Џагјуар преку концептот Тајп 00 го покажа правецот во којшто го движи дизајнот

Џагјуар Тајп 00 беше прикажан во Мајами на 2-ри декември

Шефовите на ЈЛР се убедени дека концептниот автомобил што во Мајами беше прикажан во мајами розова и лондон сина боја, ќе ги смири критиките откако компанијата во ноември објави најавно видео. Во тоа видео беа прикажани низа андрогени модели и фрази како „креирај бујно“, „живеј живописно“, „избриши го обичното“ и „скрши ги калапите“.

Надвор од тоа, во ЈЛР се надеваат дека Тајп 00 (зеро зеро) ќе ги заскокотка купувачите на ултралуксузни производи за новиот правец во којшто се движи дизајнот на британската марка. Тоа се купувачи што во возниот пар имаат Астон Мартин, Бентли, Мерцедес-Мајбах, вредни од 150.000 до 200.000 долари.

Новите модели на Џагјуар ќе почнуваат од околу 130.000 долари, што е двојно повеќе во споредба со досегашната понуда од модели. Единствен што уште се произведува е СУВ-моделот од средната класа Ф-Пејс, останатите модели се чуваат во залиха и оттаму ќе се покрива побарувачката за нив.

Слики од Тајп 00 се појавија уште пред службеното деби во Мајами, што се случи на 2-ри декември во осум часот вечерно време, како дел од тамошната Уметничка Недела. Џагјуар се надева дека на настанот ќе привлече нова публика за препороденото поглавје на иконската британска марка на спортски и луксузни автомобили, со новиот дизајн и стилот.

Гран-туризмото со четири врати ќе биде првиот нов Џагјуар што ќе го примени дизајнот прикажан во Мајами, преку Тајп 00. Сериската изведба на ГТ ќе биде прикажана кон завршетокот на следната година и се очекува продажбата да отпочне за 18 месеци отсега.

По примерот на Тајп 00, ГТ исто така ќе поседува долга хауба како историските модели на Џагјуар, од ковот на И-Тајп (произведуван 1961-75) или Икс Џеј Ес (од 1975 до 1996). Освен тоа, во дизајнот одвај дека постојат сличности меѓу новата генерација на ултралуксузни Џагјуари со целосно електричен погон и речиси сите модели од минатото на компанијата.

Колковите како на дива мачка, овалната маска, испакнувањата по хаубата и останатите обележја на дизајнот на класичните Џагјуари, коишто беа дел од генот на марката во изминатите 70 години, отсуствуват целосно. Дури и буквите во исписот на името Џагјуар се нови. Британците создадоа нов фонт за целосно да се ослободат од своето 90-годишно минато.

Снимката од свеченото претставување на Џагјуар Тајп 00 во Мајами

Начелото за дизајнот на Тајп 00 и за трите нови Џагјуари што ќе бидат лансирани до 2030 година, потекнува од замислата на Вилијам Лајонс, основачот на компанијата. Неговата основна замисла за марката е, секое возило што ќе го носи знакот на Џагјуар, да биде „копија на ништо“.

Радикален нов почеток дизајниран да ја одбележи новата ера

„Тајп 00 е чиста експресија на новата креаторска филозофија на марката Џагјуар. Таа има непогрешлива појава. Тоа е резултат од храбро креативно размислување, без ограничувања, и најцврста решителност,“ порачува во соопштението Гери Мекгауерн, директор за креатива на ЈЛР. „Тоа е нашата прва физичка манифестација и основачки темел за новата фамилија Џагјуари што ќе изгледаат различно од сé што имате видено, визија што цели кон највисоко рамниште на артистичко делување.“

Мекгауерн ги раководи студијата за дизајн на ЈЛР нешто подолго од пет години. Во својата долга кариера во ЈЛР и во компаниите пред тоа, тој честопати се соочуваше со контроверзи. Но, се покажуваше дека неговата визија многу почесто е правилна, отколку што е погрешна.

Пример за тоа е Ланд Ровер Дефендер, што при појавувањето во 2019 година, со својата аеродинамички заоблена каросерија, ги разлути фановите на класичниот коцкест изглед на култниот модел. Но, ЈЛР оттогаш трипати ја зголеми продажбата на цврстиот теренец и двојно ја зголеми цената по којашто тој се купува.

