Киа Селтос ја враќа СУВ-трката на свој терен, тој е „вториот Спортаж“

Киа изненади со „втор Спортаж“, со новиот СУВ со слична големина и со иста техника како бестселерот, но со сосем различен изглед и стил. Цената на Селтос ја враќа трката кај Киа.

Киа Спортаж е нешто што може да се сфати како „жртва“ на сопствениот успех. Бестселерот на Корејците не е симнат од врвот на продажната статистика со децении. Во Македонија, тој бил и најпродавана Киа и најпродаван автомобил воопшто. Пазарот во меѓувреме огладне за нешто поново и различно. Премиум Брендс го објави ценовникот за новиот Селтос. Цената не е драстично под Спортаж, Киа сепак не смее да си го девалвира брендот, но ова е дефинитивно нов залет на „Спортаж“.

Дека Киа умее да направи добар СУВ, и уште поважно, да го продава подобро од многуте, не треба поверодостоен доказ од Спортаж. За првите седум месеци, тој достигна 93.991 продажби на европскиот пазар, дури и зголемувајќи ја продажбата од лани. Во сегментот на компактните СУВ-модели, повеќе се продаваат само Фолксвагените, Т-Рок со околу 114.000 и Тигуан со околу 100.000 продажби.

На македонскиот пазар, пак, Спортаж во најдобрите времиња има надминато тристотини примероци на годишно ниво, што претставувало околу пет проценти од целиот пазар. Корејскиот СУВ остана меѓу најпродаваните модели во својот сегмент до денес, иако тука и таму секогаш ќе се најдеше по некој кинески производител да искористи шанса.

Но, сега е време (и) за Селтос, модел со споредлива големина, со речиси иста опременост, а тоа значи богато, со истите мотори како Спортаж, но половина скалило пониско во спецификацијата, за да се постигне ценовна предност.

Во штотуку објавениот ценовник на македонскиот увозник Премиум Брендс, Киа Селтос стартува од 26.900 евра, вклучувајќи го промотивниот попуст од 2.000 евра. Тоа важи за модел со ниво на опременост Лајт, со истиот 1,6-литарски Т-ГДи како во Спортаж, но тука со 180 КС, и во комбинација со 6-степен рачен менувач.

Првиот изложен примерок од Киа Селтос во салон е во нивото на опременост Икс Лајн, со нагласок на теренскиот стил

Разликата меѓу Киа Селтос и Киа Спортаж е околу 2.000 евра, но има и друго

Секако дека прво се мери со најдостапната изведба на Спортаж, а таа чини 28.800 евра, со истиот попуст од 2.000 евра, исто така со 6-степен рачен менувач и со ниво на опременост Лајт, но со 150 КС, место со 180 КС како кај Селтос. Посилнава изведба на 1,6 Т-ГДи во Спортаж се испорачува само со погон на сите тркала и само со 7-степен менувач со двојна спојка.

Според тоа, споредбата не е линеарна, туку секогаш мора да се додаде или одземе нешто од тасот на двата модели на вагата. Главно, разликата е 1.900 евра. Со оваа цена, Селтос воедно ја враќа Киа во трката каде што некои кинески модели од компактниот СУВ-сегмент најдоа простор да ги убедат купувачите на своја страна. Тоа сега се смени. Киа не мора да биде поевтина, за да убеди. Тие речиси 2.000 евра што ги спушта Селтос за влез во марката, менуваат многу.

Во моторот, разликата меѓу основните изведби на двата модели е 30 КС и 25 њутнметри плус во корист на Селтос. Наспроти Спортаж, новаков врти до 6.000 во минута, додека кај „класичарот“, максималната моќност е многу порано, при 4.500 вртежи.

Единаесет сантиметри разлика во должина, но Селтос има екстра во меѓуоскиното растојание

Во каросеријата, Селтос ѝ парира на Спортаж со 4,43 наспроти 4,54 метри, односно тоа се 11 сантиметри. Во меѓуоскиното растојание, Селтос има предност 1 сантиметар. Во багажникот, соодносот на силите е 536 наспроти 562 литри.

Дека Спортаж сепак е поцвст орев, односно е конструиран врз друга платформа, сведочи податокот за најтешката приколка што може да ја влече: Кај него се 1,65 тон, кај Селтос 1,3 тон. Додека познатиот СУВ дели платформа со Соренто, новакот ја користи техниката на новиот К4, наследничката на Сид.

