Еден полн резевоар со „евтина“ нафта не менува многу, се штеди на подолг пат

Возачките и возачите повторно го активираат рефлексот да ги наполнат резервоарите во своите возила, поради поскапувањата и неизвесноста околу цените и снабдувањето со горива. Но, колкава е користа од тоа?

shell 10000 novi stanici
Слика: Shell

Вестите се полни со наслови за поскапувања на сировата нафта, за ограниченото пропуштање на танкерите низ завојуваниот регион на Средниот Исток, се шпекулира со огромен и непредвидлив скок на цените, со достапност на горивата воопшто. Меѓутоа, кога ќе се процени потрезвено, многу заштеда од чекање редици за резервоарот да се наполни навреме, не може да се постигне.

Цената на литар дизел во моментов (7-ми март 2026 година) изнесува 71 денари, според вебсајтот на Макпетрол. Под необврзувачка претпоставка дека цената некогаш би се зголемила за околу 20 проценти, литар дизел тогаш би чинел 85 денари.

Доколку возилото поседува резервоар со зафатнина од 50 литри, полнењето цел резервоар би чинело 3.550 денари по „стара“ цена. Наспроти тоа, доколку не се искористи моментот, да се наполни навреме, ќе мора да се смета дека за полнењето се потребни 4.250 денари. Разликата е само 700 денари. Толку чини целата непријатност и целиот притисок.

Секако дека штедењето е доблест и мора да се внимава на секој денар, меѓутоа еден резервоар и 700 денари заштеда во трошоците за гориво на годишна основа, не менуваат многу.

Уште една заблуда е дека навистина ќе се наполнат 50 литри. Повеќето возачки и возачи сигурно се решаваат да застанат во колона кога имаат уште четвртина гориво во резервоарот. Тоа значи дека сето чекање е за триесетина литри, а со тоа и за уште помала заштеда од тој „домаќински потфат“.

Со тие 50 литри дизел, во најдобро сценарио ќе се извозат околу 800 километри, а ако се гледа вистински, во тргни-застани сообраќај, со незагреан мотор, со пуштена климатизација, би се постигнале околу 700 километри.

Но, кога ќе се потроши и тоа гориво, пак мора да се оди на пумпа за точење гориво, а таму чекаат новите цени. Намерата да се заштеди со полнење канти за гориво, секако дека поврзува и опасности од пожар, при невнимавање.

Повеќе се штеди кога ќе се напушти станицата за точење гориво

Затоа, повеќе има корист од тоа да се размислува за менување на начинот на возење. А, начини за да се надомести за можното поскапување на горивата, има на сите страни. Секако, прво е внимавање околу стилот на возење, и почитување на правилата на штедливо возење. Возење со малку побавно темпо на автопат и отворен пат, може да изненади со огромна заштеда.

Оставањето на возилото на паркинг и малку одење пеш, добро е и за здравјето – доколку се оди подалеку од заглавените улици – и посебно е добро за паричникот.

Проблемот со паркирањето во Скопје, а веќе и во сите поголеми градови низ Макединија, не само што предизвикува непријатност и трошење време, туку сиот пат и сето кружење, додека се најде слободно место, значи и непотребно трошење гориво.

При барање паркинг се троши многу гориво непотребно

Затоа, некогаш е многу покорисно, ако возилото се остави подалеку, на место каде што човек може да биде сигурен дека ќе најде слободен простор, па нека биде тоа и платен паркинг, отколку да се трошат време и пари – за на крајот, автомобилот да се остави на недозволено место, со ризикот дека ќе го однесе пајак. Честопати, одењето пеш е побрзо отколку чекањето во автомобил, за колоната да појде, па да застане.

Уште една одлична можност за штедење, којашто честопати се занемарува, секако е изборот да се вози по спореден пат, место по автопат, каде што се плаќа патарина на секои дваесет километри. Насекаде низ Македонија постои можност да се избегне патарината, освен од Скопје до Велес, до срцето на земјата.

Патарината од 80 денари на Отовица, односно Сопот, не може да се избегне, поради тоа што патот преку Катланово со децении е запуштен и оставен е да пропаѓа, но затоа во сите други правци и насоки, постои можност да се вози по спореден пат, безбедно, па дури и со пониска потрошувачка, отколку на автопат. Од Скопје до Тетово, и понатаму до Гостивар, па Маврово, Кичево, Охрид, може да се се вози целосно без патарина. Истото важи и до Куманово. Уште едно „проблематично“ место е Свети Николе, до каде што нема можност по уреден пат, како до Тетово и Куманово, да се патува без дополнителни трошоци.

Тие претходно спомнати 700, односно реално петстотини денари, што би се заштедиле, се занемарливи во споредба со трошокот на гориво на годишно ниво, и посебно занемарливи во поглед на можноста за намалување на потрошувачката на гориво, преку менување на стилот на возење и малку одење пеш.

Велосипедите пак ќе се враќаат во форма. Постои и јавниот превоз, како суштинска предност на урбаното живеење, коешто кај нас одвај дека има заживеано повторно во последниве, веројатно три децении.

Еден тест што своевремено го направивме во Аутомедиа, за да ја покажеме разликата меѓу бавно и брзо возење

Тест на Аутомедиа: Колку корист од брзото возење?

Друга тема е општото поскапување што се заканува за сите производи и услуги, од леб, до кафе во ресторан.

Не е превидување и фактот дека секоја страна во овие времиња влече друга приказна и има корист од паниката и погрешното информирање. Не е сé вистина, тоа што ќе се слуша деновиве и по нив.

Претходна објаваКанада ќе им постеле црвен тепих на Корејците за да се градат фабрики за автомобили
Следна објаваАлфа Ромео лани ја зголемила продажбата за преку 20%

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here