Електрична Киа ЕВ9 донесе сонце во Норвешка

Киа ЕВ9 се најде во улога на ѕвезда во еден уметнички проект со силна порака, со којшто се донесе сонце во едно од најтемните подрачја во скандинавската земја.

Киа во соработка со експерименталното дизајнерско студио ВОИД и креативната агенција Иноушн донесе сончева светлина во едно од најтемните подрачја во Норвешка. Таму каде што зиме одвај се појавува сонце, електричната Киа ЕВ9 напојуваше петметарски диск со светлечки диоди.

Со „привременото сонце“ беа прикажани богатите можности што ги нуди технологијата В2Л (вехицле-то-лоад) и воедно се укажа на значењето на сончевите зраци. Во отсуство на сонце, како последици се јавуваат опаѓање на енергетското ниво на човекот, слабеење на менталното здравје и на имуниот систем, нарушување на спиењето.

„ЕВ9 е возбудлива додека се движи, но исто и кога мирува, со иновативните можности, како што е двонасочното полнење,“ кажа Дејвид Хилберт, директор за маркетингот на Киа во Европа. „Оваа технологија може да ја прошири улогата што електричните возила ја имаат во нашите животи, било да станува збор за кампување, за извор на струја за подвижна канцеларија или за пошироката дистрибутивна мрежа, преку технологијата В2Г.“

Уметничкото сонце беше поставено во Рамптон, база за кампување во фјорд што се наоѓа 35 километри југозападно од Осло. Живописната плажа, со мал остров пред неа, беше совршена локација за да се изведе изгрејсонце на хоризонтот. Светлината можеше да се забележи од неколку километри оддалеченост.

ЕВ9 возеше од Осло до Рамптон, го напојуваше „сонцето“ 24 часа и потоа се врати во Осло, без да се стравува дека нема доволно енергија во батеријата.

Документарецот за овој потфат може да се погледне тука:

https://youtu.be/hAnpZ6Uy6Ho

Претходна објаваПежо има автомобил со голем број: Новата 5008 доаѓа наскоро
Следна објаваРено 5 со цена под 25.000 € сака да го потресе пазарот на градските електромобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here