Според објавите, италијанската луксузна марка со долга традиција Масерати, што му припаѓа на концернот Стелантис, веќе има потпишано договор со Хуавеј, за производство на два нови електрични модели.
Меѓу првите што ја објавија веста е кинескиот магазин Фјучр Карс Дејли, којшто се повикува на информации од лица што непосредно се запознаени со случувањата.
Се работи за еден целосно електричен СУВ-модел од средна или виша класа, и за нов гран-туризмо, исто така со погон само на струја. Новиот СУВ ќе му се придружи на Грекале Фолгоре, додека ГТ-моделот ќе парира на Грантуризмо Фолгоре со две врати.
Производството во Кина, продажба под две марки
Претходно и италијанскиот економски дневен весник Милано Финанца објави вест за планот на Стелантис за спас на Масерати, во којшто беше спомната тесна соработка со кинеските компании Хуавеј и ЈАЦ.
Хуавеј ќе ја испорачува напредната платформа за електрични возила Хармони ОС, додека производството ќе се одвива во фабриката na Џунји, марка на ЈАЦ Моторс.
На Масерати му преостанува да се погрижи само за дизајнот и за продажбата на странските пазари. Во Кина, овие модели ќе се продаваат под марката Маекстро, којашто е создадена во соработка меѓу Хуавеј и ЈАЦ.
Возилата за извозните пазари, односно за Европа, ќе доаѓаат како полуготови модули, чијашто завршна монтажа ќе се одвива во Масерати. Така ќе се смалат трошоците, но и ќе се сочува имиџот на Масерати како луксузна марка.
Користа за Стелантис е во тоа што дел од создавањето дополнителна вредност ќе се одвива во Италија, а дополнително ќе се ангажираат и производствените капацитети што не се користат. Досега нема официјална потврда од ниту една страна.
















