Џагјуар Ланд Ровер со рекордна добивка откако САД ја заменија Кина како најголем пазар

Џеј Ел Ар во последното тромесечје постигна оперативна маржа од 9 проценти, за којашто производителот соопшти дека била највисока маржа во изминатата деценија. За зголемената профитабилност на компанијата помогна растечката побарувачка за моделите на Рејнџ Ровер, Рејнџ Ровер Спорт и Ланд Ровер Дефендер, на коишто се постигнува повисока маржа.

Оперативната добивка на компанијата во последното тромесечје од минатата година се смали за 17 проценти на 523 милиони фунти (околу 626 милиони евра) во споредба со истиот период една година порано, поради повисоките трошоци за потпомагање на продажбата, односно попусти и промоции. Целата автомобилска бранша мораше да дава поголеми попусти во минатата година, за да ја поттикне продажбата, поради тоа што високата инфлација ја смали купувачката моќ.

„Не сме имуни на условите на пазарот,“ изјави директорот за финансии на Џеј Ел Ар, Ричард Молино, при претставувањето на деловните резултати на Тата Моторс, каде што припаѓа британскиот производител.

Трошоците за покривање на гаранциите симнаа 163 милиони фунти од вкупниот износ на добивката, соопшти компанијата. Молино оценува дека за тоа најмногу влијаеше зголемената продажба во САД, „каде што трошоците за исплата на гаранциите се високи.“

САД ја престигнаа Кина како најголем пазар на Џеј Ел Ар во светот

Светската продажба на Џеј Ел Ар во последното тромесечје порасна за 2,6 проценти, на 106.334 возила. Производителот имаше голем раст во продажбата во Северна Америка, но тој раст не надомести за намалената побарувачка во Кина.

САД ја престигнаа Кина и станаа најголем пазар на Џеј Ел Ар во светот во последните три месеци од минатата година, со продадени 35.750 возила и раст од 43 проценти. „Нашите марки, посебно Рејнџ Ровер и Дефендер наидуваат на голем интерес меѓу купувачите во САД,” кажа Молино.

Молино демантираше дека продажбата била поттикната за да се избегнат царините што претседателот Трамп најави дека ќе ги воведе за увоз од Европа. Тој сепак посочи на загриженоста на Џеј Ел Ар, околу тоа што пазарите ширум светот сé повеќе поставуваат пречки за увозот. „Загрижуваат царините и прогресивното уништување на слободната трговија во светски размери“, кажува директорот.

Кина стана тежок пазар окако купувачите трошат помалку на луксузна стока

Продажбата во Кина се намали за 25 проценти, на 20.832 возила, откако купувачите на луксузна стока повеќе не можат да трошат исто како пред падот на вредноста на недвижнините. Во поглед на продажбата кон дилерите, Кина учествува само со 9 проценти во вкупниот промет на Џеј Ел Ар, во споредба со 15 проценти во истиот квартал една година порано. „Тоа е многу тежок пазар“, посочува Молино.

Џеј Ел Ар успеа да избегне поголем пад во маржата на добивката, под влијание на намалената продажба во Кина, како што тоа се случи со германските премиум ривали БМВ или Мерцедес-Бенц, затоа што продолжува да се сосредоточува на модели што носат повисока маржа. Рејнџ Ровер, Рејнџ Ровер Спорт и Ланд Ровер Дефендер учествуваа со 70 проценти во продажбата во минатиот квартал, во споредба со 62 проценти една година порано.

Најпродаван модел на ЈЛР во трите месеци беше Дефендер со 28.321 примероци и пад од 1,7 процент. Следи Рејнџ Ровер со раст од 42 проценти и продадени 22.134 возила, додека трет е Рејнџ Ровер Спорт со продадени 17.402 возила или раст од 5,9 проценти.

Џеј Ел Ар продаваше главно модели со класичен погон. На приклучни хибриди и целосно електрични модели отпаѓаат само 16 проценти од продажбата во тромесечјето.

ЈЛР го прекина производството на својот единствен целосно електричен модел, Џагјуар Ај-Пејс, како дел од целосното реструктурирање на марката Џагјуар.

Џагјуар Тајп 00 беше прикажан во Мајами на 2-ри декември

Компанијата во ноември ќе почне со продажба на Рејнџ Ровер Електрик. Помал ЕВ базиран врз новата платформа ЕМА ќе почне да се продава во средината на 2026 година. Првиот нов Џагјуар со електричен погон, најавен со концептот Тајп 00, исто така ќе се појави во салоните во 2026 година.

Претходна објаваМерцедес се приклучи во тужбата на Гили против царините за кинески ЕВ во Унијата
Следна објаваКако влијае студот врз батеријата: Електричен Мерцедес издржува најмногу

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here