Автонова стартуваше со продажба на Липмотор, поради субвенцциите прво во Србија

Кинескиот партнер на концернот Стелантис, со својата марка Липмотор, имаше едно од повпечатливите присуства на Салонот на автомобили во Белград. Увозник за регионот е македонската компанија Автонова, име што на домашната сцена се поврзува веднаш со марката Ситроен.

Липмотор Б10 имаше европска премиера на салонот во Париз во есента 2024 година

Тоа што го забележаа организаторите на БГ Кар Шоу во својот извештај од неодамна завршениот салон на автомобили во Белград, не е изненадување: „Најголемо внимание предизвикаа кинеските марки, коишто беа повеќе застапени отколку во претходните години. Исто така, електричните модели беа посебно барани, а овојпат беа претстасвени преку 70 модели.“

Истото го потврдија и во македонската компанија Автонова, којашто стана увозник за Липмотор за Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово. Белградскиот салон на автомобили беше регионална премиера за матичната марка на кинескиот партнер на концернот Стелантис, Липмотор.

Автомобилите на кинескиот специјалист за електрични и хибридни возила доаѓаат на европскиот континент преку компанијата Липмотор Интернационал, со седиште во Амстердам, коашто е во мнозинска сопственост на Стелантис и задолжена е за дистрибуцијата и сервисирањето.

Од компанијата ни потврдија дека возилата на Липмотор привлекле големо внимание меѓу публиката во соседната земја и дека сите возила изложени на салонот, биле продадени уште за време на самиот салонски настан.

Причината за големата заинтересираност токму за електричните и хибридните модели на Липмотор се субвенциите, односно помошта со којашто српската влада веќе со години го потпомага купувањето електрични автомобили во земјата. Србија е воедно и производител на возила од марките Фиат и Ситроен, вклучувајќи ги електричните изедби, во фабриката во Крагуевац.

Електрични автомобили во регионот: Удел 11% во Словенија, до 5.000 евра субвенција во Србија

На европскиот пазар, Липмотор во последното тромесечје од минатата година продаде прелу 17.000 возила и постигна пазарен удел од 2% на пазарот на батериски електирчни возила. Лани продажната мрежа на Липмотор се прошири во Хрватска, Унгарија, Чешка, Данска, Исланд, Ирска, Словачка, Словенија, Бугарија и Шведска. Годинава се придружуваат Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово, преку увозникот Автонова.

Сервисирање преку мрежата на марките на Стелантис

Салонската мрежа за „кинеската марка на Стелантис“ опфаќа преку 800 локации ширум Европа. Тоа што Стелантис го нуди како важна подршка, секако дека е понудувањето на својата сервисна мрежа, логистика и организација, за марката Липмотор.

Понудата од модели на Липмотор на српскиот пазар во моментов се состои од три моделски серии – електричното мини Т03 со цена од 17.490 евра за време на салонот, понатаму моделот од компакт класата Б10, со цена од 25.290 евра за електричната и 26.790 евра за изведбата со приклучен хибрид, како и за СУВ-моделот од компакт/средна класа Ц10, мошне популарен на пошироката европска сцена, а за време на салонот во Белград со цена од 31.490 евра за БЕВ- и 32.990 евра за ПХЕВ-изведбата, вклучувајќи го салонскиот попуст од 3.000 евра.

Меѓу силните адути на Липмотор пред традиционалните производители е достапноста на електрични модели со продолжувач на досег, односно со мал бензински мотор, што служи како генератор и ја полни батеријата, откако ќе се потроши првичната наполнетост на батеријата и возачот сака или мора да постигне независност од мрежата од електрични полначи.

За македонскиот пазар уште нема најави кога би почнала продажбата на марката Липмотор, меѓу другото и поради фактот што електричниот и приклучниот хибриден погон не добиваат каква било подршка од страна на државата, за на возачите и возачите да им се олесни купувањето возило со овој вид погон, и воедно да се охрабри пазарот да се движи во насоката, којашто е сосем извесно дека нема да се смени во иднина, туку само ќе се засилува, посебно имајќи ги предвид случувањата околу нафтата во регионот на Средниот Исток.

 

Претходна објаваОпел ја стави Астра на третман за разубавување
Следна објаваТесла ја качи продажбата, но пак е со најслаб квартал во изминатите 12 месеци

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here