
Мерцедес-Бенц објави почеток на нарачките за новиот Марко Поло, познатиот модел на возило за кампување, што е изработено врз основа на луксузната В-Класа.
Марката со ѕвездата направи новиот Марко Поло да биде уште поудобен и да биде повеќе погоден за живеење од кога било досега. Подобрувањата главно се во алуминиумската конструкција на покривот што се подигнува.
Со зафати во конструкцијата на алуминиумскиот покрив, во задниот дел од покривот се добива за десет сантиметри поголема висина, што прави просторот за спиење да биде уште попријатен и воедно да има повеќе висина кога покривот не е подигнат.
Новитет претставува и осветлувањето на просторот, со ЛЕД-светилки што се поставени околу рамката на покривот, и за коешто може да се избираат различни бои, од студени тонови, до топли и пријатни тонови.
Мерцедес-Бенц Ванс, како што се води посебниот огранок на штутгартскиот премиум производител, најави дека кон завршетокот на годината ќе понуди и нова варијанта на лизгачкиот сончев покрив. Првпат ќе се понуди и панорамски отвор во мевот на покривот, со цел да се добие повеќе простор и свеж воздух во внатрешноста. Тоа ќе нуди и посебна глетка ноќе.
Надворешната тенда сега може целосно да се отстрани, што е корисно при автоматско миење на возилото.
Промена има и во магнетните држачи што го поедноставуваат поставувањето завеси, кога се бара полна приватност во возилото.
Се работело дури и на аудио системот, што сега е посебно изведен за Марко Поло, со осум звучници, сабвуфер и многу почист звук. Музиката од телефонот или други преносни уреди може преку блутут да се слуша на звучниците во кабината, дури и при исклучен инфо-забавен систем.

Моделите Марко Поло уште од 2019 година располагаат со систем за контрола на функциите на возило за мапување преку екранот во кокпитот. Сега се додадени нови функции, меѓу другото за ракување со светлата, со покривот и со аудио системот. Сето тоа е изводливо и преку мобилна апликација.

Зафатите продолжуваат со подобрувања во масичките, во водилките на фиоките, во ракувањето со задната клупа, па и во ладиликот, што сега троши помалку.
Уште една новина е тоа што преработката на В-Класа од фабриката во шпанска Виторија во Марко Поло, сега се одвива во Лудвихсхафен, што на Мерцедес-Бенц му овозможува непосредна контрола врз квалитетот на изработката.















