Шестиот модел доаѓа во понудата на Липмотор на македонскиот пазар, на електричната марка што увозникот Автонова не се двоумеше да ја стави покрај традиционалните Ситроени. Стратегијата е погодена, Французите се задолжени за класичен погон и по малку електрификација, додека целосно електричниот погон им се препушта на Кинезите. Новиот модел Б03 Икс е СУВ со големина слична со Ситроен Ц3 Еркрос, Пежо 2008 или Форд Пума, слични се и цените, но се вози на струја.
Денес градските комбилимузини со малку повеќе опрема и неколку екстра КС чинат по 20.000 евра, со напомената – со обичен погон. Кај Липмотор, прагот на електромобилноста и досега беше мошне ниско, дури и најниско, со 17.990 евра за Т03. Но, тоа реално е малечок автомобил, којшто ќе го мине целиот живот по градски улици. Следен модел беше Б10, исто така мошне баран, со старт од 24.990 евра.
Во тој простор сега доаѓа Б03 Икс, кросовер со домаќинска големина и со применливост како патна машина. Разликата е во тоа што сепак станува збор за целосно електричен погон. Тоа би требало да е голема сензација, меѓутоа одговорот на пазарот ќе покаже колку има историски материјал во доаѓањето на овој модел. Изгледите се големи, накај огромни.
Б03 Икс е долг 4,27 метри и располага со багажник од 510 литри, што не остава простор за резервираност. Основната изведба чини 20.990 евра, со вклучените 2.000 евра попуст од редовната цена. Во таа изведба Лајф Про, со батерија од 39,8 киловатчасови, најновиот Липмотор ќе мине 292 километри во комбинирано возење, но и многу повеќе од тоа при возење само во град.

Брзото полнење менува многу, Липмотор Б03 Икс полни до 80% за петнаесетина минути
Моќноста е неспорна, со 176 КС и 200 њутнметри, со забрзување за 8,6 секунди до темпо сто и крајна брзина ограничена на 160 километри на час. При користење брз полнач, Б03 Икс во оваа изведба ќе црпи струја со моќност од 100 киловати и ќе достигне 80% за 16 минути. Брзи полначи во меѓувреме зачестија во Македонија, со најмалку четири клучни позиции: Неготино, Гевгелија, Битола, Струмица.
Со попуштање уште 3.500 евра од буџетот, се доаѓа до изведбата Лајф Про Макс, со батерија од 53 киловатчасови и соодветно подолг досег, односно 382 километри.
Липмотор Б03 Икс во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар
Третата изведба е уште поопремена и доаѓа до 25.490 евра, но затоа вклучува уште седишта со еко-кожа (којашто почна дури и да им се допаѓа на луѓе), со грејачи во предни седишта и во волан, со електрика за возачко седиште, камери во 360 степени, амбиентално осветлување и трик што своевремено го поседуваше Хонда Џезм, односно со подигнување на задните седишта.
Опременоста е повеќе од примерна, гаранциите исто така убедуваат со 8-те години во коишто капацитетот нема да падне под 80 проценти од првичниот капацитет.
Липмотор Ц10 во меѓувреме беше и на голем тест во Аутомедиа, содржина што секако привлече големо внимание и може да ја погледнете на начиот канал на јутјуб.
Липмотор Ц10 · На пат од 800 километри со електричен автомобил низ Македонија (Прв дел)















