Ентузијастите знаат што треба да се прави кога времето ќе стопли и сонцето ќе блесне. Следува полирање на лакот!
Првото и основно правило пред лакот на автомобилот да се почести со најдобриот третман за разубавување гласи: Каросеријата да се измие колку е можно потемелно, пред нанесувањето на средство за полирање и допирањето со сунѓер или крпа. Во спротивно, ситните честички нечистотија и прав се тријат по површината на лакот и повеќе носат штета отколку корист. Под директно сонце не може да се постигне задоволителен резултат, затоа што лакот се загрева силно и политурата брзо се суши.
Не постои волшебно средство за полирање, без разлика колку производителите на овие средства се обидуваат да го тврдат спротивното. Квалитетот на средството зависи единствено од површината на лакот и од хемискиот состав на производот. Евтините средства дејствуваат одлично кај некои возила, дури и подобро од поскапите средства. Вообичаените средства во малопродажба чинат меѓу 500 и 1000 денари, а врвните производи најмалку двојно повеќе.
Внимателно со машините за полирање
Политурата дејствува врз горниот слој од проѕирен лак. Кај добро сочуваните лакови, тој има дебелина од околу 30 микрометри, односно 30 илјадити делови од милиметарот. При интензивно користење на средството со рачно полирање се симнуваат најмногу 0,3 микрометри од проѕирниот лак.
Тоа значи дека новите лакови издржуваат голем број полирања. Потребно е да се внимава само кога без искуство се работи со машина за полирање. Со силно притискање врз рабовите може целосно да се иструга слојот лак. Потоа е потребно скапо лакирање во специјализирана работилница. Доколку се користи машина за полирање, најдобро е таа да се пушти на најбавниот степен. Додатоци за полирање со бормашина не се препорачливи за користење, поради високата брзина на вртење и опасноста лакот да се оштети при невнимателно ракување.
Вата за полирање повеќе не се користи
Изборот на средството за полирање зависи од состојбата на лакот. Кај новите и кај темелно исчистените лакови се препорачува тврд восок, кој го заштитува лакот и обезбедува длабински сјај. За постари и избледени лакови се препорачува мека полутира со мала содржина на средство за брусење.
Колку е постар лакот, толку треба да биде повисока содржината на средство за брусење. По полирање со овие средства треба дополнително да се нанесе восок, за да се обезбеди трајна сјајност на лакот.
Полирањето се врши на темелно измиен автомобил со сунѓер за полирање од продавница за прибор и на површини од 50 х 50 сантиметри. Обично се почнува од покривот и се работи постепено надолу. Политурата треба кусо да се исуши и потоа мора да се избрише веднаш со микрофибер крпа.
Ватата повеќе не се користи, меѓу другото и поради тоа што врз лакот секогаш остануваа влакна. Пластичните делови, како рамките на вратите или браниците треба да се покријат со леплива лента пред нанесувањето на средството за полирање или претходно да се обработат со посебно средство, за од нив полесно да се отстранат несаканите траги од политурата.
Со трпение и без притискање
Некои експерти советуваат измиеното возило пред полирањето да се обработи со пластелин за чистење на лакот, кој чини околу 500 денари. Пластелинот ги отстранува запечената нечистотија и невидливите талози. При користење пластелин, мала површина од автомобилот се прска со благ раствор на сапуница или шампон, по што пластелинот се влече преку лакот лесно и без притискање.
Без разлика дали се работи рачно или машински, движењата секогаш треба да бидат кружни, да се работи со трпение и без притискање врз лакот. Особено е важно да с екористи квалитетна микрофибер крпа. Доволно е да се направи едно полирање годишно. Доброто полирање пред продажбата на возилото носи и повисока цена.