БИД фрлил око на фабриката на Стелантис во Канада

Кинескиот производител на автомобили БИД поднел барање за преземање на фабриката на Стелантис во близина на Торонто, којашто веќе извесно време е во мирување, соопшти локален политичар. Канада го привлекува вниманието на светските компании, во време додека се вжештува трговската криза со САД.

Стелантис престана да произведува возила во фабриката во Брамптон, во Онтарио, уште во 2023 година.

Патрик Браун, градоначалник на Брамптон, Онтарио, кажа дека БИД му се обратиле пред шест месеци, барајќи да се разговара за производство на автобуси во фабриката. Стелантис започна со приспособување на фабрикта за прозиводство на Џип Компас, но концернот го запре тој план лани, откако САД воведоа царини за увозни автомобили.

На Браун му се обратиле и од Липмотор Интернационал, заедничката компанија на кинески Липмотор и Стелантис, како и од неименуван италијански производител. Блумберг Њуз во април објави дека Стелантис разговарале околу можноста за производство на електрични возила во Канада, заедно со Липмотор.

Повеќето од возилата што се произведуваат во Канада се извезуваат во САД, но трговската војна и немањето нови модели за фабриката изградена пред 40 години, ставија неизвесност врз иднината на илјадници работници. Нивниот синдикат Унифор соопшти во минатиот месец дека Стелантис размислуваат за продажба на фабриката.

„Доколку САД заземат став што ќе нé спречи да продолжиме да бидеме нивен партнер во автoмобилите, тоа е свет на можности,“ изјави Браун. „Има светски компании што бараат канадска работна сила.“

Стелантис одговори дека во моментов немаат што да објават. „Ние и натаму сме посветени на наоѓање трајно решение за производство за фабриката во Брамптон,“ порача претставничката Лу Ен Госелин во е-пошта.

Од БИД исто така не соопштуваат конкретни планови. Кинеската компанија порано произведуваше во Канада. Во друго предградие на Онтарио се произведуваа автобуси. БИД во моментов не произведува автобуси и автомобили во Канада или САД.

Претседателот Доналд Трамп воведе царина од 25 проценти за странски автомобили и пикапи. За возилата од канадско производство важи пониска царина, којашто се пресметува според уделот на делови што се вградени во возилата и потекнуваат од САД. Трамп во минатата недела се закани дека царините од 1-ви јануари ќе ги зголеми на 50 проценти и ќе воведе царини за делови за автомобили од Канада, во време кога зоврива затегнатоста меѓу двете земји.

„Стелантис ми кажаа дека сé додека има царини за авотмобили, бизнисот нема услови за вработување во автомобилската индустрија во Канада,“ изјави Браун. Тоа е ситуацијата „или е царина од 8 проценти, или 50 проценти, или 100 проценти,“ додава политичарот.

Канадскиот премиер Марк Карни во јануари постигна спогодба за намалување на царините за кинески електрични возила. Премиерот образложи дека тој потег бил неопходен, поради тоа што САД прават чекори да ѝ наштетат на автомобилската индустрија во Канада и дека целта на владата е да се создаде „нова заедничка инвестиција на Кинезите во Канада“ со цел „да се создадат нови вработувања во автомобилското производство за канадските работници.“

Фабриката во Бремптон престана да произведува автомобили уште кон завршетокот на 2023 година. Без изгледи за брзо постигнување трговски договор меѓу САД и Канада, „морам да кажам дека имам мошне темни прогнози“ за повторно отворање на фабриката, кажува Браун.

Канадските фирми за воена опрема Рошен Инк и Доминион Дајнемикс исто така пријавиле интерес за фабриката, наведува Браун. Рошен се заинтересирани за производство на лесни оклопни возила, додека Доминијон сакаат да изработуваат дронови.

Фабриката може да им ги врати работните места за 3.000 лица што порано произведуваа возила за Стелантис.

Претходна објаваКиа Селтос ја враќа СУВ-трката на свој терен, тој е „вториот Спортаж“
Следна објаваУтнатата автомобилска политика ни ги остаре возилата за преку пет години

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here