Порано беа главни големите салони на автомобили, во Женева, Франкфурт, Париз, Торино, на коишто производителите првпат го симнуваа велот од своите нови модели. Постоеше голема љубопитност и неизвесност, каков ќе биде новиот модел. Салоните веќе извесно време го губат значењето, но тоа не значи и дека автомобилите се помалку значајни. Мерцедес-Бенц ѝ даде ново значење на премиерата на нов модел, со настанот околу новиот ГЛА во Варшава.
Ретко досега, а веројатно никогаш, дигиталното претставување на нов модел пред светот, а тоа значи со пренос во живо на друштвените мрежи и какви сé не канали, било следено со толкава концентрација и со исчекување што ќе следи понатаму во настанот. Штутгарт уште нема излезено со податоци, но е мошне извесно дека наскоро ќе дојдат вести во коишто ќе се зборува за рекордна онлајн-посетеност на настанот, за неоткажувањето по две минути следење, за бројот на коментари и допаѓања, општо за успешноста на премиерата.
Новиот ГЛА, мошне извесно, и во иднина најпродаван во новото семејство компактни модели на Мерцедес-Бенц, по доаѓањето на новите генерации на купе-лимузината и комби-купето ЦЛА и седумседниот СУВ-модел ГЛБ, заслужи таква премиера. Настанот се одржа пред релативно мала одбрана публика во Варшава, престолнината на Полска, со импресивното здание на Палатата на културата и науките од 1950-те години, подарок од Сталин за полскиот народ, во заднина на поставената бина за премиерата.
По кусите, но делотворни говори на извршниот директор Ола Калениус, на главниот дизајнер и на главниот техничар околу ГЛА, публиката можеше да се слика и снима на филмските поставки насекаде низ просторот. На друштвените мрежи се пуштија небројни видеа и фотографии, како луѓе седат зад воланот на историскиот В 111 и на паното зад нив се прикажуваат сцени како на филм, создавајќи впечаток дека се глуми на филм.
За автомобилот допрво ќе се откриваат деталите и достигнувањата, но е сигурно дека Мерцедес-Бенц успеа да го привлече вниманието на цел свет, за доаѓањето на новиот модел.
Ако некогаш требаше да се преврти А-Класа, за да се привлече внимание, денес се прави премиера како за ГЛА
Ако некогаш маркетингот мораше да биде толку смел, па да инсценира божемно превртување на А-Класата, во средината на 1990-те години, за да го привлече вниманието на светот, дека Мерцедес-Бенц направил таков револуционерен и немерцедесовски модел како А-Класата, тоа денес сигурно му успеа со премиерата на ГЛА во Варшава.
Мерцедес-Бенц од денес почна со нарачки за ГЛА, а сакако се очекува моделот да се појави и во македонскиот Мерцедес, во Мак Аутостар, каде што веќе имаа премиера ЦЛА и ГЛБ. Освен во електрична изведба, компактниот кросовер ќе се произведува и во изведба со благ хибриден погон.
Новиот Мерцедес-Бенц ГЛА личи како за најпродаван компактен модел со ѕвезда















