Тојота во следните две години ќе воведе нова генерација батерии во своите модели, за да ја поткрепи продажбата на хибридни возила во следните две години. Новата технологија ветува подобри перформанси и пониски трошоци.
Само во Јапонија, светскиот првак во производство на автомобили ќе резервира капацитет за производство на батерии за 600.000 возила, во периодот 2027-2028 година, најави директорот за финансии Таканори Азума.
Новите литиум-јон батерии ќе ги скусат трошоците за неколку стотици долари по возило, донесувајќи зголемена ефикасност. Азума не откри поединости околу перформансите.
Јапонците со овој чекор се збогуваат со батериите со хемија никел метал хидрид, со цел да ги зголемат заработката и маржата од продажбата на хибридите, коишто прераснаа во заштитен знак на Тојота.
Возилата со електрифицирана погонска спрега (ХЕВ, ПХЕВ, БЕВ) во моментов учествуваат со преку половина во светската продажба на Тојота. Корпорацијата објави на 4-ти август дека испораката на возила со хибриден погон годинава првпат ќе надмине 5 милиони возила.
Тојота се потпира на своите хибриди, во време кога купувачите бараат возило што троши помалку, покрај постојаниот раст на цените на горивата што е предизвикан од конфликтот на Средниот Исток.
На трендот за збогатување на понудата од хибриди му се придружуваат и останатите марки, како Киа и Хонда.
„Планот ни е постепено да преминеме од никел на литиум, додека во исто време го зголемуваме нашиот производствен капацитет,“ кажа Азума. „Тоа ќе резултира во смалени трошоци во висина од десетици илјади јени по возило. Вложуваме напори да ги подобриме перформансите и да ги скусиме трошоците.“
Тојота има планови за батерии со напредна технологија и долг досег
Тојота ќе го нападне пазарот на батерии од две страни, потпирајќи се и на сопственото производство на батерии и на компоненти што ќе ги набавува од своите добавувачи. Компанијата ќе го ангажира кинескиот гигант во производство на батерии КАТЛ, за производство на батерии за 200.000 возила во Индонезија. Азума не соопшти за каков вид батерии станува збор.
Во 2023 година, менаџерите сепак ги соопштија долгорочните планови на Тојота во поглед на батериите.
Планот опфаќа батерии литиум-јон од следна генерација, почнувајќи од 2026 година, со досег што надминнува 800 километри. Тие батерии ќе бидат за 20% поевтини од оние што се користени во спортскиот електричен кросовер бЗ4Х (би-зи-фор-крос).
Тојота Ц-ХР+ · Тест · Тојота задоцнила со електричните автомобили?
Се работи и на нова генерација биполарни батерии литиум-јон со досег од преку 1.000 километри. Таа технологија пристига во 2027-28 и ќе донесе заштеда од 10% во трошоците, во споредба со новата генерација литиум-јон батерии, што ќе стартува годинава.
Тојота ги соопшти плановите за хибридите, додека објави пад во оперативната добивка од 8,8 проценти во првото тромесечје од тековната фискална година, коешто заврши на 30-ти јуни. Јапонската компанија посочи дека силната продажба на хибридни возила помогнала да се надоместат штетните влијанија од царините во САД и забавувањето на побарувачката во Кина.
Вкупната продажба на возила на Тојота опаднала за 3,5 проценти, на 2,55 милиони возила во периодот од април до јуни. Продажбата на електрифицирани возила пораснала 12 проценти, на 1,41 милион возила, што одговара на 55 проценти од вкупната продажба. Продажбата на хибриди пораснала за 6,7 проценти, на 1,24 милион, додека продажбата на целосно електрични модели се зголемила повеќе од двојно, со 114.000 возила во тромесечјето.
Тојота ги зголеми прогнозите за продажбата и профитот за годинава, откако е најдено решение за Ормуз
Тојота ги зголеми прогнозите за тековната фискална година, потпирајќи се врз поволниот девизен курс и логистиката, којашто најде начин да го зголеми транспортот на возила низ Средниот Исток, и покрај попречениот промет на бродови низ Ормускиот Теснец.
„Во почетокот, поради тоа што не можевме да минуваме низ Ормускиот Теснец, моравме да обиколиме околу ‘Ртот Добра Надеж во Јужна Африка, за да испорачаме возила на Средниот Исток, што двојно го оддолжи транспортот,“ кажа Азума. „Сега истражуваме различни патишта на логистиката, како растовар на возила пред Ормускиот Теснец и нивен транспорт по копнен пат.“
Компанијата очекува во тековната фискална година, што завршува на 31-ви март 2027, да продаде 9,7 милиони возила. Тоа е над прогнозата за 9,6 милиони возила, што важеше во мај.
Очекувањата се за 100.000 возила над постигнатата продажба од 9,6 милиони возила во претходната фискална година.
Тојота ги зголеми и очекувањата за профитот за годинава, од 18,53 милијарди долари, на 21,01 милијарди долари. Тоа сепак е под 23,29 милијарди долари, колку што јапонскиот гигант заработи лани, но пак е 4-от најдобар резултат во историјата.
Силниот пад на вредноста на јенот исто така притиска врз профитот. Тојота очекува загуба од 4,42 милијарди доилари, поради неповолниот девизен курс. Друг трошок се царините во САД, коишто на Тојота ќе ѝ скусат понатамошни 8,53 милијарди долари од профитот.
3000 километри со електрична Toyota bZ4X низ Македонија: Големата тура
















