Електричните автомобили се поскапи и уште е скромна понудата од достапни модели, а полнењето трае долго и нема полначи зад секој агол. Кинескиот производител Донгфенг со својот Бокс го исклучи прашањето околу цената: 22.990 евра во врвната изведба и илјада евра помалку во незначително помалку опремената изведба. Овој електричен автомобил се продава по цена на добро опремен градски модел со бензински мотор. Што друго има тој да понуди, освен цената? Тест.
Кога ќе го видите Донгфенг Нами Бокс на улица, тоа е несекојдневен автомобил. Формата е различна, дизајнот на светлата е посебен, изненадуваат деталите што се невообичаени и скапи за кола со оваа големина. Бојата на тест-автомобилот настрана. Производителите од Кина прво ни се чинеа премногу храбри со боите, за со текот на времето да се сетиме на историските поглавја со кинеската свила, со порцуланот, со доживувањето кога ќе се влезе во кинески ресторан.
Меѓутоа, не е сé само боја. Има нешто повеќе и под површината. Бокс е долг 4,02 метри, исто колку Голф Тројка од пред три децении. Разликата во ширината е зачудувачка. Додека на времето ни биле доволни 1,7 метар ширина за семеен компакт, денешниов градски модел на Донгфенг мери 1,81 метар во ширина. Згора на тоа, Бокс е висок 1,57 метар, тоа исто така додава 10 сантиметри. Во сите правци е додадено, колава изгледа како да е зумирана за десетина проценти.
И просторноста одговара. Напред се ужива и во дотерана средина и во просторен раскош, што прават човек веднаш да заборави колкав е овој автомобил навистина. Дури и во вратите е изведено вдлабнување за уживателски да се испружи лакт, иако вдлабнувањето би требало да продолжи уште малку наназад. Вратите се обложени со истиот материјал како во кокпитот, што личи и се чувствува како кожа, што е штепуван во отмена каро жара и примерно е изработен. Дизајнерите како да зеле пример од некоја британска марка за аристокрацијата.
Вратите без рамка на прозорците се влез во различниот свет на Нами Бокс
Вакви врати без рамка на прозорците, во класата има само кај Мини. Тоа само уверува, колку Донгфенг е доследен да понуди нешто што навистина се разликува од нормата, во класата за којашто производителите се сé помалку заинтересирани, уште од времето пред ковид и чип-кризата. Токму настојувањето да се изгради автомобил со различен карактер е тоа што плени во Бокс.
Дури потоа човек станува свесен дека овој досега најмалечок Донгфенг на македонскиот пазар е електричен автомобил. Со батерија од 42,3 кВч, според светската норма, се минуваат до 310 километри. Тоа е мошне остварлива должина на пат. Постои причина, зошто кинескиот производител постигнува толку „бензинска“ цена за својот ЕВ. Причината е: Батерија со хемија литиум-железо-фосфат. Тоа пак е литиум-јон батерија, меѓутоа разликата е во тоа што анодата во секоја ќелија е изработена од литиум-железо-фосфат, додека кај класичниот пристап, за нејзина изработка се користат благородни и скапи метали, како кобалт, манган, никел.
Истата хемија на батеријата ја користат Тесла и БИД
Јасно е каде лежи разликата. ЛФП-батеријата на Нами Бокс е поевтина. Единствен заостаток во споредба со класична литиум-јон батерија е во тоа што енергетската густина е поголема. Тоа значи, за ист капацитет, батеријата треба да биде малку поголема. А, како што светот се увери сега со Бокс, нема причина за паника. Уште поспокојно е кога ќе се земе предвид дека и Тесла Модел 3 и Ипсилон, во основните изведби, исто така користат ЛФП. Истото важи и за новиот гигант БИД. За возврат, овие батерии се посигурни и потрајни.
За последново, трајноста, постои огромна заблуда на сцената, затоа што масовно се верува дека батеријата ќе трае сé додека важи гаранцијата. Вистината: Гаранцијата се однесува на осигурувањето, дека најмалку 70 проценти од капацитетот на батеријата ќе се задржи по пет, осум, десет години.
Осумгодишна гаранција на батеријата
Така пропишуваат хомологациските норми што важат глобално, за сите марки и сите електрични модели. А, тоа значи и дека ЕВ може спокојно да се вози и по 20 и повеќе години. Во случај да се оштети батеријата, се менува само ќелијата што е оштетена. За недовербата во е-автомобилите во голема мерка придонесе и самоволието на Тесла, којашто на сопствениците им заменуваше цела батерија, па во одреден период вградуваше и неквалитетни електромотори. Замена на оштетени или дотраени делови исто така е мисловна именка кај марката на Илон Маск. Тоа се дамки што се однесуваат само на Тесла, тоа е штетата што чудниот производител од САД ја нанесе за целата сцена на електромобилноста.
