
Липмотор стартува на македонската сцена со традиционалните вредности на автомобилите од кинеските производители во поглед на противвредноста, но додава уште два суштински квалитети: Електричен погон со продолжувач на досег, што дава слобода да се продолжи на бензин, кога нема полнач по пат, и уште поважно, застапување на марката преку Автонова, една од највлијателните домашни компании во браншата.
На автомобилската сцена, се чини дека денес сé се врти околу кинеските производители. Возачките и возачите одамна ги надминаа предрасудите, и денес важи правилото дека кај кинеска марка се оди да се добие повеќе, а не само поевтино.
Липмотор ужива посебно место на европската сцена, па и пошироко во светски размери, како партнер на концернот Стелантис, каде што спаѓаат марките околу Фиат и Пежо. Тоа го издвојува Липмотор од останатите кинески производители и му дава предност кај мошне чувствителните прашања: Резервни делови, сервисирање, брзина на испорака, видливост на марката, односно имиџ.
Точно тоа ја создава сигурноста на изборот, тоа што честопати недостига кај кинеските производители. Купувачите обично ќе препознаат автомобил што им се допаѓа и ги исполнува барањата, но за конечната одлука пак решаваат факторите околу постојаноста, а тоа се сервисирањето и сигурноста на компанијата од којашто го купуваат автомобилот.
Оваа комбинација во којашто сега доаѓа Липмотор на македонската сцена, предизвика општо раздвижување, не само меѓу кинеските марки. За возилата од фабриките на Липмотор да се качат на брод и да дојдат до одредиштето, а тоа ги вклучува и американските континенти, покрај Европа, се грижи Липмотор Интернационал.
Техниката и производството се делот на Липмотор, Стелантис презема во логистиката
Тоа е заедничка инвестиција на концернот Стелантис (Фиат, Пежо, Ситроен, Опел) и на Липмотор, во компанијата што има седиште во Амстердам и во којашто концернот има мнозински удел од 51 проценти. Дополнително, Стелантис поседува и 26 проценти од акциите на Липмотор. Мрежата понатаму се шири со централата во Минхен, којашто почна да работи во март и учествува во развојот и усовршувањето на возилата на Липмотор, и за регионалните и за светските пазари.
Липмотор Интернационал, освен дистрибуцијата на возила и резервни делови, ги вклучува возилата на кинескиот партнер и во салоните на своите матични марки. Таков е случајот и со македонскиот пазар, каде што Липмотор во почетокот ќе биде изложен заедно со моделите на Ситроен во салонот на Автонова во Скопје. Тоа важи и за сервисирањето и за целата продажна и постпродажна организација.
Понудата уште од старт е релативно широка и вклучува четири модели. Влезот во марката го означува Т03, којшто е „историски“ дел од гамата, заедно со големиот СУВ-модел Ц10. Тој доаѓа од „напуштената“ класа од Европејците, во којашто некогаш владееја Ситроен Ц1/Пежо 106/Тојота Ајго, Фолксваген Ап/Шкода Ситиго/Сеат Ми, Форд Ка, а напуштена поради тоа што класата им беше неисплатлива за производство.
Липмотор со Т03 нуди електричен модел во сегментот што браншата масовно го напушти и сега сака што побрзо да го врати
Во истата таа класа, сега итаат електричниот Рено Твинго и неговиот пандан под знакот на Дачиа, како и цел иден бран од модели од новосоздадената класа М1Е, но е мошне веројатно дека Липмотор пак ќе ја задржи предноста. Со цената од 17.990 евра, Т03 како електричен автомобил одвај се разликува од моделите со обичен погон со МВС. Опременоста тука не е тема. Стаклен покрив како стандард става точка на таа тема.
Овој автомобил веројатно ќе наоѓа повеќе клиенти во компаниите, било да се работи за достава, сервисирање или каква било услуга. Автонова нуди и изведба што е приспособена како доставно возило, што значи дека и ДДВ отпаѓа. Според првичните информации, веќе се нарачани неколку примероци за фирми. Сите изложени возила при премиерата, патем, веќе имаа сопственици.
Најмногу се полага во СУВ-моделот од компакт класата, Б10, којшто се нуди и во класична електрична изведба – БЕВ, и во изведба со продолжувач на досег – РЕЕВ. Од неа се очекува да постигне најголема продажба во гамата, токму во изведбата како електричен автомобил со продолжувач на досег. Разликата меѓу класичната БЕВ и РЕЕВ-изведбата е во тоа што кај вторава, батеријата е значително помала, а тоа значи и покус досег, но откако ќе се поминат тие 80-на километри, Б10 РЕЕВ не мора веднаш да оди на полнач, туку возењето може да продолжи со користење на енергијата што ја произведува помошниот бензинец и со неа го напојува погонскиот електромотор.
