
Повеќе од 780.000 лица се вработени во индустријата за иднината на мобилноста во Германија. Во минатата година, во земјата биле произведени 4,1 милиони патнички автомобили со сите видови погон. Втор најголем производител е Шпанија со 1,9 милион автомобили, трета е Чешка со 1,4 милион.
Добри три четвртини од произведените возила во Германија заминале за извоз. Земјата воедно води и во поглед на вредноста на извезените автомобили. Германските автомобили чинат повеќе, и луѓе ги сакаат такви. Извозот вредел 164 милијарди евра.
Белгија е втората земја чијшто извоз вреди најмногу, со 39 милијарди евра, со фабрики на Опел (Антверп), Форд (Генк), Ауди (Брисел), Волво (Гент), а на третото место по вредноста на извозот е Шпанија со 38 милијарди евра.
Вкупниот промет што го постигнува производството на автомобили во Германија, вклучувајќи ги добавувачите, изнесува над 500 милијарди евра. Според податоците за 2022 година, Франција е на второто место со 142 милијарди евра, потоа е Италија со 72 милијарди евра.
Близу 1,3 милион произведени електрични автомобили во Германија во 2023
Авто-нацијата си го заслужува прекарот и во поглед на видот на погон. Таму се произведуваат најмногу електрични автомобили. Во 2023 година, германските фабрики произвеле 1,27 милион батериски електрични (БЕВ) и приклучни хибридни автомобили (ПХЕВ). Од нив, дури 950.000 биле чисто БЕВ. За годинава се предвидува дека продукцијата ќе се зголеми повторно.
Во светски рамки, земјата е втора најголема производителка на ЕВ по Кина. Постои голем потенцијал во останатите ЕУ-држави. Вицешампионката Шпанија следи со 256.000 БЕВ и ПХЕВ, дури по неа следи Франција со 225.000 возила на струја.
Во Германија, во автомобилската индустрија работат преку 780.000 лица. Во браншата, втора е Франција (215.000), а по неа Полска (209.000).
Гордост може да владее и во поглед на иновациите. Германија е дури прва во светот, со близу еден од секои три пријавени патенти (29%), пред Јапонија, Кина, САД и Јужна Кореја. Од Европа, првата следна земја со најмногу иновации е Франција, со 5% удел во светската иновациска сила.
Германија има само еден проблем, нема субвенции за електрични автомобили
Откако владата на Олаф Шолц ненајавено ги укина масивните субвенции во средината на декември, што своевремено достигаа и до 9.000 евра, продажбата на електрични автомобили се струполи. Во мај во земјата се продадени за 30,6% помалку возила отколку лани.
На плацевите чекаат преку 100.000 електрични автомобили, откако Берлин направи дупка во буџетот од преку 60 милијарди евра и остана без пари за субвенции. Неслужбено, но сосем очигледно, голем дел од тие пари се потрошени за Украина.
Бензинците се најпродаван вид на погон во мај, со удел од 38%, дизелите се сведени на само 19 проценти, хибридите се држат солидно, приклучните хибриди покриваат шест проценти. Батериските електрични автомобили бројат 29.709 нови регистрации во мај. Педантната германска статистика наведува дека 853 нови возила се на автогас, 32 на метан.