Назад кај симпатичната Нами Бокс. Просторноста е одлична, дури и на задната клупа, багажникот со 326 литри е сосем пристоен, единствено е малку потесно меѓу поткрилата, опременоста е како во лимузина од средна класа – со електрика за возачкото седиште, меморија и повлекување на седиштето наназад за полесно седнување – па мора да се признае и убедливата изработка на возилото во целина. Во стоење, Нами Бокс на кинескиот производител во државна сопственост Донгфенг, личи како мошне убедлива понуда. Како вози?
Батеријата долу во подот и ниското тежиште прават темпераментен автомобил од Бокс
Најголемиот „проблем“ е во тоа што Донгфенг Нами Бокс вози пристојно. Како што човек ќе почне да се потпира на својот електричен автомобил во секојдневието, нема да биде тешко да се признае дека Боксов вози дури и одлично. Со електромотор со моќност од 70 киловати (95 КС) и вртежен момент од 160 њутнметри, Бокс забрзува до 12,5 секунди до темпо сто, а уште поубедлив е во градски сообраќај, кога благодарение на електричниот погон повлекува прв од семафор.
За видео-материјалот што е основа на секој тест на Аутомедиа, беше избрана една рута што е далеку од секојдневието. Од Скопје со возеше до Рудина, од каде што се пружа една од најживописните глетки кон езеро Козјак, потоа преку Сопиште и Припор назад до Скопје, следно искачување преку Нерези до Свети Пантелејмон, оттаму до Средно Водно, па до Катланово и мостот на Пчиња пред Бадар. Во Скопје, Бокс се врати спокојно со стотина километри досег, по осум часови во непрестано возење.
Доколку секој ден се вози по 300 километри, тоа би биле преку 100.000 километри за една година. Реалноста е друга
Намерата беше да се покаже колку навистина е неважен податокот за максималниот досег од 310 километри. Доколку секој ден се вози, на пример, од Скопје до Охрид и веднаш назад, тоа би било мошне неизвесен потфат и човек со право ќе се праша дали Нами Бокс е вистинскиот автомобил за таков живот. Во вистинското секојдневие, секако дека е далеку од тоа да се вози по 300 километри од ден на ден. Со таква динамика, за една година би се поминале преку 100.000 километри. Реално, автомобилите ги возиме во просек (според статистиката на ЕУ) по 40 километри дневно.
Сé останато е неважно, ако е проблем батеријата да се полни. Основното правило на електромобилноста: Кој сака електричен автомобил, мора да си обезбеди начин на полнење. Станиците за полнење се скапа услуга и служат главно при патување. Електромобилноста значи поставување полнач во гаража, или во некое нереално сценарио, пред зграда, или барем располагање со заштитена приклучна кутија за струја, народски шуко-штекер.
Цената, техничките податоци и опременоста на Нами Бокс во нашиот каталог Автосалон МК
https://avtosalon.mk/listings/dongfeng-box-launch-edition/
Во друг случај, ќе беше лудост да се помисли дека штекер е доволен. Меѓутоа, Бокс прави токму тоа да е неговата најголема доблест. Од стотина километри преостанат досег, Нами за помалку од три часови ќе достигне наполнетост од 80 проценти. Со два часа екстра, ќе се дојде и до целосна наполнетост и досег од преку 300 километри на располагање. Колава го постигнува тоа благодарејќи на моќниот, а тоа значи и скап сопствен полнач, што е вграден во самото возило и располага со моќност од 6,6 киловати.
На брз полнач со еднонасочна струја, полнењето ќе се одвива со моќност од 88 киловати, и батеријата од 30% ќе се наполни на 80% за триесетина минути. Тоа е вистинскиот триумф на Нами Бокс.
Не само досег и брзо полнење колку соперниците, туку и предизвик да се направи подобриот електричен автомобил од нив
Донгфенг со својата марка Нами што е специјализирана за достапни електрични модели, не создаваше автомобил што ќе биде ист со останатите, туку да биде подобар од нив. Тоа секогаш носи ризик, меѓутоа на Нами му успеа да убеди дека карактерот што го поседува нивниот Бокс е вистинскиот што ни е потребен во секојдневието. На Кинезите не им беше важно да понудат (само) доволно долг досег и разумно брзо полнење, за да бидат во чекор со конкуренцијата, туку се впуштија во дополнителен предизвик, Нами да биде дизајниран свежо, изработен примерно, како една малечка луксузна средина во којашто ќе обожувате да ги поминете тие неколку часови во денот. Најважното од сé: Брзото полнење на обичен приклучок.















