
Сите производители на автомобили работат беспоштедно на развојот на батерија со цврст електролит. Мерцедес и партнерот Факториал ветуваат дека постигнале пресвртница на патот на оваа батерија кон сериско прозиводство.
Во споредба со класичната литиум-јон батерија, новата батерија со цврст електролит ветува бројни предности: Побрзо полнење, поголема енергетска густина (батеријата може да биде помала), повисока моќност. Покрај тоа, новата технологија според денешното ниво, важи дека е побезбедна, подолготрајна и поиздржлива од вообичаените литиум-јон батерии.
Батериите со цврст електролит содржат неоргански, цврсти електролити. Тие ги заменуваат електролитите што се користат денес, што се течни и органски. Речиси сите производители работат беспоштедно, за колку е можно порано да достигнат сериска зрелост на овие батерии.
Досег од близу 1.000 километри
Мерцедес сега јавува дека постигнал пресвртница во таа насока, во соработка со партнерот Факториал Енерџи. „Како светски новитет, од Факториал добивме Б-мустра од литиум-метал батериски ќелии со цврст електролит од преку 106 амперчасови. Овие ќелии ќе ги вградиме во модули и во батериски пакети, за темелно да ги провериме и да ги усовршиме според нашите строги спецификации“, објави првиот техничар во Мерцедес, Маркус Шефер, на својот профил на мрежата за кариера ЛинкедИн.
Факториал за своите батерии ветува досег од близу 1.000 километри, тежина смалена за 40 проценти во споредба со литиум-јон батерија и за една третина помала потреба од простор.
„Голема година за батериската технологија“
Мерцедес во 2021 година договори технолошка соработка со Факториал и вложи „двоцифрен милонски износ во долари“. Концернот Стелантис исто така има удел во Факториал. Во улога на инвеститор и виш советник на американскиот старт-ап е поранешниот шеф на Мерцедес, Дитер Цече.

„Иновативни, напредни и одржливи батериски технологии се еден од најважните клучеви за да успее преоѓањето во електромобилноста“, кажува Шефер. Кога точно би почнало сериското производство на батеријата, уште е неизвесно. „2024 е голема година за батериската технологија во Мерцедес-Бенц“, најави Шефер и ветува други новини во текот на годинава.
Фолксваген исто така јавува дека постигнал напредок
Концернот Фолксваген пред неколку месеци исто така објави дека постигнал пресвртница. Батеријата со цврст електролит на кооперацискиот партнер Квантум Скејп далеку ги надминала барањата во т.н. тест на А-мустра и успешно издржала преку 1.000 циклуси на полнење. За електричен автомобил со досег од 500 до 600 километри, тоа би соодвествувало со повеќе од половина милион извозени километри.
Ќелиите не стареат и на завршетокот на тестирањето уште располагале со 95 проценти од првичниот капацитет. Тестовите што траат со месеци се вршат во лабораторијата за батерии на специјализиранот огранок на Фолксваген, именуван Пауер Ко, со седиште во Залцгитер.















