Холандската полиција откри банда крадци на автомобили од најмалку шест бугарски и двајца холандски државјани. Бандитите професионално ги обивале автомобилите.
Украдените возила со променети податоци за идентификација биле откриени во магацин во Влардинген, град на Југот на Холандија. Најголемиот дел од возилата се од марките BMW, Mini и Citroen, со променети регистерски таблички и броеви на шасија. Осомничени се шестмина бугарски и два холандски државјани, меѓу кои и две жени.
Полицијата открила шест украдени автомобили во магацинот во Влардинген, заедно со делови од други автомобили, како и модел на Volkswagen со отсечен покрив. Според истражните органи, украдените автмобили и делови од украдени автомобили веројатно биле продавани во Бугарија. Се очекува истрагата да открие многу поголем број на автомобили.
Судот го продолжил притворот за тројцата Бугари и еден Холанѓанин, додека останатите приведени лица се пуштени на слобода.
















