Зелената политика на Камала Харис може да им помогне на европските производители на автомобили да продаваат повеќе електрични автомобили во САД. Наспроти тоа, заштитничката трговска политика на Доналд Трамп може да ги зголеми вложувањата во производството во САД.
Исходот од претседателските избори во САД на 5-ти ноември може да влијае врз брзината со којашто земјата ќе преоѓа на електрични возила, но исто така може да води и кон воведување нови царински давачки за странските производители. Без разлика во која насока ќе се движи изборот, тоа ќе влијае врз европските производители, вклучувајќи ги Мерцедес-Бенц, БМВ, Фолксваген и Волво, што имаат вложено многу во САД и во електрификацијата.
Анкетите покажуваат изедначена трка меѓу демократската кандидатка, потппретседателката Камала Харис, и надежта на републиканците, поранешниот претседател Доналд Трамп. Во кои подрачја се разликува политиката на двата кандидати:
Електрични возила
Харис, демократската кандидатка, веројатно ќе продолжи со политиката на грижа кон животната средина на досегашната администрација на Бајден. Со Актот за намалување на инфлацијата од 2022 година се промовираа ниска емисија на штетни материи и домашното производство на батерии и електрични возила.
Тоа може да им годи на европските производители на автомобили, коишто вложија милијарди во ЕВ со цел да ги исполнат строгите барања на ЕУ, додека производителите во САД и натаму се потпираат на модели со мотор со внатрешно согорување, укажуваат експертите.
„Со исклучок на Тесла, доколку ја оценувате моќта на иновирање во поглед на електромобилноста, тогаш европските производители се подобри, посебно во споредба со постарите производители со седиште во САД,“ оценува Штефан Брацел, директор во Центарот за автомобилски менаџмент во Германија.
Наспроти тоа, Трамп подржуваше заштитничка политика на трговија и настапуваше агресивно против електричните возила, и покрај тоа што тој добиваше поддршка од извршниот директор на Тесла, Илон Маск.
Во неодамнешната рекламна кампања на Трамп којашто беше насочена кон Мичиген, како една од државите што на изборите може да решат и за едната и за другата страна, се обвинува Харис дека сакала да „ги запре сите автомобили со погон на бензин“ и се предупредува за „масовни отпуштања“ во фабриките во САД. Трамп на 3-ти октомври кажа дека доколку биде избран во ноември, ниту една сојузна држава нема да биде во состојба да ги забрани автомобилите или камионите со погон на бензин.
Владата на Бајден во 2021 година постави цел за електричните автомобили да учествуваат со 50 проценти во вкупната продажба во 2030 година. Во моментов, нивниот удел е под 10 проценти.
Увозни царини
Во првиот мандат, Трамп промовираше заштитничка политика на трговија, којашто вклучуваше казнени царини за стока увезена од ЕУ.
Педро Пачеко, истражувачки аналитичар на Гартнер, кажа дека иако можното зголемување на царините ќе им ја намали добивката, тоа ќе ги охрабри европските производители да вложуваат повеќе во производство во САД, или со проширување на постоечките фабрики или со изградба на нови.
Трамп ги прикажа новите царини како избор на морков и стап.
Во говорот во кампањата во Џорџија на 25-ти септември, Трамп имаше цел да ги привлече странските производители, вклучувајќи ги европските производители, со големи даночни олеснувања. Тој најави дека ќе го скуси корпоративниот данок од сегашните 21 на 15 проценти, за компаниите што ќе произведуваат во САД и ќе го вработуваат населението.
„Ова е зделката што ќе ѝ ја понудам на секоја поголема компанија и прозводител на Земјата – ќе ви дадам најниски даноци, најевтина енергија, најниски обврски кон државата. И слободен пристап на најдобриот и најголем пазар на планетата,“ кажа Трамп.
„Сакам германските автомобилски компании да станат американски автомобилски компании. Сакам тие да ги изградат своите фабрики тука,“ додаде тој.
БМВ, Мерцедес и Фолксваген веќе произведуваат значителен број возила во големи фабрики во САД, исто како и Волво, којшто е во сопственост на кинески Џили. Фабриката на БМВ во Спартанбург, на пример, вработува 11.000 лица и произведува 1.500 СУВ-возила дневно за САД и за 120 пазари за извоз.
Трамп „ќе се обиде да ги донесе производителите на автомобили во САД, за тие да можат да ја зголемат својата работна сила и да произведуаат во САД,“ кажува Брацел.
Секое зголемување на производството во САД од овие производители на автомобили би значело смалување на производството во останатите фабрики, вклучувајќи ја Европа, упатуваат експертите.
На прашање како би влијаел исходот од изборите, од европското здружение на производители на автомобили АЦЕА одговорија: „Каков и да биде исходот од изборите во САД, слободната и фер трговија ќе биде носечки столб на трансатлантските односи и ќе се радуваме лидерите од двете страни на Атлантскиот Океан да соработуваат.“
Големата слика
Пачеко, експертот на Гартнер, цени дека иако европските производители имаат право да бидат загрижени околу изборите, тие не треба да зависат само од владината политика, кога решаваат за стратегијата во САД.
„За успехот или неуспехот решава прашањето дали се има вистинскиот производ за пазарот,“ кажува експертот.
Место тоа, прозводителите треба да се посветат на усовршување во двата клучни двигатели на промените во автомобилизмот, односно на дигитализацијата и на софтверот, додава Пачеко.
Европските производители исто така треба да земат примерот од Кина, за да извлечат поука за САД, упатува Брацел. „Кинезите имаат слаби шанси со Трамп,“ кажува тој. Доколку Кинезите сакаат да постигнат успех во САД, за тоа ќе им биде потребно да изградат фабрики во САД.
Кинеските производители веќе се соочија со царини од 100 проценти за ЕВ за време на Бајден. Претходно царините изнесуваа 25 проценти. Трамп кажа дека ќе стави „200 проценти царина“ за кинеските електрични возила што ќе се проиведат во фабриките во Мексико, иако тие фабрики уште не се изградени.
















