Главната забелешка кај силните електрични модели не е во моќноста, туку во отсуството на вистински звук. Мерцедес-АМГ го решава тоа со додавање вештачки звук кај својот ЦЛА 45. Тоа и не е толку вештачко.
Кога на копчето на воланот на новиот Мерцедес-АМГ ЦЛА 45 ќе се вклучи спортската програма, се слуша звук како при додавање гас кај истоимениот модел од претходната, бензинска генерација. АМГ го снимаше звукот на таа 45-ка и го приспособи за електричната ера.
Звукот добива и видлива придружба, со бројач на вртежи во возачкиот екран, којшто брои до 7.000 вртежи, а за сé да биде верно, или барем блиску до тоа, преку рачките зад воланот може да се префрлува меѓу виртуелни 8 степени на пренос.
Напредокот во моќноста кај електричниот ЦЛА 45 во однос на бензинскиот претходник со истата ознака е јасен: Наспроти неговите 421 КС извлечени од дволитарски четирицилиндарец со скапа техника на натполнење, сега следат 680 КС. Спринтот до темпо сто трае 3,2 секунди. Нема граници ниту во крајната брзина, условно кажано: ЦЛА 45 АМГ престанува да забрзува на 250 километри на час, односно дваесет км/ч подоцна, ако се доплати за пакет Динамика Плус. Електричните автомобили обично се ограничуваат на пониска брзина.

Истиот погон како во АМГ ГТ Купе со 4 врати
Погонската техника доаѓа точно од АМГ ГТ Купе со 4 врати. Тоа вклучува три електромотори со аксијален флукс – различни од класичните електромотори и со бројни предности, од коишто еден е напред, а два вртат назад. Заедно, трите „мотори“ доаѓаат до 680 КС.
Разликата во конструкцијата на овие електромотори е во тоа што електромагнетниот флукс минува паралелно со оската на електромоторот, место попречно. Меѓу предностите се димензиите: Двата е-мотори на задната оска се дебели по 8 сантиметри, додека напред се девет сантиметри.
Предниот електромотор со своите 306 КС може да се одвои од погонската спрега, заради заштеда на енергија. Двата задни електромотори можат да распределуваат различна вредност на вртежниот момент до своето тркало. Тоа е најдобиот начин да се постигне т.н. торк-векторинг, односно испорака на точна вредност на вртежен момент во свијок до внатрешното и надворешното тркало. Така се постигнуваат врвна тракција и исклучителна стабилност. Во пакетот Динамика Плус е опфатена и програма за дрифт.

За 10 минути се полни енергија за 270 километри
Електромоторите црпат енергија од батерија со 94 кВч, којашто во стандардни услови испорачува струја за 670 километри. Кај изведбата со купе-комби опаш, досегот е 640 километри.
Со 800-волтната мрежа, ЦЛА 45 АМГ на соодветно брз полнач ја доведува батеријата до наполнетост од 80 проценти за околу 20 минути. АМГ наведува покорисен податок, односно за 10 минути на брз полнач, 45-ката добива енергија за следните 270 километри.
Големата батерија остава траги врз тежината, затоа што купе-лимузината со возач тежи 2.280 килограми, што е за преку 600 килограми повеќе од бензинската 45-ка и близу сто килограми над нејзината вкупно дозволена тежина. Но, огромната моќност надоместува и прави тежинскиот сооднос кај новата 45-ка да се подобри, односно место 4,1 килограми на секоја КС, сега доаѓаат по 3,5 килограми.
Шест програми за возење влијаат врз погонот, подвозјето, управувањето и контролата на стабилноста, зависно од тоа дали ќе се побара штедливо, удобно или спортско возење. Најекстремната програма се води како АМГ Форс С+ и во неа се посредува чувство како да се вози бензинец. Тоа вклучува дури вибрации во седиштето и прекини во влечната сила при менување степени, како кај класичен погон.

Проекцискиот дисплеј покажува идеална линија и кога треба да се кочи
АМГ има вчитано профили на најпознати тркачки патеки, како Нирбургринг или Спа, за во проекцискиот дисплеј од навигацијата да се прикажуваат точките во коишто треба да се притисне добро врз сопирачката, како и идеалната линија.
Аеродинамичноста е голема тема кај е-мобилите, па така и ЦЛА 45 АМГ располага со активен спојлер назад, којшто се мести зависно од програмата, брзината и забрзувањето. Тој може да се постави под агол до 490 степени. По желба, спојлерот може си остане излезен.
Разликата во изгледот со стандардниот ЦЛА се покажува веднаш, по маската со десетте вертикални пречки, што се води како Панамерикана и претставува знак за распознавање на АМГ.
Афалтербах ја испорачува новата 45-ка стандардно со тркала од 19 инчи и зголемена трага во споредба со стандардниот модел. Напред трагата е поширока 24 милиметри и соодветно се проширени и крилата за 12 милиметри. Со доплата следат тркала од 20 инчи, со спортски гуми.
АМГ ветува дека новиот модел е значително побрз на Нодршлајфе, Нирбургринг, во споредба со полесниот, но и послаб бензински претходник.
Премиера на ЦЛА во Мак Аутостар: Најважниот нов Мерцедес-Бенц по 190-ка
















