Доналд Трамп кажа дека е горд на царините на неговата влада, на крајот на субвенциите за електрични возила и откажувањето на стандардите за економичност, при неговата посета на Џенерал Моторс, нарекувајќи се спасител на автомобилската индустрија во САД.
Во својот говор при посетата на патеката за тестирање Милфорд во близина на Детроит, Трамп ги истакна најавите за инвестиции од страна на Џенерал Моторс, Форд и други производители, како доказ дека царините отвораат нови работни места во производството.
„Неверојатно е тоа што царините ќе го постигнат за Џенерал Моторс и за исходот од изборите,“ изјави Трамп при неговата посета на 27-ми јули.
Говорот на Трамп доаѓа во клучен момент за индустријата во Северна Америка, во време кога производителите на автомобили и добавувачите се приспособуваат на големите промени во државната политика. Компаниите се соочуваат со сметки за царина во висина од милијарди долари и ги преиспитуваат своите производствени капацитети, со цел да ги скусат трошоците и да се приспособат на смалената побарувачка за електрични возила.
Бајден „засекогаш ќе ја уништеше автомобилската индустрија“ во САД
Трамп го нападна производството на електрични возила, наведувајќи дека со нив компаниите ќе вработуваа далеку помалку работници, отколку при производство на возила со бензински мотори. Политиката за електрични возила од времето на Бајден „засекогаш ќе ја уништеше автомобилската индустрија“ во земјата, изјави тој.
Неговите ставови за електрични возила се во спротивност на ставовите со коишто пред неколку месеци излегоа извршната директорка на Џенерал Моторс, Мери Бара и други директори, коишто развојот на ЕВ и нивното производство го нарекоа „Северна Ѕвезда“ на компанијата, и покрај одложените планови за ЕВ.
„Ние главно инвестираме и продолжуваме да работиме на ЕВ, затоа што цениме дека тоа е крајната игра,“ изјави Бара во јануари.
Џенерал Моторс (ГМ) во меѓувреме почна повеќе да се потпира на производство на профитабилните пикапи и СУВ, што постигнуваат висока продажба. Тоа придонесе ГМ да го зголеми профитот во Северна Америка во првото полугодие, и покрај тоа што трајно се откажа од вложените 11 милијарди долари во своите планови за електрични возила.
Царините спречуваат автомобилската индустрија во САД да биде „преземена“ од кинеските производители, кажа Трамп, посочувајќи на растечката продажба на кинески автомобили во Европа, како пример за тоа што ќе се случеше доколку тој не беше избран за претседател.
„Колку што сум запознаен, Мери, во земјата немаме ниту еден кинески автомобил,“ Трамп ѝ се обрати на Бара во својот говор.
ГМ го произведува Бјујк Енвишн во Кина и го увезува во САД, иако компанијата планира во 2028 година, во Канзас, да започне со производство на модел што ќе го замени компактниот кросовер.
Трамп претходно изјави дека одобрува кинеските производители да отвораат фабрики во САД.
„Доколку тие сакаат да дојдат, да изградат фабрика и да те вработат тебе и твоите пријатели, тоа е одлично, ми се допаѓа,“ кажа Трамп при обраќањето пред економскиот клуб во Детроит на 13-ти јануари. „Нека доаѓаат Кинезите, нека доаѓаат Јапонците.“
Трамп го критикуваше претседателот на работничкиот синдикат Шон Фен, затоа што не го поддржал во изборите во 2024 година. Тој го нарече Фен „лоша вест“ за работниците во фабриките за автомобили во САД и тврдеше дека неговата влада направила повеќе од која било.

„Направив повеќе за тебе од твоите родители,“ изјави Трамп.
На Трамп и на неговиот секретар за транспорт Шон Дафи, во Милфорд му се придружија Бара и претседателот на ГМ, Марк Ројс. Пред говорот на Трамп, беа одржани три трки во забрзување, по што следеше посета на гаражите со неколку модели на ГМ, меѓу кои кои новиот пикап Шевролет Силверадо, луксузната електрична лимузина Кадилак Селестик и транспортерот за пешадиски сили што ГМ го произведува за војската на САД.
Посетата на Трамп од страна на Белата Куќа беше најавена како службен настан од економска и индустриска природа, но тој повеќе излезе како предизборен митинг, пред прелиминарните избори во Мичиген на 4-ти август.
Други политичари, меѓу кои Џон Џејмс, републикански кандидат за гувернер, и Мајк Роџерс, потенцијален републикански кандидат за сенатот на САД во Мичиген, одржаа своевидни изборни говори, воочи обраќањето на Трамп пред насобраните поддржувачи, на коишто партијата им додели влезници за настанот.
Првпат актуелен претседател ја посети патеката за тестирање Милфорд, којашто е отворена во 1924 година и располага со патишта во вкупна должина од близу 250 километри, на површина од преку 1.600 хектари.
















