за

Фиат гради нова понуда од модели, ги напушта мини автомобилите

Фиат најави нови модели што се конструирани врз платформата Смарт Кар на Стелантис и инспирирани се од бестселерите на марката во Бразил и Аргентина.

Торино се откажува од сегментот на мини автомобилите и гради ново семејство од модели, во коешто ќе бидат вклучени поголеми автомобили. Секој од новите модели ќе биде достапен и во електрична изведба.

Фиат во следните четири години ќе лансира четири нови модели во „новата глобална игра“ за марката, најави извршниот директор Оливие Франсоа во видеото што денес го објави компанијата.

Новите модели ќе користат заедничка платформа што е наменета за сите марки на концернот Стелантис, чијшто дел е Фиат. Тие ќе се нудат во батериска електрична, хибридна и обична бензинска изведба.

Првиот нов модел ќе биде наследник на минито Панда. Тој ќе биде поголем од тековната Панда, „еден вид Мега-Панда“ најавува Франсоа.

Фиат прикажа концептен автомобил што црпи дизајнерски елементи од овалната патека за тестирање што се наоѓа на покривот на некогашната фабрика Лингото во Торино.

„Високото седење и робусниот дизајн прават овиој градски автомобил да биде совршен сојузник за сите клиенти ширум светот, посебно во услови на густ градски сообраќај,“ кажува Франсоа.

Вториот нов модел ќе биде пикап. Пикапот Фиат Страда е најпродаван автомобил воопшто на бразилскиот пазар. Концептот за новиот модел ги соединува концептот на пикап, со функционалност на доставни возил и комфорот на СУВ, спакувано во големина што одговара за градски услови, каде и да било низ светот, опишува Фиат во соопштението. Фиат е „убеден дека овој вид возило може да го повтори својот успех во светски рамки, дури и во Европа,“ заклучува сопштението.

Третиот модел е „фастбек“ што ќе ги следи чекорите на уште два големи хитови на Фиат во светски рамки – тоа се Фиат Фастбек во Бразил и Фиат Типо на Средниот Исток и во северна Африка. СУВ-купето Фиат Фастбек се продава само во Јужна Америка. Франсоа кажа едка новиот модел може да биде глобален автомобил за Латинска Америка, Средниот Исток и Африка, па дури и за Европа, открива Фиат.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Четвртиот концепт е просторен СУВ – „еден вид Гига-Панда“ – што е наменет за семејствата, наведува Фиат. Многу е веројатно дека СУВ-то ќе се натпреварува против Дачиа Дастер во сегментот на малечки СУВ што станува неверојатно популарен.

Франсоа прикажа и петто концепто возило, кампер-ван што е изработен врз истата платформа.

Сите нови модели ќе бидат конструирани врз платформата Смарт Кар на концернот Стелантис, што е наменета за достапни автомобили од помалите класи. Тоа е истата плаформа што ја користи електричниот градски модел Ситроен е-Ц3, што неодамна почна со продажба.

Наследникот на Панда ќе се произведува во фабриката на Стелантис во Крагуевац, Србија. Тој нема веднаш да ја наследи тековната Панда, којашто ќе продолжи да се произведува барем до 2026 година, во фабриката Помиљано д’Арко во Италија.

Производството на електричниот Фиат 500е во Мирафиори, Торино, ќе трае до завршетокот на 2026 година.

Наследникот на 500е ќе се префрли на платформата СТЛА Смол (се изговара Стела) на Стелантис и ќе се произведува во Европа, иако засега не е избрана точната локација.

Фактот што новата Панда ќе биде модел од градската класа значи дека Фиат го напушта пазарот на мини автомобили во Европа. Италијанците во моментов владеат со тој дел од пазарот, со Панда, со 500 и со електричната 500е.

Според истражувањето на Датафорс, двата модели на Фиат лани беа најпродавани во својот сегмент.

Фиат во 2023 година продаде 125.834 примероци од Панда, најголемиот дел во Италија, и уште 104.590 примероци од Фиат 500 со благ хибриден погон. Марката продаде и 62.643 примероци од електричниот 500е во Европа. Вкупниот удел на Фиат во овој сегмент изнесуваше 42 проценти, за 1 процентен бод помалку отколку во 2022.

Наследничката на Панда ќе биде претставена на 11-ти јули, кога се одбележуваат 125 години од основањето на Фиат. Потоа, секоја година ќе следи по еден нов модел, до 2027 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рено 5 со цена под 25.000 € сака да го потресе пазарот на градските електромобили

Фабриките на Субару се враќаат во работа по осумдневен прекин откако загина работник