Преживување во средина во којашто возачи мислат дека дента можеби нема излезено пешаци на улица

Пешачкиот премин што Битлсите го направија славен и вечен. Кај нас пешачките премини се веројатно „вишок“. Фото: Peter Heeling

Пешаците, за жал на сосечувачите на бесценетите дрвореди на Климент Охридски, на Илинденска, на Гологанов, за жал и на несреќниците што ги оставија пешаците да си дишат во врат, додека се туткаат на пешачките острови што беа собрани на посрамувачка зона, за да се изградат градските автопати, уште постојат во овој град. Во Скопје, нели, метрополата, македонската гордост на уметноста на урбаното живеење.

Зошто возачи во оваа средина уште се наоѓаат изненадени или можеби и увредени, кога тие спокојно ќе си продолжат по пат, додека сите возила околу запираат од некоја причина, само поради некој пешак што се дрзнал дента да се движи по улица, на пешачки премин? Пешаците се веројатно само пречка во оваа средина, што скопјаните, од малку пред и по земјотресот, денес со резерва и со резигнација избегнуваат да ја спомнуваат по име.

Истата таа сорта возачи, ако има и најмалку простор за тоа, не се воздржува да земе да престигнува кога некој ќе запре да пропушти пешак. И нормално, некој пешак ќе подзаборави на идиотите зад волан, или верува дека ова уште е град, па ќе побрза на преминот, само за да се најде очи во очи со крвникот што веројатно би си продолжил право. Што штета може да направи еден пешак!

Тоа се случува насекаде, и на Рекорд, и кај Палма. Што толку се смени во природата на возачите? Одговорите се во чудниот начин како луѓе го доживуваат градот, во преефтиното возење автомобил – во секоја негативна и посредна смисла на ефтино – па и во аристократската титула што некои возачи си ја земаат како стекната, кога ќе седнат во благородните премиум лимузини и не-теренци, донесени евтино од плацевите од таа страна на Пиринот.

Оваа средина ретко ти дава да се докажеш на твоето поле, меѓутоа кога ќе седнеш зад воланот на Ауди или Бемве од плац со користени автомобили пред отпад, цел свет е твој пет минути. Можеби дваесет минути, можеби цел ден, којзнае, никој не успеал да одгатне дали сиот тој метеж по улиците е од луѓе што навистина треба да се одвезат некаде, или само се возат низ град, мерат улици. Евтино е.

Во тие пет минути, секако дека овие терачи на луксузот по дисконтна цена, нема да се воздржуваат да ја изживеат својата автомобилска аристокрација со панаѓур манири. А, тоа, за жал, значи и непризнавање на достоинството на човек како пешак. Или можеби и ќе им запрат, ако на пешаците околу вратот им виси лацец со предименизониран знак од автомобилот што им е паркиран стотина метри подолу, или им стои во гаража?

Овие идиоти, коишто средината навистина треба да почне да ги третира како идиоти, затоа што ни го загрозуваат постоењето, нема да разберат што порачуваат овие неколку реченици. Но, можеби некогаш ќе ни се посреќи, тоа што на сите ни е очигледно, конечно да ѝ стане видливо и на нашата хероина во чувањето на човечкото достоинство, на полицијата. Кој уште видел како полиција запира возило, на соодветен начин секако, затоа што возачот загрозил некој пешак. Некогаш едноставно станува предоцна да се реагира.

Претходна објаваГерманската индустрија незадоволна од царинската спогодба меѓу ЕУ и САД
Следна објаваПежо со две нови нивоа на опременост, ставки од ексклузивни верзии со ценовна предност

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here