
Смарт го прикажа својот нов целосно електричен СУВ-модел од средна класа, именуван #5, со батерија од преку 100 киловатчасови, што ќе му овозможи досег до 550 километри.
Заедничката марка на Мерцедес и Џили ги објави првите слики од Концепт #5 непосредно пред откривањето на новитетот на салонот во Пекинг.
Сериската изведба на #5 ќе биде прикажана во втората половина од годината и ќе стартува со продажба в година, придружувајќи им се на постоечките модели #1 и #3.
Новиот модел #5 е долг 4,6 метри, што прави тоа да е најголемиот автомобил што досега го има произведено марката што Мерцедес-Бенц ја лансираше во 1994 година, како марка микро-возила. Смарт сега е во рамноправна заедничка сопственост меѓу Мерцедес-Бенц и кинескиот холдинг Џили (Волво, Лотус и др).
Концепт #5 користи 800-волтна електрична архитектура што овозможува кусо времетраење на полнењето. Според Смарт, батеријата од 100 кВч ќе се наполни од 10 до 80 проценти за само 15 минути, на брз полнач.
За споредба, помалите модели #1 и #3 постигнуваат досег меѓу 400 и 440 километри со најголемата батерија што се вградува во нив, со капацитет од 66 кВч и со никел-манган-кобалт хемија.
Концептот располага со дополнителни стилски обележја што на СУВ-моделот му даваат груб изглед, со дебели гуми, тркала на покривот, заштитни плочи напред и назад, како и со сокриен вител.

Кога ќе се изземат стилските наградби на Концепт #5, за коишто е малку веројатно дека ќе се најдат во серискиот модел, се покажува обновениот дизајнерски јазик на Смарт, за којшто извршниот директор на марката за Европа, Дирк Аделман, зборуваше на видео конференцијата во минатиот месец.
„Несомнено е дека ќе го препознаете стилот од дизајнерскиот тим на Мерцедес-Бенц, што досега ги дизајнираше сите Смартови,“ кажа менаџерот.

Внатрешноста на Концепт #5 располага со два големи дисплеи со висока резолуција, од кои едниот е сместен средишно, а вториот пред совозачкото седиште.
Смарт кажува дека дизајнирал нов кориснички интерфејс човек-машина, што всушност би требало да биде одговор на бројните забелешки досега. Дел од сопствениците на моделите #1 и #3 се пожалија за начинот на користење на менијата во дисплеите.

Концептот го користи тоа што Смарт го нарекува предно седиште со „нулта гравитација“, за коешто тврди дека е спој на комфор и безбедност, со мноштво додадени функции, како греење, вентилација, масажа и потпирач за нозе.
Смарт претстави и гласовна контрола на база на вештачка интелигенција, што користи софтвер од Серенс. Системот овозможува патниците да водат „забавни разговори“ со виртуелниот асистент во возилото, кажуваат од Смарт.

Меѓу соперниците на број 5 се новиот компактен СУВ на Мини, што е поголем и за првпат нуди и изведба со погон на струја, како и идната Киа ЕВ5 што располага со впечатлив изглед по пример на моделите ЕВ6 и ЕВ9.
Новите електрични модели на Смарт уште немаат постигнато позначајна продажба во Европа.
До март, Смарт продаде 2.992 примероци од #1, додека неодамна лансираниот #3 достигна 1.016 примероци. Најпродаван модел на Смарт во Европа е ФорТу, што во првиот квартал постигна 3.259 продажби.















