Цените на керозинот растат, менаџерите бараат алтернатива. Авионите на германската компанија Air Berlin наскоро ќе возат на струја до полетната писта. И биогориво е во план.
На полетување Airbus A 320 тежи преку 70 тони. За оваа тежина да се качи десет километри во воздух потребни се две моќни турбини. Но, турбините не се потребни кога авионот се движи до пистата за полетување. Притоа непотребно се троши керозин, се загадува средината и се произведува неподослива бучава. Втората најголема германска авио компанија Air Berlin планира во блиска иднина да вгради електромотори во тркалата на 47 летала од типот Boeing 737 и 63 летала од семејството Airbus A 320. Како што е вообичаено според строгите правила во авио браншата, прво ќе се чека одобрение од бројните органи што се надлежни за воздушниот сообраќај.
[one_half]
Алтернативните погони постојано добиваат на важност како што растат цените на керозинот. Во водечките светски лаборатории моментно се тестира производство на керозин врз база на алги. Веќе се направени и неколку пробни летови со гориво на оваа база. Од алги во иднина ќе се произведува и биогориво за автомобилите.
[/one_half]
[one_half_last]Некои видови на алги содржат голема количина на масти кои што се неопходни за производство на биогорива. Овие масла може во иднина да се пребработуваат во рафинериите за нафта во биокерозин и во биогориво за автомобилите. Проблемот со кој што се соочува производството е ниската ефикасност. Кога тоа ќе се надмине, ќе се намали цената на производство, а со тоа и продажната цена.
[/one_half_last]
Микроалгите имаат голем потенцијал како извор на суровини. Тие буквално се хранат со јаглеродниот диоксид од атмосферата и брзо се размножуваат. Овие алги растат до десетпати побрзо од обичните растенија. Друга предност е тоа што алгите не мора да се одгледуваат на земјоделски површини и со тоа не ги загрозуваат аграрните површини кои што се користат за производство на храна.