
Во рамките на презентацијата во фабриката во Берлин, човековиден робот со име Аполо ги поздравуваше новинарите, мафтајќи им, за брзо потоа да почне со прикажување на своите вештини при извршувањето на неколку едноставни задачи.
„Околу 2030 година ќе имаме барем неколку хуманоидни роботи во производството,“ кажа директорот за производство Јорг Бурцер за време на презентацијата на 18-ти март.
Проектот на Мерцедес е доказ дека производителите на автомобили и останатите производствени индустрии почнаа да испробуваат начини, за во поголем обем да вклучат алатки што користат вештачка интелигенција (АИ). Хуманоидниот робот има предност што може да работи во секаква средина, може да научи да извршува човечки задачи и по потреба може да го смени работното место.
Во следната видео-демонстрација, Аполо седи на работна клупа и составува едноставен дел, за на крајот да подигне палец по успешно завршената работа.
Повеќе производители на автомобили, како Хонда, Киа и БМВ, имаат експериментирано со хуманоидни роботи, за задачи со постојано повторување на една иста операција. Тие може да се користат при опасни работни задачи или мачни зафати, меѓутоа ниту еден од овие производители досега нема применето такви роботи во посериозен обем.
Шефот на Тесла, Илон Маск, лани во април даде прогноза дека роботот на Тесла, со име Оптимус, би можело кон завршетокот на годината да почне да работа во фабрика, но во меѓувреме нема вести за евентуален напредок во таа насока.
Исто како големите стационарни роботи што во последните неколку децении го презедоа заварувањето на автомобилските каросерии, лакирањето и други процеси, се очекува дека и хуманоидните роботи ќе ги преземат работните задачи што се повторуваат или се опасни, најави Бурцер.
Мерцедес на настанот прикажа кус филм, во којшто хуманоидниот робот му додава дел на работник на линијата за монтажа, и уште еден филм во којшто подигнува тешка метална корпа.
Роботите грешат помалку
Бурцер ја замислува иднината на првите хуманоидни роботи во нивно ангажирање како помошни работници во т.н. зони на преземање. Тоа се подрачја во којшто се доставуваат деловите блиску до монтажната линија и од каде што ги преземаат мали машини што се движат самостојно, наречени АГВ, кусо од Аутомејтед Граунд Виаклс, односно автоматизирани возиола што се движат по земја. Денес таа работа ја обавуваат луѓе, меѓутоа Бурцер напоменува дека некогаш е тешко да се најдат луѓе за тоа.
„Зоната за преземање е многу комплексна,“ објаснува директорот, додавајќи дека работниците некогаш преземаат погрешен дел или го доставуваат до погрешна локација. „Можете да поставите хуманоиден робот да ја обавува работата на помошните работници, за да се смалат грешките и да се зголеми ефикасноста.“

Мерцедес вложува ниска двоцифрена милионска сума во Аптроник, производителот на Аполо. Компанијата за хуманоидна роботика е основана во 2016 година во рамките на Лабораторијата за човечки заснована роботика при Универзитетот на Тексас, во Остин. Аптроник во декември се здружи со Гугл ДипМајнд, со цел да вклучи напредна АИ во своите роботи.
Роботите можат да им помагаат на постарите работници во фабрика
Мерцедес ја тренира вештачката интелигенција на Аполо, за тој да извршува задачи што се рутински во една автомобилска фабрика. Способноста на Аполо да состави едноставен дел е пример дека АИ со соодветен тренинг може да го движи роботот, за тој да извршува задачи што дотогаш ги извршувал човек.
Аполо се тренира далечински од страна на човек што ја извршува задачата, за АИ на тој начин да го научи процесот и да стекне вештина, за потоа самостојно да ја извршува истата задача.
За да го прикаже овој процес на учење, работник во Мерцедес, со ставени очила за виртуелна реалност, го управуваше Аполо да користи електричен алат за да постави завртки во пластична облога. Управуван од работникот, Аполо го презеде електричниот одвртувач од друг работник и ја заврши задачата, и потоа му го врати одвртувачот.
[the_ad id=”85764″]
Директорите на Мерцедес ценат дека предноста од користењето на АИ на овој начин е во тоа што човечките работници се поштедуваат од мачни задачи што можат да предизвикаат повреди. Тоа ќе овозможи повозрасните работници да работат порастоварено, со што ќе им се продолжи нивниот работен век, а тоа е клучно за германското општество што старее. Примената на роботи ќе им овозможи на квалификуваните работници да се посветат на други предизвици во својата работа.
„АИ презема задачи што во коишто обично не се ужива и тоа ни дава време да се посветиме на вистински иновации, на креативност и на активности за создавање дополнтителна вредност,“ открива директорката за информатика во Мерцедес, Катрин Леман.
Хуманоидните роботи исто така можат да учествуваат во зголемувањето на ефикасноста и продуктивноста, додека работниците не се на смена или прават починка.
„Едно е сигурно“, вели Бурцер, „тие не пијат кафе.“















