за

Фабриките на Субару се враќаат во работа по осумдневен прекин откако загина работник

Фабриките на Субару во Јапонија продолжија со производство по повеќе од една недела, откако работник загина на своето работно место, по што компанијата ги стави во мирување главните домашни фабрики.

Субару го врати производството во своите фабрики во Јапонија, откако редок случај на загинување на работник на своето работно место, доведе до ставање на трите фабрики во повеќе од еднонеделно мирување. Јапонскиот производител остана без 20.000 произведени возила.

Компанијата објави дека започнала со производство, откако биле преземени мерки да се спречи повторување на трагичната незгода од 13-ти февруари. Ветеран на 60 годишна возраст беше згмечен од 25-тонски калап.

Субару го прекина производство во времетраење од осум денови во две фабрики за монтажа и во една фабрика за мотори, северно од Токио. Тоа се фабрики во коишто се произведуваат најпродаваните модели на Субару за пазарот во САД. Прекинот ја погоди продукцијата на СУВ-моделите Форестер и Крострек, наменети за извоз, како и на спортското купе БРЗ.

Претставник на компанијата одби да даде повеќе детали околу чекорите што компанијата ги презела во меѓувреме, за да го испита случајот и да ги зајакне безбедносните протоколи. Прекинот на работата бил резултат на одлука на управата, а не на протест на работничкиот синдикат, напоменува претставникот.

„Не можеме да излеземе со поединости околу мерките што ги преземавме,“ кажува претставникот на Субару. „Но, вложивме многу време за да осигуриме дека таква незгода нема да се случи повторно и презедовме мерки за да осигуриме безбедност и спокој меѓу работниците.“

Производството беше ставено во мирување во времетраење од осум денови и заради изразување жал кон семејството на работникот и неговите колеги, кажуваат од Субару. Производителот не излезе со податок колку возила се изгубени поради мирувањето на фабриките.

Имајќи ја предвид динамиката на домашното производство на Субару во декември, со проценети 2.581 возила дневно, јапонскиот производител веројатно остана без околу 20.000 произведени возила во осумте денови.

Во мирување беа ставени три фабрики во областа Гунма, каде што е главниот производствен центар на Субару.

Во фабриката за монтажа во Јајима, каде што се случи незгодата, се произведуваат Импреза и Аутбек, Крострек и Форестер. Во главната фабрика што е во близина, се произведуваат БРЗ, Импреза и Кростер, како и спортскиот Ве-Ер-Икс и Леворг, комби наменето за јапонскиот пазар.

Погодена беше и фабриката во Оизуми, каде што се произведуваат мотори и менувачи.

Домашната продукција на Субару во 2023 година се зголеми за 8,1 проценти, на 608.327 возила. Втора година во низа расте продукцијата. Во вкупната продукција во сите фабрики на Субару, јапонските фабрики учествуваат со 63 проценти. Извозот од Јапонија лани се зголеми за 13 проценти, на 509.199 возила.

Јапонските фабрики на Субару постигнаа рекорд во 2016 година, кога произведоа 727.741 возила. Поради пандемијата и кризата со микрочипови, домашната продукција во 2020 година опадна за 7,9 проценти, на 570.416 возила, за потоа во 2020 година да падне на 475.141 возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фиат гради нова понуда од модели, ги напушта мини автомобилите

Првиот заеднички модел на Фолксваген и Експенг ќе биде електричен СУВ