Европа со рекордна продажба на електрични автомобили

Уделот на батериските електрични автомобили во вкупната продажба во Европа достигна 34 проценти во октомври, благодарејќи на силниот пробив во Германија.

За големиот скок во продажбата на електрични автомобили во Европа придонесе и доаѓањето на новите достапни модели, како Фолксваген ИД Поло.

Батериските електрични автомобили (БЕВ) освоија 34 проценти од пазарот на нови автомобили на 12-те најголеми пазари во Европа во октомври. Овој рекорден удел врши притисок врз добавувачите, а ги јаде и маржите на производителите на автомобили.

Во Германија, најголем автомобилски пазар во Европа, уделот на БЕВ порасна на рекордни 37 проценти, во време кога поскапените горива и доаѓањето на нови и подостапни модели го забрзаа преоѓањето од бензински и дизел на електрични возила.

Наглиот скок донесе пресвртница во преоѓањето на Европа на електрични автомобили. Но, веригите за снабдување на некои производители и структурата на трошоците за производство на електричните автомобили уште не се подготвени да се соочат со толкав скок во побарувачката.

Производителите на автомобили предупредија дека брзото преоѓање на електрични автомобили им влијае врз профитабилноста, затоа што заработката кај БЕВ е помала отколку кај возилата со мотор со внатрешно согорување.

За наглиот скок во побарувачката е заслужен бранот од достапни електрични модели што допираат до најширок круг купувачи, како што се Фолксваген ИД Поло и Рено 5, заедно со конкурентските БЕВ од кинеските производители, како Липмотор.

Официјалните статистики за продажбата во ЕУ, ОК и ЕФТА ќе бидат објавени кон завршетокот на ноември. Но, досега пристигнатите бројки од 12 држави, коишто покриваат 83 проценти од целиот пазар, покажуваат дека во октомври продолжи замавот што се случи во последното тромесечје.

Продажбата на БЕВ на 12-те пазари порасна 57 проценти и достигна удел од 34 проценти, во споредба со 22,4 проценти во октомври лани. Првото полугодие заврши со просечен удел од 21 проценти на БЕВ во месечниот пазар во Европа, за во следното тромесечје да проасне нагло и да достигне 33 проценти во септември.

Во првите 10 месеци од 2026, продажбата на БЕВ порасна 33 проценти и достигна 2,63 милиони возила, додека целиот автомобилски пазар напредуваше 6 проценти. Соодветно на тоа, уделот на БЕВ порсна од 20 проценти лани, на 27 проценти годинава.

Скок во продажбата на БЕВ во Германија и ОК

Германија е меѓу земјите со најголем раст во продажбата на ЕВ во октомври. Нивната продажба порасна 79 проценти, на 94.086 возила, што им донесе рекорден удел од 37 проценти на месечно ниво. До октомври, БЕВ имаат освоено 28,2 проценти од германскиот пазар, што е близу 19 процентни бодови повеќе од 2025 година.

Најдостапниот електричен автомобил на македонскиот пазар и податоци и цени за сите нови автомобили во онлајн-каталогот АВТОСАЛОН.МК

Leapmotor T03 Design

Германското здружение на производители на автомобили ВДА соопшти дека владините субвенции за приватни купувачи придонеле да се зголеми побарувачката за БЕВ. Според германското министерство за животна средина, за субвенции за батериски електрични автoмобили се издвоени 3 милијарди евра, за периодот од 2026 до 2029 година. До 1-ви октомври, Сојузната агенција за економија и контрола на извозот исплатила 432 милиони евра.

Во Обединетото Кралство, БЕВ освоиле 32,7 проценти од бројот на регистрирани возила во октомври, што е за 6,5 процентни бодови повеќе од истиот месец лани. До октомври, на БЕВ им припаѓаат 27 проценти од пазарот, наспроти 22 проценти лани.

Франција ја задржи силната продажба на БЕВ. Во октомври биле регистрирани 61.958 нови батериски електрични автомобили, што им донесе удел од 41,5 проценти, само малку под септемврискиот рекорд со 41,7 проценти. Во 10-те месеци, БЕВ учествувале со 32 проценти на францискиот пазар, наспроти 20 проценти во 2025 година.

Италија уште заостанува

Италија и натаму е најслаба меѓу главните пазари во Европа, во поглед на БЕВ. На батериските електрични возила отпаѓаат само 6 проценти од новорегистрираните возила во октомври, што е под просекот од 8 проценти до септември. Причината е тоа што се изгуби влијанието од субвенциите што земјата ги воведе кон завршетокот на 2025 година. Во минатата година, БЕВ исто така учествуваа со околу 6 проценти од бројот на новорегистрирани возила во земјата.

Шпанија, што исто така бавно преоѓа на БЕВ, постигна удел од 16,7 проценти во октомври, незначително под септемврискиот резултат, но пак далеку над просекот од 9,4 проценти во минатата година.

На неколку помали пазари продолжи силниот пробив на електричните авотмобили. Холандија има удел од 55 проценти, Шведска следи со 51, а не заостанува и Белгија со 49 проценти.

Побарувачката над брзината на снабдување во Мерцедес и Фолксваген

Наглото зголемување на побарувачката за БЕВ почна да создава тесни грла во снабдувањето на некои производители.

Мердедес-Бенц соопштија дека електричниот СУВ од средна класа ГЛЦ им е распродаден во Европа до завршетокот на 2026 година, поради исклучително високата побарувачка. За некои конфигурации, купувачите што ќе нарачаат сега, мора да чекаат до третиот или 4-от квартал в година.

Електричниот Мерцедес ГЛЦ распродаден, се чека со месеци за испорака

Групацијата Фолксваген исто така пријави дека побарувачката за новиот бран достапни БЕВ модели е над очекувањата. Нарачките за ИД Поло надминаа 30.000 до почетокот на септември, додека за Купра Равал се пристигнати преку 51.000 резервации. Производителот на автомобили соопшти дека побарувачката може да ја одолговлечи испораката за некои верзии.

Фабриката во Марторел, што ги произведува ИД Поло и Равал, во почетокот на октомври мораше да откаже неколку смени, поради недостиг од батериски ќелии што доаѓаат од сопствениот производител на батерии Пауер Ко.

Зголемена побарувачка за БЕВ води кон помала профитабилност на производителите

Производителите на автомобили се соочуваат исто така со финансиски последици од забрзаниот преод на БЕВ.

При објавувањето на резултатите на групацијата Фолксваген за третиот квартал, на 29-ти октомври, финансискиот директор Арно Антлиц кажа дека преоѓањето на БЕВ се одвива побрзо од очекувањата. Списоците со нарачки во групацијата во моментов содржат 40 проценти БЕВ. Компанијата очекуваше дека ќе го достигне тоа ниво дури во 2029 година.

Маржата за Фолксваген ИД Крос се движи околу 70 до 80 проценти од цвредноста на маржата на споредлив модел со мотор со внатрешно согорување. Таа е уште пониска кај помалите модели, како ИД Поло, соопшти директорот за финансии Антлиц.

Претходна објаваУнгарија го запре производството на батерии, широки последици за автомобилската бранша