Вкупната продажба на Волво во светот во вториот квартал е за 5,6 проценти зад ланскиот резултат, но тоа се состојбите што ги погодуваат сите големи марки од странство што продаваат во Кина.
Наспроти падот од 35 проценти во Кина, со 24.882 возила годинава во споредба со 38.320 возила во периодот од април до јуни, Волво бечежи раст од 2 проценти во Европа, како свој најголем пазар, со 104.259 возила во споредба со 102.565 возила лани.
Расте и продажбата на американските континенти, со 4% во плус и продадени 42.360 возила наспроти 40.676 возила лани.
Додека целата автомобилска сцена се соочува со најтешките предизвици во изминативе децении, Волво пријавува зголемена побарувачка за своите електрични автомобили, повеќе во Европа, а во одреден дел и во САД.
Швеѓаните испорачаа 14% повеќе електрични возила во второто тромесечје годинава во споредба со лани. Тоа е заслуга на постојаниот раст на својот најголем пазар, поширокиот европски пазар, каде што продажбата на ЕВ напредуваше 25 проценти, со 38.115 целосно електрични возила, наспроти 30.371 возила во истиот период лани.
Со јуни, Волво девет месеци во низа бележи раст во испораката на целосно електрични модели на светскиот пазар. Тоа се должи главно на силната продажба на Е Икс 30 и Е Икс 40.
Волво ќе ги увезува и продава автомобилите на Линк енд Ко во Европа
И покрај благиот пад во вкупната продажба, компанијата постигна долготраен напредок во примањето нарачки од европските клиенти во кварталот. Најголем интерес има за електричните автомобили, а посебно за новиот Е Икс 60, електричен пандан на најпродаваната моделска серија на Волво, Икс Ц 60. Удвоен е бројот на нарачки за компактниот СУВ модел Е Икс 30 во Европа.
„Имаме зголемена испорака и прием на нарачки за нашиот Е Икс 30, дури и на јужноевропските пазари што не се толку електрифицирани,“ соопшти Ерик Северинсон, комерцијален директор на Волво Карс.
Тест · Волво Е Икс 30 · Високо концентрирана форма на волвовство
Во второто полугодие ќе се зголеми производството на Е Икс 60
„Е Икс 60 ќе продолжи да го зголемува нашиот удел во растечкиот електричен сегмент и ќе продолжи да ги надминува очекувањата со силен наплив од нарачки,“ продолжува Северинсон. Тој очекува дека клиентите ќе покажат уште повеќе интерес за моделот, откако првите примероци ќе пристигнат во салон и ќе започнат испораките на нарачаните возила.
Електричните и хибридните модели учествуваат со 52 проценти во продажбата во вториот квартал. Во меѓувреме, и кинескиот пазар за Волво ќе почне да се враќа во форма, откако стартуваа испораките на приклучниот хибрид Волво Икс Ц 70.
















