Фиат Гранде Панда: Каков што треба да биде еден автомобил

Најголемата разлика меѓу Италијанците и Германците во производството на автомобили: Додека вториве еден ист концепт ќе го влечат пет векови, пример Голф, првиве секоја следна генерација ќе ја направат различна. Ретко некој ја гледа денешната Панда како наследничка на Чинквеченто од ’50-те. Уште помалку ќе биде здодевно со новата Гранде Панда.

Фиат Панда беше главниот хит кога се појави во 1980-те години. Тоа и не требаше да биде изненадување, затоа што моделот во основа произлезе од истата замисла според којашто беше конструиран легендарниот Чинквеченто – и Фиат 126 по него. Едноставно, достапно, добро дизајнирано парче автомобил.

Сега е ред на Гранде Панда, ново толкување на култот на народски автомобил, според Торино. Околу погонот нема двоумење, најмалку тоа: Кој е за бензинец, ќе добие пристоен благ хибрид, кој е за струја, ќе добие еден од најдостапните електрични автомобили на континентот, а својствено за Италија, ќе биде достапен и модел со погон на автогас.

„Најдобриот начин да се прослави 125-годишното постоење на Фиат е поглед во индината“, кажа 62-годишниот шеф на Фиат, Оливие Франсоа. Торино денес објави само три слики и едно видео од новата Гранде Панда. Големата фешта ќе се случи во јули, кога најиталијанската од сите италијански марки несомнено ќе приреди уште настан за паметење – веројатно слично како при премиерата на Пунто Ево, кога новиот модел доживеа премиера на писта на воен носач на авиони.

Фиат Гранде Панда – во изгледот сé е познато, само сé е поголемо

Гранде Панда со своите 3,99 метри значително ја надраснува сегашната Панда, а уште повеќе претходничката, којашто заслужи статус на култен автомобил. Тоа што на прославата на Фиат на 11-ти јули нема да биде прикажан некој тешко стилизиран нов автомобил со ретро призвуци, може само да нé радува во овие времиња, кога луѓе повторно учат да ја ценат вредноста на парите.

Уште повеќе радува тоа што кросоверот речиси целосно го презема изгледот на студијата, што Фиат ја прикажа во февруари. Гранде Панда е коцкеста што не може да биде покоцкеста, и токму тоа прави таа да изгледа привлечно. Првата Панда исто беше коцкеста.

Под ламарината работи техника на концернот Стелантис. Тоа што одвреме навреме ќе се чуе по некое негодување дека сите марки во концернот користат иста техника, се должи само на површно познавање на автомобилизмот. Сите големоволуменски марки во концернот Волксваген, исто така користат заедничка платформа за секоја класа модели што ја имаат во понуда.

Техниката на Гранде Панда доаѓа со плаформата СТЛА (Стела) Смарт. Истата платформа ја користат новиот Ситроен Ц3 и неговата електро-изведба е-Ц3. Тоа не е „само“ нов Ц3, туку е еден од најдостапните модели на пазарот во моментов – и во едниот и во другиот погон.

Понудата од погонски изведби во почетокот ќе ја сочинуваат благ хибрид и целосно електричен погон. Хибридниот модел ја користи техниката од Џип Авенцер е-Хибрид, со 1,2-литарски трицилиндарец со 100 КС и турбо натполнење. За изведбата со погон на струја, може да се очекуваат 83 кВ/113 КС, колку што има Ситроен е-Ц3.

Фиат во изминатиов период укажа и на идејата во внатрешноста да користи форми слични со тркачката патека на покривот на Лингото, каде што Фиат ги развиваше и тестираше своите модели во златните години. Слики однатре уште нема, меѓутоа ќе биде фер во кокпитот да се видат најавените форми. Тоа би можело да се случи со рамката околу дигиталните инструменти или со масичката што се извлекува од арматурната табла – Фиат ги примени овие идеи кај студиската Панда.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Во план се пикап и лимузина

Гранде Панда ќе биде зачетничка на цело моделско семество. Платформата СТЛА Смарт дозволува најразлични каросериски изведби и погони. Некои моделски изведби ќе бидат скроени посебно за пазарите на Блискиот Исток и Африка. Фиат е моќен и во Латинска Америка, каде што пазарот бара пикап. Погон на автогас, исто така. Лимузина што ќе биде наследничка на Типо, секако дека нема да недостига. Во Бразил ќе бидат одушевени и од нов Фастбек, секако на база на Гранде Панда.

Сé ќе биде познато и запаметено по 11-ти јули. Засега е само претпоставка дека производството ќе се одвива во Словачка, во фабриката во Трнава, од каде што излегува и Ситроен Ц3. Фабриката во српски Крагуевац ќе почека уште малку додека почне со својата варијанта.

Сегашната Фиат Панда останува во понуда најмалку до 2027 година – како најдостапно и најсимпатично градско автомбилче.

Претходна објаваДелфино Мобилити Груп го лансира автомобилскиот бренд Џили во Македонија
Следна објаваОвие системи од јули мора да ги поседува секој нов автомобил во ЕУ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here