Како влијае студот врз батеријата: Електричен Мерцедес издржува најмногу

Понудата од електрични модели расте постојано, им расте и досегот, а има напредок и во полнењето. Но, електромобилноста и натаму се соочува со предрасуди.

Меѓу главните предрасуди коишто се поврзуваат со електричните автомобили спаѓа убедувањето дека со нив не може да се патува далеку и дека студот значително им го скусува досегот.

За да докаже колку навистина студот им го смалува досегот на електричните автомобили, европскиот клуб АДАК, како и многупати досега, провери како електричните автомобили се однесуваат при ниски температури и при возење со брзина за на автопат.

Најновото тестирање на АДАК опфати 25 возила. Во специјалната лабораторија за тестирања од областа на електромобилноста беше симулирано зимско возење од Минхен до Берлин. Начинот на тестирање е објаснет во завршетокот на текстот.

Нема двоумење околу победникот на тестот: Мерцедес-Бенц Е Ку С 450+. Тој мина растојание од 582 километри без запирање за батеријата да се дополни. Тоа што дополнително остави впечаток е најниската потрошувачка на тестот, со вредност од 20,4 киловатчасови на секои 100 километри. При користење брз полнач, за 20 минути се полни енергија за повеќе од 300 километри. Со тоа, Е Ку С ја заслужи највисоката оцена, „одлично“. На второто и третото место се Порше Тајкан и Лусид Ер, што исто така се покажаа одлично на тестот.

Автомобилите што се на првите три места и со тоа постигнуваат најголем досег, чинат скапо. Сите три модели се од луксузниот сегмент. На 4-то и 5-то место сепак следат модели што исто така се способни за патување далеку и чинат 59.000 евра (Тесла Модел 3), односно 45.000 евра (Фолксваген ИД.7). Двата модели се доказ дека електрични автомобили со долг досег се нудат и во малку подостапниот ценовниот сегмент. Тие нудат долг досег при ниска потрошувачка и убедуваат кога треба да се патува далеку, при ниски температури.

Последните места им припаднаа на МГ4, на Пежо е-3008 и на Волво ЕЦ 40. Потрошувачката што е за 40 до 50 проценти повисока во споредба со победникот на тестот, како и подолгото времетраење на тестирањето, ја ограничуваат применливоста во зима.

Со ова тестирање се докажа дека електромобилноста исто така е применлива во секојдневието кога температурите се ниски и се патува далеку. Сепак постојат големи разлики, коишто можат да влијаат при решавањето околу најдобриот избор. Според очекувањата, постојат разлики меѓу тоа што го наведуваат производителите и меѓу досегот во реалноста, кога се вози по автопат при нула степени.

АДАК ги повикува производителите, за своите електрични автомобили да ги наведуваат не само вредностите според пропишаниот ВЛТП-циклус, туку и во посложени услови, како студ и возење со нормална брзина по автопат.

Само на тој начин, купувачите ќе можат да проценат реално, кое возило вистински одговара за нивните потреби. Потребно е да се засили и развојот на поевтини возила со доволен досег, со цел електромобилноста да им се направи подостапна на купувачите со помал буџет.

Начинот на тестирање

На тестот се најдоа 25 модели од различни марки со најголем досег, односно со досег според ВЛТП од најмалку 500 километри. Тестирањето беше извршено во лабораториски услови при зимски температури, со просек нула степени. Се симулираше возење од Минхен до Берлин. АДАК прво го сними возењето по автопатот А9 во вистински услови и потоа снимката ја вчита на пробните валци на коишто се симулираше возењето, вклучувајќи нагорнини, надолнини и реални ситуации во возењето. Според тоа, сите возила беа подложени на истите услови, брзини и надворешни влијанија, како сообраќај, ветер или застој.

Претходна објаваЏагјуар Ланд Ровер со рекордна добивка откако САД ја заменија Кина како најголем пазар
Следна објаваСтелантис купи фабрика за менувачи за хибридни автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here