Една година по премиерата на моделската серија, Французите го претставија Пежо 205 ГТи. Денес тоа е култен модел, а не беше поразлично и при неговиот пазарен старт, кога стекна огромна популарност меѓу младите професионални спортисти. Моторот од 1,6 литар во почетокот располагаше со 105, потоа со 115 КС, за да следи 1,9-литарец со 130 КС.
Разновидноста на моделската серија доби нова димензија со воведувањето на кабриолетот ЦТи, со дизајн од Пининфарина и произведуван таму. Најмалку достапна, и тогаш, а уште повеќе сега, е изведбата 205 Т16, изработена во серија од 200 примероци, заради хомологација за рели во озлогласената Група Б, којашто мораше набрзо да биде укината, затоа што производителите не знаеја за граници во моќноста и брзината. Т16 се однесува на турбо-моторот со тогаш ретка 16-вентилска техника и 200 КС, и погон на сите тркала. За рели болидот се шпекулираше со моќност од преку 500 КС.
Спортски дух во секоја пора
Пежо 205 ГТи се разликуваше по спортскиот карактер, со којшто зрачеше од сите страни. Моделот се изработуваше само со три врати, со впечатливи дебели лајсни отстрана, со црвени ленти во нив. Тие продолжуваа во браниците. Проширените крила исто така се забележуваа први.
Назад беше поставен ненападен спојлер, долу во предниот браник со спортски дизајн беа поставени рефлекторите за долго светло. Капата на ретровизорот исто така имаше различна форма, а врв секако беа тркалата од лесен метал, слични со оние кај Турбо 16.
За да се обезбеди дополнително дека ГТи ќе биде препознаен како таков, на двете лајсни зад прозорците пишуваше ГТи и бројката за работната зафатнина на моторот.
За каросеријата можеше да се избира меѓу само пет бои: Три пастелни бои – меж бела, црна и валелунга црвена, и две металик бои – графитно сива и футура сива. Тоа беше и единствениот избор за којшто можеа да се решаваат купувачите, барем до доведувањето на сончевиот покрив, како втора опција, затоа што ГТи веќе поседуваше сé.

Историјата почна со 1,6 со 105 КС, за во 1986 да следи верзија со 115 КС. Единствена видлива разлика беше дното на брзиномерот, којшто завршуваше со 220 место со темпо 200.
Ентузијастите ценеа дека шасијата на 205 ќе издржи уште повеќе и бараа уште посилен мотор. На салонот во Париз во 1986 година, светот го доби пежо 205 ГТи 1.9 со 130 КС. Спринтот до темпо сто трае 7,8 секунди, 400 метри од старт се совладуваат за 29,2 секунди, крајна брзина 206 км/ч.

Уште една убава страна беше тоа што со зголемената зафатнина, оптимираниот вртежен момент и електронското впрскување Бош ЛЕ 2 Џетроник, потрошувачката не се смени.
Пежо 205 ГТи само на неколку пазари доаѓаше без кожени седишта, што мораше да се нарачаат. Кожа на воланот, централна брава, електрика на ретровизори, сето тоа беше стандард.

Со поголемиот мотор мораше да се сменат и преносните односи во менувачот, сопирачките (дискови место барабан назад), а исто и ширината на трагата беше зголемена за 11 милметри. На тоа следеа и посилни амортизери и лежишта.
Првите примероци од Пежо 205 ГТи 1.9 имаа иста табла со стандардните модели. Во средината на 1987 година, целата серија доби моделско освежување.
Кога многумина фанови на марката и моделот помислија дека ќе пропуштат во животот да имаат нов Пежо 205 ГТи 1.9, македонскиот увозник Еуроимпекс изненади со не толку мал континтент од култниот модел. Сé беше распродадено за миг, денес тие примероци чинат скапо на пазарот на користени возила.
