Пример од Телјурајд од САД; Техниката е доволна, повеќе простор секогаш е добредојден

За развојот на Селтос, Киа појде по примерот на Телјурајд, модел што постигна историски успех на пазарот во САД. Притоа, Телјурајд понуди позната техника, но и значајно поголема каросерија и друг стил од Спортаж. Во основа, решаваат димензиите.

Полесен за 50-на килограми, Селтос спринтува половина секунда подобро (9,2 секунди), па и побрз е за 7 километри на час (200), веројатно благодарение на малку пониската силуета.

Според фабрика, Киа Селтос ќе биде и поштедлива од Спортаж, со 6,8 наспроти 7,2 литри. Во резервоарот „недостигаат“ четири литри од 54-те литри на Спортаж.

Моторот секогаш е ист, може да се нарача и модел со погон на сите тркала

Во поглед на понудата од погонски изведби, Киа Селтос се нуди главно со менувач со двојна спојка со 7 степени. Разликата кај двете нивоа на опременост што се нудат со рачен менувач (Лајт и Експериенс) и нивните изведби со ДЦТ7 е 2.000 евра. Следно што стои на избор е погон на сите тркала, којшто е достапен од второто ниво Експериенс нагоре, и чини најмалку 33.900 евра. Спортаж Експериенс во истата погонска конфигурација чини 34.800 евра.

Разлика во опременоста меѓу основните изведби на двата модели, одвај дека постои. Додека Киа Спортаж доаѓа со нормално резервно тркало, Селтос има помошно резервно тркало, а исто и тркалата од лесен метал имаат 1 инч помалку (16 инчи). Разлики има во тоа што кај Селтос Лајт не се дополнително затемнети задните стакла, но затоа избива во предност со тоа што има целосно диодни задни светла, место делумно, потоа дигитални инструменти од 12,3 инчи, место само екран на патниот компјутер од 4 инчи, а на екран се прикажува и возило во мртов агол.

Покрај основното ниво Лајт и средното ниво Експериенс, се нудат уште ексклузивното ниво на опременост Референс и спортското ниво ГТ Лајн

Во поглед на системите за асистенција, Киа не отстапува од правилото да нуди комплет од овие помошници за безбедност и комфор, поаѓајќи од предупредување при опасност од судир и систем за следење лента, до автоматско долго светло и систем за предупредување за возило во мртов агол.

Автоматски двозонски клима уред, сензор за дожд, средишен екран од 12,3 инчи, самозатемнувачки внатрешен ретровизор и странични ретровизори со електрично собирање, сето тоа е стандард во секоја Киа Селтос што излегува од салон.

Во нивото Екпериенс, дополнително над нивото Лајт доаѓаат седишта во комбинација со кожа, грејачи во предни седишта и волан, елеткрика за возачко седиште, тркала од 18 место 16 инчи и дополнително затемнети задни стакла.

Може да биде и луксузно во Киа Селтос

Луксузот продолжува на следно ниво во Референс, каде што се ужива уште во аудио систем Харман Кардон, безжичен полнач, амбиентално осветлување, кожени седишта, греење и на задни седишта, вентилација на предни седишта, елеткрика и за совозачко седиште и меморија, самостојно отворање на врата на багажник, предни ЛЕД светла со проширени функции.

Врвот во ГТ Лајн заокружува со камери што го прикажуваат просторот околу возилото од птичја перспектива, предупредување за возило кога се излегува наназад од паркинг, проекциски дисплеј од 10 инчи, возачко седиште со масажа, магленки, тркала од 19 инчи и сончев покрив.

Доаѓањето на Киа Селтос е важно од една страна заради продолжението на успешната приказна на Спортаж, којашто сега паралелно ќе ја туркаат двата модели, но е важни и поради тоа што традиционална марка се враќа во делот од пазарот којшто извесно време им беше препуштен на кинеските СУВ со слична големина. Киа на тоа ќе каже едно: 7 години гаранција, вистинска.

 

Претходна објаваЛипмотор очекува продажбата да надмине 1 милион возила годинава
Следна објаваБИД фрлил око на фабриката на Стелантис во Канада

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here