedes

Култниот auto motor und sport дополнително ја зголемува возбудата на ентузијастите пред официјалната премиера на крстосувачот со сребрена ѕвезда на 15-ти мај.

Целата бранша и речиси целата јавност дознаа дека наскоро треба да се појави новиот најголем Mercedes. Тоа укажува на значењето на овој модел како социјален феномен, кој е многу повеќе од силен и скап автомобил.

Германскиот магазин auto motor und sport ги дооткрива деталите за класата Ѕ што остааа неоткриени. Магазинот пишува дека „новата класа Ѕ ќе биде за нијанса подолга и со поголемо меѓуоскино растојание. Изгледот на новата серија W222, се раководи според концептниот автомобил F700 од салонот во Женева во 2007 година.“

Во споредба со актуелниот модел, W222 нема да има толку впечатливо издадени крила, а рабовите исто така не се толку изразени. Под долгата хауба ќе работат моторите од генерацијата Move, кои веќе се вградуваат во актуелната класа Ѕ и во купето CL, но ќе бидат оптимирани за уште пониска потрошувачка и емисија на СО2.

Во Mercedes S500 ќе работи 4,7-литарски мотор V8, кој со двојно турбонатполнење ќе ослободува 435 КС. Во врвниот модел S600 ќе работи V12 со битурбо натполнење и 517 КС. Верзиите на AMG ќе имаат 571 КС во S 63 AMG со осумцилиндарец од 5,5 литри и 630 КС во S65 AMG со мотор V12 од 6,0 литри. На конвенционалните погони на стартот ќе им се придружи хибридна моделска изведба S500 со приклучок за струја.

Во хибридниот модел се комбинирани литиум јонска батерија со капацитет од 10 киловат часови и електромотор со 60 КС, како и бензински V6 од 3,5 литри. Според новата норма за хибриди, S500 Hybrid ќе троши во просек 3,2 литри бензин на сто километри. На оваа изведба наскоро ќе се придружат дизелски хибрид и благ хибрид.

Магазинот најавува бројни новитети во поглед на системите за асистенција. „Стеро камера овозможува надгледување на просторот околу возилото, со што значително го проширува подрачјето на дејство на системите за асистенција. Радарскиот темпомат Distronic Plus се проширува со асистенција за управување и автоматско возење во колона во застој.“ Асистентот за сопирање во иднина ќе препознава кога на крстосница наидуваат возила или пешаци и ќе го засилува дејството на сопирачките. Новата генерација на Pre-Safe исто така ќе внимава на пешаците и ќе активира самостојно запирање при брзини до 50 km/h. Ќе се препознаваат и опасности од судир одзади, при што сопирачките ќе го задржуваат возилото во место, со цел да се избегне удирање во други возила или во пешаци. Системот за активно следење на лентата ќе препознава кога наидуваат возила отспротива и ќе спречува напуштање на лентата со еднострано сопирање.

Меѓу останатите безбедносни системи на класа Ѕ спаѓаат активни брави за безбедносните ремени на задната клупа и воздушни перници вградени во самите ремени. Во новиот модел нема да работат класични жаречки светилки. Сите функции на предните светла ќе ги вршат светлечки диоди, додека интелигентните задни светла, исто така со диоди, автоматски ќе го регулираат интензитетот на осветлување со цел да избегнат заслепување на возилата одзади во одредени ситуации.

Место четири пречки, воланот во новакот има само две. Средината на воланот е помала, тркалезните прекинувачи во воланот се заменети со прекинувачи што ја следат формата на пречките. Магазинот auto motor und sport натаму пишува дека „горната плоча на командната табла ќе биде речиси хоризонтална до средината на кокпитот. Под тоа се наоѓаат два тркалезни инструмента како брзиномер и бројач на вртежи на заеднички дисплеј со заднинско осветлување.“ Меѓу нив и над нив се дополнителните полиња со информации, за навигација, аудио, трепкачи, светла, часовник, предупредувачки светилки итн.

Под екранот на мултимедискиот систем се наоѓаат четири тркалезни отвори за воздух, а во средината меѓу нив е сместен аналоген тркалезен часовник. Дизајнот во долниот дел од средишната конзола исто така е приспособен според новата средина и модернизиран. Копчињата во подрачјето на прекинувачот за системот Comand се поставени накосо и во полукруг.

Новитетите во класата Ѕ немаат крај. При откривањето на деталите околу изгледот на новиот знаменосец на Mercedes на 15-ти сигурно ќе има уште многу изненадувања.

[nggallery id=52]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lamborghini Egoista: Доволен за самиот себе

Најголемиот Mercedes ќе има премиера во домот на Airbus A380