Најновиот стилски пристап на Мекгауерн, „редукционизам“, се прикажува кај тековниот Рејнџ Ровер. Тоа е најизвезуваното луксузно возило од Велика Британија. Примероци од Рејнџ Ровер што се изработуваат по посебна нарачка, достигнуваат цени и до 300.000 долари. Под раководство на Мекгауерн, редукционизмот го отстранува вишокот во дизајнот и ги нагласува чистите линии, се повикува на рамнотежа на пропорциите и светкавите детали ги сведува на минимум. Кај Тајп 00, редукционизмот се соединува со тоа што Џагјуар го води како „буен модернизам“.

Купето со низок покрив не користи хром или какви било светкави детали што немаат функција. Рачките во вратите се сокриени, светлата се тенки изрези, а нема ниту заден прозорец.

Фабричкото видео со сите подробности околу изгледот и функционалноста на Џагјуар Тајп 00

 

Бујните и набабрени задни крила сокриваат огромни тркала од 23 инчи и мазно преоѓаат во линијата на покривот. Вратите се отвораат нагоре. Логото на Џагјуар, прочуениот „липер“, исто така е редизајнирано и гравирано е ласерски на месингани плочки што се поставени странично на возилото. Кога се потребни камерите, „липерите“ се извлекуваат и камерите се вклучуваат автоматски.

Главната дизајнерска тема кај Тајп 00 е т.н. Стрикетру, пречкртано. Тоа е низа од 16 верикални линии што се појавуваат на маската, во опашот, на тркалата и насекаде.

Атмосферата во внатрешноста може да се смени со поставување на еден од трите „тотеми“

Внатрешноста на Тајп 00 е уште поскромна, со два преклопливи екрани и без видливи копчиња или прекинувачи. Средишниот „’рбет“ поаѓа од задниот дел на возилото, ги двои двете предни седишта и завршува во арматурната табла.

Внатрешоста може да се изведе во еден од трите начини што во моментот најдобро ќе се совпаднат со расположението на возачот. Тајп 00 има три „тотеми“ – месинг, траверин и алабастер. Кога тотемот ќе се постави во средишната конзола, целосно се менува осветлувањето на внатрешноста и звуците за дисплејот, што исто така ја менува графиката. Со секој тотем се ослободува и различен мирис во кабината.

Уште е неизвесно, во колкав обем стилот на Тајп 00 ќе се пренесе во ГТ и во двата Џагјуари што се планирани по него. Едниот е СУВ со три реда седишта, а другиот ќе биде или спортски автомобил или голема луксузна лимузина, што ќе биде осмислена да се користи со најмен шофер.

На презентацијата пред новинарите што во ноември се одржа во седишптето на ЈЛР во Англија, Глоуер кажа дека препородениот Џагјуар ќе задржи само мал дел од сегашните клиенти. Тој напомена дека директорите на ЈЛР очекуваат само 10 до 15 проценти од сегашните сопственици на Џагјуар да купат некој од новите модели. Откако ќе се лансираат сите три модели, Џагјуар смета да продава по 50.000 возила годишно.

Околу техничките податоци на Тајп 00 и ГТ се знае малку, од Џагјуар единствено кажуваат дека ГТ треба да има 1.000 КС. Досегот би требало да изнесува околу 690 километри, со способност за енергија за преку 300 километри да се наполни за само 15 минути. Британците наведуваат и дека ГТ ќе биде најсилниот модел на Џагјуар што е произведен во серија.

Во целосното збогување со минатото спаѓа и сосем новата платформа за моделите на Џагјуар, што се води како JEA и таа нема да се дели со Ланд Ровер и Рејнџ Ровер.

По завршувањето на Уметничката Недела во Мајами, на 8-ми декември, ЈЛР планира Тајп 00 да го пушти на пат. Тој има две задачи: Да ја претстави возобновената марка Џагјуар и да привлече нови купувачи, и марката да ја држи актуелна по медиумите, додека се појави сериската изведба на ГТ.

Претходна објаваКинески Скајворт ќе продава достапни електрични автомобили во Европа
Следна објаваКиа во ноември продаде рекорден број возила во САД

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here