за

Рено 5 со цена под 25.000 € сака да го потресе пазарот на градските електромобили

Рено 5 во стил на моделот од 1970-те, денес имаше премиера во Женева и одговор е на високите цени на електричните автомобили и на притисокот од Кина.

Рено 5, по правило Р5, користи дизајнерски елементи од оригиналниот Р5 и од иконскиот Супер 5. Тоа се распознава јасно во исправените задни светла и во светлите бои. Рено продаде над 9 милиони примероци од двете генерации на петката, меѓу 1972 и 1996 година.

Одговорот на Рено Груп на високите цени на електричните автомобили што се произведуват во Европа, градскиот ЕВ-модел Рено 5, што чини под 25.000 евра, ја доживеа својата светска премиера денес, на салонот во Женева.

Рено 5 со својот ретро-футуристичен изглед, ќе биде достапен со две различни големини на батерија и во најдобар случај ќе постигнува досег до 400 километри. Купувачите ќе можат да избираат и меѓу три степени на моќност. Цената на Р5 е за неколку илјади евра под градските електрични модели што веќе се нудат на пазарот.

Високите трошоци за производство на ЕВ, посебно за тие што се произведуваат во Европа, се наведуваат како главна пречка за нивна поширока прифатеност. Рено тврди дека Р5 е убедлив одговор на тој проблем.

„Главната битка се води во тоа, европската индустрија да се препороди против конкуренцијата што доаѓа од истокот и западот,“ кажа извршниот директор Лука де Мео, во изјава по повод отворањето на салонот во Женева. „Со ова возило докажуваме дека навистина е можно да се произведува во Европа, во Франција.“

Сериската изведба на Рено 5 изледа речиси исто и има исти димензии со концептниот автомобил што првпат беше прикажан на салонот во Минхен во 2021 година. Возилото било развиено за само три години, наведува Рено, место за вообичаените четири години.

Рено 5 е првиот автомобил што го лансира Ампер, огранок на групацијата Рено што е посветен на електричните возила. Моделот ќе се произведува во фабриката во Дуе, Франција, којашто е дел од мрежата од фабрики за автомобили и компоненти ЕлектриСити на Рено. Батериите ќе доаѓаат од Енвишн АЕСЦ, почнувајќи од следната година, а електромоторите од Клеон. За да се произведе Р5, потребни се девет часови, што е покусо дури и од Тесла.

Рено 5 се соочува со силна конкуренција од постоечки модели и од модели што треба да стартуваат со продажба годинава, од коишто повеќето се од марките на концернот Стелантис. Најблиску со цената се Ситроен е-Ц3, што ќе почнува од 23.900 евра (подоцна ќе биде понудена и изведба под 20.000 евра) и идната Фиат Панда.

Меѓу моделите што веќе се продаваат се Опел Корса-е и Пежо Е-208, чијашто цена се движи околу 35.000 евра, зависно од земјата и од субвенциите во таа земја. Во Германија, на пример, Опел неодамна ја спушти цената на електричната Корса под 30.000 евра.

Понатаму се очекува и концернот Фолксваген да лансира малечки електрични модели по цена од околу 25.000 евра, вклучувајќи го ИД.2. Меѓу останатите конкуренти се очекува одговорот од Киа, па дури и Тесла има најавено уште одамна дека планира модел во таа ценовна категорија. Кинеските марки допрво треба да го напаѓаат пазарот на градски комбилимузини со своите целосно електрични модели, иако некои производители, како БИД, имаат такви модели во својата понуда во Кина.

Кокпитот на Рено 5 се одликува со хоризонтално поставување на средишниот дисплеј, односно на Р-Линк, како што Рено ги води дисплеите во своите модели. Обложеното подрачје пред совозачкото седиште се повикува на историскиот Рено 5.

Прв модел врз платформата АмпР Смол

Рено 5 е конструиран врз платформата АмпР Смол, којашто користи голем дел компоненти од моделите со класичен погон и на тој начин се скусуваат трошоците. Пример за тоа е предната оска, којашто е преземена од заедничката платформа ЦМФ-Б на Рено и Нисан. Задната оска со повеќе водилки, пак, преземена е од електричниот Меган Е-Тек.