Со РЕЕВ-погонот, Липмотор како сам да си воведе субвенции на македонскиот пазар, во хронично отсуство на залагање на државата за да им го олесни купувањето електричен авотмобил на граѓаните – и фирмите
Тоа е речиси генијален концепт, затоа што ослободува од главната грижа и главната сопирачка за луѓе да се решат за електричен автомобил, а тоа е прашањето дали по пат ќе се најде полнач и дали ќе има доволно енергија до него. Липмотор Б10 РЕЕВ пак ќе си служи електричен автомобил, затоа што во ретко кој ќе минува секој ден преку 80 километри и ќе ја исцрпува батеријата.
Покрај слободата во уживањето во електромобилноста, предноста е секако во цената. Автонова не предизвика помалку од одушевување, кога излезе со цени од 24.990 евра за БЕВ со досег до 361 километри, односно 26.990 евра за досег до 434 километри, и со цена од 26.490 евра за Б10 РЕЕВ. Мотото на Липмотор како да гласи, „ние ви нудиме електричен автомобил по цена на бензинец“, заедно со сé друго што Кинезиве сакаат да понуда повеќе.
Големиот СУВ-модел Ц10 е вистинскиот херој на Липмотор, затоа што одработе многу за марката, со постигнатата продажба. Тој му парира на БИД Сил Ју, со којшто ја сочинува главната кинеска двојка на европскиот пазар.
Ц10 е главниот бранител на боите на Лимотор на западноевропските пазари, тој се пробива за целата гама
Иако е цела класа над Б10, овој со цената пак останува на крајниот праг под звучната граница од 30.000 евра. Таа цена важи за автомобил со големина на Хјундаи Тусон, но тука се добива целосно електричен автомобил – или уште подобро, РЕЕВ изведба. Во моќноста и опременоста, Ц10 допрво бара дораснати противници. РЕЕВ изведбата стартува од 32.990 евра. Со поголема батерија, соодветно е подолг и досегот, па може да се смета на 150-на километри.
Гордоста на возачките и возачите на Липмотор ја брани врвната изцедба на Ц10, со втор погонски електромотор и погон на сите тркала, моќност од близу 600 КС и вчудоневидувачки спринт за четири секунди до темпо сто. Дури и во тој случај, Б10 Про Макс АВД пак останува под далеку 40.000 евра, каде што конкуренцијата не допира.
Најновиот модел во гамата е Б05, спортска комбилимузина со неколку посебности, и пак со сите предности што ги нуди Липмотор. Гаранциите за моделите на кинескиот специјалист за електричен погон важат за рок до 4 години или 100.000 километри, со гаранција од 8 години или 160.000 километри дека капацитетот на батеријата нема да опадне под 80 проценти.
Фабрики во Европа, модели што конкуренцијата уште само ги најавува
Мошне е турбулентно околу Липмотор, секако во позитивна насока. Стелантис дури најави модел што ќе ја користи техниката на кинескиот партнер и ќе се развива како модел на Опел. Кусо пред почеток на испораките на европскиот пазар е кросоверот Б03 Икс, позициониран меѓу Т03 и Б10, којшто ќе им парира на модели што уште се само во најава кај европските производители.
Липмотор ќе започне и со европско производство, со што ќе добие уште повеќе залет на пазарите во ЕУ, коишто се бранат со високи дополнителни царини за ЕВ од Кина. Во фабриката на Стелантис во шпанска Сарагоса, уште во текот на годинава ќе започне производството на Б10, а се преговата и фабриката во Мадрид да му се препушти целосно на кинескиот партнер.
Во меѓувреме, Липмотор јави дека има произведено над 1,5 милион електрични и хибридни модели досега. Во јуни, беше преземено и водечкото место меѓу кинеските стартапи со ЕВ/РЕЕВ возила, пред Шаопенг, Шаоми, Нио, Зикр и други звучни марки.
На Липмотор му успеа најголем скок во продажбата меѓу кинеските соперници
Според официјалната европска статистика, Липмотор до мај има испорачано 43.037 возила во Европа, ЕФТА и ОК, што претставува сензационален раст од 553 проценти во споредба со првите пет месеци лани. Со тоа, Липмотор продал повеќе од Хонда и Мицубиши.
Автонова е ексклузивен увозник за пазарите на Македонија, Србија, Црна Гора и регионот, и веќе изложуваше во тоа својство на салонот на автомобили во Белград пролетоска
Автонова стартуваше со продажба на Липмотор, поради субвенцциите прво во Србија
До македонскиот вебсајт на Липмотор















