Америка шпионира милиони автомобили

Агенцијата за заштита од трговија со наркотици на САД следи милиони автомобили низ државата. Скенери на системот ги снимаат регистерските ознаки и ги следат возилата во реално време.

Под надлежност на американското министерство за правда, во САД се следат милиони автомобили во реално време. Податоците пристигаат од преку 100 камери, во коишто се вградени скенери за регистерските ознаки на автомобилите. Системот почнал со работа во 2008 година и првично бил наменет против шверцот со дрога, но во меѓувреме се користи и за други истраги, при што се следи многу поширока територија на државата. Министерството за правда ги чува податоците најмалку три месеци.

Следење во реално време на автомобилите во САД

Проектот за надзор го развила агенцијата за спречување на трговија со дрога ДЕА, но до него имаат пристап и голем број други државни и локални органи за безбедност. Во системот дополнително влегуваат и податоците од скенерите за регистерски таблички од останатите државни органи. На тој начин се добива сеопфатен систем којшто ги следи возачите на автомобили во реално време. Податоците опфаќаат време на снимање, место на снимање и правец на движење на возилото. Дел од користените камери имаат толку висока резолуција што можат да ги идентифицираат и патниците во автомобилите.

Освен од државите од југозападот на САД и од граничното подрачје со Мексико (Аризона, Калифорнија, Невада, Њу Мексико и Тексас), системот денес собира податоци и во Флорида и Џорџија (обете на југоистокот), па дури и во Њу Џерси, на североистокот. Службениците во целата држава можат во реално време да го следат сообраќајот на Интерстејт 95, како една од најфреквентните делници во САД, и да ги повикаат податоците во секој момент.

Според пишувањата на американските медиуми, ДЕА моментно работи системот да се прошири на целата територија на државата, наспроти првичната замисла да се покрива само граничното подрачје со Мексико. Податоците се користат и за истраги во случаи на киднапирања, убиства и насилнички деликти.

Претходна објаваВо оваа земја 2.100 литри бензин чинат едно евро
Следна објаваСлучај во Британија: „Верверички ми ја изедоа тојотата!“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here