Платформата се одликува со долго меѓуоскино растојание (2.540 милиметри) во споредба со должината на Р5 од 3.920 милиметри. Уште една одлика е рамниот под, ниското тежиште и релативно ниската тежина (под 1.350 килограми во изведбата со 40 кВч).

Петката е за 130 милиметри покуса од Клио, којшто инаку се нуди и како хибрид, а за 300 милиметри е подолга од постоечкот Твинго ЕВ. Наследничката на Твинго се очекува по 2025 година, а шефот де Мео вети цена под 20.000 евра за основниот модел.

Рено 5 во почетокот ќе биде достапен со батерија од 52 кВч со водено ладење, а подоцна ќе биде понудена и изведба со 40 кВч и досег до 300 километри.

Моќноста ќе изнесува 70 или 90 кВ (96 односно 120 КС) со батеријата од 40 кВч, додека во комбинација со батерија од 52 кВч, петката ќе постигнува моќност од 110 кВ (150 КС). Моторот е 15 килограми полесен во споредба со е-моторите во Меган и Сеник Е-Тек, и воедно е покомпактен, за да се заштеди простор.

Батеријата ќе може да се полни со моќност до 100 кВ, што значително го скусува времетраењето на полнењето.

Најсилната изведба ќе постигнува до 150 км/ч, со спринт до темпо сто за 8 секунди.

Рено 5 располага со вграден двонасочен полнач од 11 кВ, што дозволува В 2Г (вехицле то грид). Французите тврдат дека тоа може да ги преполови трошоците за полнење дома. Автомобилот може да се користи и како извор на струја за потрошувачи на 220 волти.

Врската со минатото

Под раководството на де Мео, Рено ги користи своите историски модели како инспирација за изгледот на новите автомобили. Првиот Р5 се произведуваше од почетокот на 1970-те години до средината на 1990-те, вкјлучувајќи го прочуениот Р5 Турбо, со мотор вграден средишно и со широки крила, којшто послужи како основа за хомологација на моделот за мотоспорт. Новиоот Рено 5 се повикува на елементи од трите варијанти, односно од првата генерација, од Супер Синк и од Турбо.

По Рено 5 ќе следи малечок СУВ под историската бројка Р4, што се инспирира од легендарниот модел што почна да се произведува во 1960-те.

Предните крила на петката се во стилот на историскот модел, додека исправените задни светла се по пример на Супер Синк. Предните магленки, агресивната става и профилираните предни седишта се во стилот на Турбо. Обложената табла со инструменти се повикува на првиот Р5.

Фановите на оригиналниот Рено 5 се сеќаваат на светлите бои, па така и новиот модел ќе нуди „поп јелоу“ и „поп грин“ бои, исто како и полноќно сина, бела и црна боја. Во поскапите изведби може да се нарача црн покрив.

Дизајнерските досетки што треба да ги поврзуваат возачите со својот автомобил, вклучуваат плетена корпа за сместување багет, осветлена петка на хаубата, што покажува колку е полна батеријата, како и кастом бирач за возење.

„Гугл инсајд“

Внатрешноста на Р5 се темели врз хорозонтално поставен средишен дисплеј со ОпенР Линк, што користи софтвер на Гугл, со дигитални инструменти од 25 сантиметри, заедно со средишен дисплеј со истата големина.

ОпенР Линк содржи Гугл Мапи и Гугл Асистент, а на тоа следат уште 50 апликации што може да се преземат преку Гугл Плеј.

Главна премиера со Рено 5 доживува и Рено, аватар што одговара на прашања околу воизлото и неговите функции. Аватарот може да помогне со совет, на пример да праша дали да ги затвори прозорците, или во градски метеж да префрли на Еко-програма. Рено има вклучено и вештачка интелигенција Чет ГПТ, за да одговара на прашања.

Графиката на дисплеите се води како „поп арт“ и може да се менуваат боите, густината и текстурите во околу 130 комбинации.

Просторноста на кабината е споредлива со Цлио, што има значително подолга каросерија. Багажникот има зафатнина од 326 литри, на тоа следат уште 19 литри простор во разни прегради во кабината.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електрична Киа ЕВ9 донесе сонце во Норвешка

Фиат гради нова понуда од модели, ги напушта мини автомобилите