
Главната причина за постојаниот тренд на зголемување во бројот на дефекти на возилата што доаѓаат на редовен технички преглед е стареењето на возниот парк. Повторно разочарува Тесла, со повеќе дефекти од која било друга марка.
Се влошува техничката исправност на возниот парк во Германија. Секое петто возило (21,5%) се враќа од редовниот технички преглед, со забелешка од контролорите за „значителни“ или „опасни недостатоци“. Тоа е резултатот од најновото истражување на здружението ТУВ и магазинот Ауто Билд.
Во споредба со минатата година, техничката исправност на возилата во најновиот извештај на ТУВ е намалена за 0,9 бод. Тоа е четврти пат во низа, како слабее исправноста на возилата во Германија, по историското „корона дно“ од 17,9 проценти во извештајот за 2022 година.
Според германските закони, возилата со значителни или опасни дефекти, мора итно да се однесат на поправка и повторно да се донесат на технички преглед во рок од четири недели. Покрај тоа, за 12,3% од прегледаните возила во станиците на ТУВ се наведени „мали дефекти“ (+0,8 бод). Само 66,1 проценти од возилата се „без дефект“. Последен пат, уделот на возила што се во беспрекорна состојба бил толку низок пред девет години.
„Јасен е негативниот тренд во поглед на техничката безбедност на возилата. Тоа го покажуваат техничките прегледи во изминатите десет години,“ кажа др. Јоахим Билер, директор на здружението ТУВ, при објавувањето на извештајот во Берлин,
Според Здружението, главната причина за зголемениот број дефекти е стареењето на возниот парк во Германија. Просечната старост во моментов е 10,6 години. За споредба, во 2015 година просекот беше 9,0 години.
Новиот извештај открива и поединости за електричните автомобили. Првпат се опфатени 18 електрични автомобили. Не се сите еднакви во поглед на издржливоста. Во категоријата на електрични возила стари 2 до 3 години, одлично се покажаа Мини Купер СЕ (3,5% дефекти), Ауди Ку4 е-трон (4,0%) и Фиат 500е (4,2 проценти). Сите се во Топ 10.
Во средината се популарните модели Фолксваген ИД.3 (5,5%) и ИД.4/ИД.5 (6,1%). Повеќе заостануваат Шкода Ениак (9,1 проценти) и Дачиа Спринг (13 проценти). На последното место од 110 електрични автомобили е Тесла Модел Ипсилон, со 16,1 проценти од возилата со значителни дефекти. Секоја петта Тесла е „расипана“. Тоа е највисок удел на дефекти во најмладата старосна категорија во последните 10 години.
Проблемите со техниката на Модел Ипсилон се првенствено во водењето на тркалата, во сопирачките дискови и во светлата. Не е многу подобра ниту Тесла Модел 3, којашто е само две места од дното, со 13,3% дефектни автомобили што дошле на технички преглед и регистрација. Модел 3 во претходните два извештаи беше последен во категоријата на старост меѓу 2 и 3 години. Модел 3 и Ипсилон навистина минуваат повеќе километри од просекот, со 56.000 и 55.000 км до првиот технички преглед.
Покрај конструкциските пропусти, проблем кај Тесла е сервисирањето и одржувањето
Билер коментира: „Возилата на Тесла покажуваат дека електричните автомобили одговараат за долги патувања. Но, возилата на Тесла и покрај тоа разочаруваат во извештајот на ТУВ. Другите возила со слични или поголеми километражи се значително подобри.“
Неколку модели покажуваат типични дефекти за електричниот погон. „Водењето на оските страда од високата тежина на погонската батерија, а сопирачките ретко се користат поради рекуперацијата,“ објаснува Билер. „Тоа може да предизвика дефекти кај сопирачките дискови, а постои и опасност дека дејството на сопирачките ќе попушти.“ Поради тоа, возачите треба да внимаваат почесто да ги оптоваруваат сопирачките.
Победник кај малечките возила е Мазда 2
Севкупен победник во извештајот на ТУВ за 2026 година е малечкиот автомобил Мазда 2. Контролорите на ТУВ утврдиле само 2,9 проценти дефектни возила стари меѓу 2 и 3 години. Тоа е помалку од кој било друг автомобил во извештајот.
Во останатите старосни категории убедуваат Фолксваген Голф Спортсван и Т-Рок (4 до 5 години), Мазда Ц Икс 3 (8-9 години), Мерцедес Б-Класа (10-11 години) и Фолксваген Туарег (12-13 години).
Во останатите класи, најниска квота на дефекти за возила стари 2 до 3 години, покажуваат Фиат 500е меѓу мини-автомобилите, Мазда 2 во градската класа, Серијата 1 на БМВ во компакт класата, во средната класа е најдобра Мерцедес Ц-Класа, најиздржлив СУВ е Фолксваген Т-Рок, додека кај вановите е најдобра Б-Класата на Мерцедес-Бенц.
БМВ изненади непријатно во две старосни класи
Во останатите старосни категории, покрај Тесла Модел 3 (2 до 3 години), заостануваат Серијата 5/6 на БМВ (4-5 години и 8-9 години), Дачиа Дастер (6-7 години и 10-11 години), како и Рено Клио (12-13 години).
Серијата 5, исто како останатите модели на марката, поседува активна хауба, заради заштита на пешаци. Амортизерот на хаубата мора да се менува на секои пет години, што честопати се изоставува. Билер го образложува резултатот на БМВ: „Покрај тој посебен ефект, Серијата 5 на БМВ има натпросечен број дефекти на карданското вратило, отстапувања во издувните гасови, а делумно двои и кај пружините и амортизерите.“
Со староста расте бројот на дефекти
Како што возилото старее, така и дефектите се зголемуваат. Ако при вториот технички преглед при старост од пет години, секое десетто возило не поминува на технички преглед, по 11 години секое четврто возило (22,%) има сериозни дефекти, а по 15 години секое трето возило е со дефекти што се причина за возилото да не добие печат.
Според статистиката, секое четврто возило во Германија (27,4%) е постаро од 15 години. Тоа се 13,5 милиони возила.
Сериозни дефекти што контролорите ги водат како „критични“ се протекување течност од сопирачките, лабави споеви во управувањето, скршени пружини. Тоа се 135.000 возила. Други 12.000 возила се водат како „опасни за пуштање во сообраќај“ и тие возила повеќе не може да се регистрираат. Околу 90 проценти од овие возила се стари 10 и повеќе години.
Првпат се доделува титула за „Долготраен квалитет“
Во извештајот за 2026 година првпат се извојуваат производители што во старосната категорија од 10 до 11 години имаат пониска стапка на дефекти што влијаат врз безбедноста.
Победник е Мерцедес, со просечна стапка на дефекти од 18,5 проценти, Следат Ауди (19,2%) и Тојота (22 проценти).














