По една деценија откако ОК гласаше за напуштање на Европската Унија, предложените барања на Унијата за „Произведено во Европа“ ја ставаат на тест визијата на Британците за „глобална Британија“ што ќе склучува трговски спогодби ширум светот. Тоа беше клучниот аргумент за Брегзит: ослободување од политиката што ја утврдува Брисел.
Но, растечката тензија на геополитичката сцена и засилениот протекционизам на Европа ја принудија владата да избира меѓу поблиски врски со ЕУ и многу потребните инвестиции од Кина, оценуваат постојните и поранешните советници за политиката на ОК.
ЕУ со новиот предлог бара компаниите да вградуваат одреден удел на компоненти што се произведени во Европа, како услов за добивање субвенции и право на учество на тендери. Намерата е секторите како електричните возила и батериите да се заштитат од поевтиниот увоз од Кина, но со тие правила ќе се изземат и производите што потекнуваат од Обединетото Кралство.
Премиерот Енди Барнам, кој се залага за приближување кон ЕУ откако ја презеде функцијата во јули, бара возилата и компонентите што се произведени во ОК да бидат вклучени во „Произведено во Европа“.
„ЕУ и ОК се соочуваат со истите предизвици и поради тоа е од витално значење да ја заштитиме меѓусебната трговска размена“, изјави претставник на британската влада за Ројтерс.
Но, се покажа дека преговорите пред самитот со лидерите на ЕУ во Брисел на 20 ноември се тешки. Клучните држави членки наведуваат дека Британија мора да се усогласи со мерките на Унијата за заштита на трговијата и со ограничувањето на вложувањата од трети земји, доколку сака да биде вклучена во шемата.
Тоа подразбира воведување царини за електрични автомобили што се произведени во Кина, а Барнам сака да го избегне тој чекор. Слично како и мерките на ЕУ, тие царини ќе влијаат врз трговијата меѓу ОК и Кина и во исто време ќе предизвикаат загриженост околу трошоците за живот и климатските цели.
Кинеската амбасада во Лондон соопшти минатиот месец дека се противи на „каква било дискриминаторска практика“ што ќе вклучува кинески производи и дека тоа прашање го упатила до властите во земјата. Оттаму се наведува дека Кина ќе ги следи збиднувањата и „соодветно ќе одговори“.
„Ризикот е Обединетото Кралство да им стане лесна цел на Кинезите, затоа што е релативно незаштитено, а тие знаат дека земјата ја нема заштитата на ЕУ“, кажа Питер Хил, поранешен советник на Даунинг стрит за време на премиерката Тереза Меј и поранешен трговски преговарач на Европската комисија. Политичките експерти кажуваат дека дебатата околу возилата веројатно ќе се прошири и на другите стратешки сектори, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција.
Кина освојува сè поголем дел од пазарот
Спорот ја става владата на Барнам во тешка положба, оценуваат близу 20 политички и трговски советници, раководители од автомобилската индустрија и здруженија на потрошувачи. Британската автомобилска индустрија, што во најголем дел е во странска сопственост, го користи засилениот бран инвестиции од Кина. Секторот опфаќа околу 830.000 работни места и учествуваше со 18 милијарди фунти во создавањето дополнителна вредност во 2025 година.
Вложувањата во автомобилската индустрија запреа по гласањето за Брегзит во 2016 година. Хонда ја затвори фабриката во 2021 година, а лани тој чекор го направи и Стелантис. Добавувачите од Европа исто така отпуштаа работници и затвораа фабрики, поради забавената побарувачка за возила со мотор со внатрешно согорување и силната конкуренција од Кина.
Наспроти тоа, кинеските производители продолжуваат со ширење во Британија. Шаопенг минатата недела соопшти дека во следните 12 месеци ќе додаде пет нови модели во Британија и во следната година ќе ја прошири својата дилерска мрежа на околу 100 локации, што е четирипати повеќе отколку сега. Чери отвори центар за истражување и развој и размислува да започне со монтажа на возила во северна Англија. „Тоа вложување во индустријата ѝ е потребно на Британија“, цени Филип Нотхард, директор во „Кокс аутомотив“.
Кинеските марки со пониските цени ги привлекуваат купувачите, особено домаќинствата што се под финансиски притисок. Уделот на Кина на пазарот на нови автомобили во ОК се искачи на 17,8 проценти во првите десет месеци од годинава, што е двојно повеќе во споредба со истиот период лани.
На Британците им е потребна и силна продажба на електрични возила (ЕВ) за да се исполни целта за нулта емисија за 2050 година. Но, брзината со којашто кинеските брендови го освојуваат пазарот вознемири делови од индустријата. Производителите бараат владата да воведе заштитни трговски мерки како ЕУ.
„Сето тоа што го зборуваме треба да биде во корист на Европа, не во корист на Кина“, вели Џим Баумбик, претседател на „Форд“ за Европа.
Тој изјави за Ројтерс дека 13.000 вработени на „Форд“ во ОК се „подготвени за натпревар“, додавајќи: „но тие сакаат да се натпреваруваат на фер игралиште“.
Директори од браншата и политички експерти велат дека британските производители не можат да си дозволат да го изгубат пристапот до субвенциите и до јавните набавки во ЕУ.
Тоа би претставувало „егзистенцијална“ закана, внесувајќи сомнеж околу иднината на фабриките за возила во ОК, оценува Дејвид Бејли, професор по бизнис-економија на Универзитетот во Бирмингем.
Близу 57 проценти од 717.000 возила што беа произведени во Британија во 2025 година се извезени во ЕУ. За Кина се испорачани 6 проценти, што главно се возила на „Јагуар Ленд Ровер“.

















