Цената на електричните автомобили паднала за 18% во просек

Истражувањето покажа дека просечната цена на батериските електрични автомобили, во периодот од 2020 до 2025 година, се намалила за 18 проценти, а понудата од модели се зголемила неколкукратно.

Ситроен е-Ц3 е меѓу најдостапните електрични автомобили од европска фабрика

Цената на електричните автомобили на најголемиот автомобилски пазар во Европа, германскиот, се намалила во просек за околу една петина, а во исто време четирипати е зголемен бројот на модели што се нудат на пазарот. Тоа го покажа штотуку објавената студија на ИЦЦТ и институтот Фраунхофер.

На најголемиот автомобилски пазар во Европа, германскиот пазар, батериските електрични автомобили во просек биле поевтини за 18 проценти во 2025 година, во споредба со 2020-та година. Наспроти тоа, се добива погрешен впечаток дека електричните автомобили поскапуваат, а причина за тоа е што паралелно се воведуваат и сé повеќе нови електрични модели од скапите сегменти.

Истражувањето беше спроведено од ИЦЦТ, меѓународен совет за чист транспорт, познат како откривач на „дизел скандалот“, и од ИСИ, огранок на Институтот Франухофер, за истражување на системи и иновација. Германскиот пазар е земен предвид како клучен индикатор за пошироките трендови ширум Европа. Истражувањето се потпира врз повеќе од 100.000 податоци, собрани за шест автомобилски сегменти, од малечки до луксузни автомобили.

„Нашите резултати покажуваат дека пазарот на електрични автомобили напредувал значително во изминатите години. Денешните модели нудат подолг досег и посилен погон, додека цените на споредливите модели се паднати. Тоа е јасен знак за насоката во којашто се движи европскиот автомобилски пазар,“ изјави Петер Мок, директор за Европа при ИЦЦТ.

Просечните цени пораснале поради доаѓањето на новите модели во скапите сегменти, но цените на најдостапните модели се намалени

Во Германија, просечната цена на електричните возила од сите сегменти номинално пораснала од околу 37.000 на околу 53.000 евра, во периодот од 2020 до 2025 година. Но, овој раст не укажува дека се зголемени цените на споредливите модели, туку истиот е предизвикан поради сменетиот моделски микс: Уделот на возила од средната и вишата класа во понудата од електрични возила, зголемен е зналително од 2020 до 2025 година, и во моментов тој покрива околу 73 проценти од вкупниот број на електрични модели што се нудат на пазарот.

Доколку се разгледуваат одделни модели низ времето и се оценуваат карактеристиките на возилата, како тежина, моќност и досег – исто како и инфлацијата – цените на споредливите електрични возила се смалени за околу 18 проценти во периодот. Наспроти тоа, вистинските цени на моделите со мотор со внатешно согорување, во истиот период пораснале околу 2 проценти.

Цените на батериите се смалени – но тоа не е пренесено во целост кај возилата

Светските цени на батериите паднале за 21 до 24 проценти во номинална вредност меѓу 2020 и 2025 година. Наспроти 165 до 185 долари по киловатчас во 2020, пет години подоцна, цената се движи меѓу 130 и 140 долари. Кога ќе се пресмета инфлацијата, тоа соодветствува на цени што се пониски за 35 до 37 проценти. Овој пад во цената на батериите, досега се има пренесено само во мал обем врз цените на возилата.

Просечниот досег на електричните возила, сепак, се зголемил за околу една третина во разгледуваниот период во истражувањето, што води кон заклучок дека производителите ја искористиле заштедата за да ги подобрат возилата или да вложат повеќе во истражување и развој.

„Осетниот пад во цените на батериите уште се нема пренесено целосно врз цените на подостапните модели. Тоа значи дека потенцијалот за понатамошно смалување на цените на електричните возила не е искористен целосно,“ овјаснува проф. др. Патрик Плец, директор на одделение за енергетска технологија и енергосистеми при институтот Франухофер и еден од авторите на студијата.

Споредба: Електрична Киа против бензинска Киа, ЕВ 3 против Спортаж

Расте разновидноста на моделите, има простор за подобрување кај малечките возила

Бројот на достапни модели со батериски електричен погон пораснал од 38 во 2020 година, на 159 во 2025 година. Понудата од модели со мотор со внатрешно согорување, во истиот период е намалена од 275 на 194 модели.

„Бројот на електрични модели се зголемил четирипати за само пет години. Во сегментот на модели од средна и виша класа, купувачите во моментов имаат речиси ист избор на електрични автомобили и модели со мотор со внатрешно согорување,“ објаснува Кајл Морисон, истражувач на ИЦЦТ и соавтор на истражувањето. „Постои диспаритет кај мини и малечките автомобили: во 2025 имало 19 електрични модели, покрај 35 модели со мотор со внатрешно согорување.

Истражувањето заклучува дека непроменливоста во законодавството, на пример, намалувањето на емисијата на ЦО2 на возниот парк, претставува основен фактор за да продолжи развојот на европскиот пазар на електрични возила, да се напредува кон ценовен паритет со возилата со мотор со внатрешно согорување и поттик за вложување во целосна електрификација на сите сегменти на возила, како и во производство на батерии.

Price and market trends of battery electric and internal combustion engine vehicles in Germany, 2020–2025

ИЗВОРThe ICCT
Претходна објаваКоџи Сато од Тојота повика на здружување на јапонските производители на автомобили
Следна објаваФранција гради патишта од оклопи од школки

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here