Фолксваген се обезбеди со чипови, кај другите уште е неизвесно

Фолксваген обезбеди снабдување со доволна количина чипови за да го одржи производството, кажа Томас Шефер, извршниот директор на матичната марка на концернот.

Производство на Фолксваген Тигуан во матичната фабрика во Волфсбург, Германија.

Останатите производители и нивните добавувачи уште се соочуваат со кусок од чипови, којшто настана како последица од трговскиот спор меѓу Кина и Холандија, околу производителот на чипови Нексперија.

Шефер изјави на 18-ти ноември, дека најголемиот производител на автомобили во Европа извлекол поука од кризата со чипови, којашто следеше веднаш по пандемијата од ковид.

„Во моментов сме обезбедени“, кажа тој зад кулисите на настанот од браншата, на прашање околу кусокот од чипови од Нексперија.

Добавувачот Роберт Бош на 18-ти ноември соопшти дека уште се соочува со прекини во производството во три свои фабрики, поради што илјадници вработени работат во скусени смени или се пуштени на принуден одмор, и покрај тоа што се чинеше дека попушта трговскиот спор околу чиповите на Нексперија.

Кина и Холандија западнаа во спор, во борбата за преземање контрола врз Нексперија, откако холандската влада кон завршетокот на септември ја национализираше компанијата што е во кинеска сопственост и со седиште е во Холандија, стравувајќи дека технологијата на Нексперија ќе биде преземена од Кинезите.

На 19-ти ноември, холандската влада соопшти дека ја повлекува својата интервенција врз Нексперија, по успешните преговори со Кина.

Во соопштението, министерот за економија Винсент Кареманс кажа дека чекорот бил знак на добра волја.

БМВ ги поздрави „позитивните сигнали“ по објавата на соопштението, но напомена дека уште е нестабилна ситуацијата.

„Продолжува производството во нашите фабрики, но ситуацијата останува непредвидлива,“ изјави претставник од БМВ.

„Силно ги поздравуваме позитивните знаци од политичката сфера околу овој спор. Ние постојано ја следиме ситуацијата, но во моментов не можеме да излеземе со повеќе коментари.“

ЗФ не се решава да ги пушти работниците на принуден одмор

Од добавувачот ЗФ реагираат веднаш по Фолксваген на 18-ти ноември, наведувајќи дека засега нема потреба од принуден одмор и дека е обезбедено снабдувањето со чипови за следната недела.

„Благодарение на големите напори на нашиот интерен тим за итни случаи, успеавме да ја покриеме нашата потреба од микрочипови најмалку до средината од следната недела,“ кажа претставник од компанијата.

Принудни мерки нема да бидат потребни во ЗФ до завршетокот на месецов, „но не можеме да ги исклучиме во понатамошниот период,“ изјавија претставници на важниот германски добабувач.

Претходна објаваБи Уај Ди со двапати повеќе дилери во Европа во 2026 година
Следна објаваГермански ТУВ четврта година утврдува зголемен број дефекти кај возилата

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here