Во салон на Toyota, само едно нешто не може да мине: Не може човек да влезе во салон, набрзина да погледне еден автомобил, и да си замине, да види што имаат да понудат другите. Три СУВ-модели на Toyota, сосем различни во видот на погонот, различни и во концепцијата, докажуваат дека во оваа марка не постои шаблонот што масовно се применува ширум браншата – една каросерија, различни големини.
Во Toyota, многу нешта почнуваат од RAV4. Единствено Corolla е пред него. Тоа важи и за продажбата. Лани Corolla беше најпродаван автомобил во светски рамки, со 1,12 милион примероци, веднаш потоа следи RAV4 со 870.000 продадени примероци. Многу нешта почнуваат, но и се случуваат во RAV4. Хибриден погон, втор електромотор за задната оска во верзијата со погон на сите тркала, изведба Adventure со нагласок на теренскиот карактер, изведба GR Sport, луксузна варијанта Exclusive со двобојна каросерија. Така се работи со модел што светот го сака.
Во есента 2020, следеше уште едно облагородување во понудата. RAV4 доби приклучен хибриден погон. „Приклучен“ затоа што за разлика од стандардната изведба, неговата батерија може да се полни надворешно, да се приклучи на полнач, на обичен „штекер“ исто така. Батеријата е значително поголема и располага со бруто капацитет од 18,1 kWh.
RAV4 Plug-in Hybrid е најсилната, а пак најштедлива изведба во гамата на СУВ-бестселерот. Со системски 306 КС, таа го оправдува насловот на топ-модел, додека во исто време е непобедлива во штедливота во гамата, со потрошувачката од 1,0 литар на сто километри.
Што сé опфаќа погонот на овој Super-RAV? Моторот од 2,5 литри е истиот како во изцведбата со стандарден хибрид, но со екстра-моќност. Место 177 КС, тука работат 185 КС. На бензинецот му се придружува електромотор напред, со моќност од 134 kW (182 КС), многу повеќе отколку во „Hybrid“, каде што има 88 kW (120 КС). Задниот електромотор, пак, незначително е послаб: 40 kW наспроти 44 kW.
Во случај кога ќе се побара врвна моќност, максималната моќност што во исто време можат да ја постигнат елетромоторите и моторот изнесува 306 КС, наспроти 222 КС. Оваа екстра моќност резултира со околу две секунди покус старт, односно точно шест секунди.
Првиот дел од големата тура со електричната Toyota bZ4X низ цела Македонија
Целата замисла со приклучната изведба на RAV4 е батеријата да се полни редовно и секојдневната тура да се минува чисто во електричен режим. Според фабрика, досегот при комбинирано возење изнесува 75 километри. Во град, каде што има повеќе сопирање, забавување, пониска брзина, досегот оди до 98 километри. Доколку дневно се минуваат 30 километри, тоа значи дека батеријата ќе треба да се полни секој трет ден.
Ако се патува подалеку, RAV4 Plug-in Hybrid ќе си го извози патот прво со енергијата што ја има во батеријата, а потоа ќе продолжи со хибриден погон, црпејќи гориво од 55-литарскиот резервоар и користејќи ја секоја пригода (надолнина, забавување) да ја наполни големата батерија, за да функционира хибридниот погон.
Сите технички податоци и главните ставки од опременоста на Toyota RAV4 Plug-in Hybrid во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК
Реално, батеријата не мора претходно да се наполни, за да се стигне некаде. Во тој случај се добива „само“ хибрид со огромна батерија, што на спуштање од Стража ќе собере енергија за 30 километри пат.
RAV4 досега бил многупати на тест возење во Аутомедиа, вклучувајќи ја и серијата репортажи на трите највисоки планини во Македонија. Затоа, само генерално: Овој СУВ ги ужива својата популарност и својот успех низ годините, и во тековната генерација повеќе припаѓа во средната класа, покрај GLC и Q5, отколку во компакт класата, како во почетокот на кариерата.
Цената за топ-моделот во гамата на RAV4 изнесува 63.990 евра, што е за еден Yaris Cross повеќе од основниот модел, којшто вози со класичен хибриден погон, и ниво на опрема Dynamic – значи, пак далеку од основен модел. Покрај супериорноста што ја има во поглед на погонот – затоа што може да вози и на струја и на бензин (и струја), RAV4 Plug-in Hybrid доаѓа и со врвна опременост.
По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Кораб (1. дел)
Моделот со приклучен хибриден погон на нашиот пазар е достапен само во високото ниво Style, па со луксузот во погонот, се добива и луксуз во кабината. Тоа значи: Електрично ракување со задниот поклопец, електрично местење на возачкото седиште, греење и на задната клупа, греење и на ветробранот, дигитален внатрешен ретровизор, пристап без клуч, тркала од 19 инчи, аудио систем JBL, камера со 360 степени, а секако и целосен арсенал од системи за асистенција, вклучувајќи самостојно следење на лентата на патот.
Еден автомобил што е изложен во салонот на Toyota, веднаш покрај RAV4 Plug-in Hybrid, со стилот потсеќа на иконскиот модел на Toyota, а исто и големината им е слична. Со должината од 4,69 метри, тој е девет сантиметри подолг од RAV4, во ширина додава 5 милиметри, а во висина досега 8,5 сантиметри пониско. Но, едно нешто драстично ги разликува два модели. Станува збор за првиот целосно електричен модел на Toyota, за кросоверот bZ4X, кусо од beyondZero4Cross. Тука нема бензинец, остануваат два електромотори.
Во потрага по одговор, каков автомобил е Toyota RAV4 Adventure
Предната оска има електромотор со моќност од 80 kW или 109 КС, исто толку има и задниот електромотор. Вртежниот момент изнесува 2 х 168 Nm, а бидејќи системската моќност кај електричниот погонј се добива со обично собирање, излегува дека и моќноста на bZ4X изнесува 218 КС. Салонскиот примерок е луксузна изведба на електричниот кросовер, со којшто летово ги возиме „3000 километри со електрична Toyota bZ4X низ Македонија“. Разликата е во тоа што моделот во проектот е во основната изведба, со еден електромотор напред, со моќност од 150 kW.
„Бизи“, а може и „бззз….“ не е само Toyota со електричен погон, туку е автомобил со електричен погон, каков што го осмислила Toyota. И тоа е суштинската одлика на овој кросовер. Инженерите можеа едноставно да направат електрична варијанта на RAV4, без мотор, со екстра батерија и со екстра електромотор. Тоа што излезе како резултат, и во што солидно се уверивме во Аутомедиа, во досегашниот тек од проектот – bZ4X нуди различно чувство, како во поглед на самото изведување на кабината и кокпитот, така и во поглед на доживувањето на електричниот погон.
Сите технички податоци и главните ставки од опременоста на Toyota bZ4X 150 kW FWD Comfort во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК
Тојота Сити произведе навистина импресивен електричен автомобил, од којшто конкуренцијата не паничи без причина. Во нашата најубава Македонија, без автомобилски фабрики, не е грев да се открие дека моќните производители на автомобили издејствуваа кај одредени влијателни медиуми во „авто-нациите“, да се пушти малку темен тон врз електричниот модел на Toyota. Од таа хајка, одвај дека имаше некаков ефект.
Toyota bZ4X во меѓувреме се продава на европскиот пазар подобро и од RAV4 со приклучен хибриден погон. До јуни, во Европа се продадени 8.162 примероци од електричната Toyota. Тоа што најмногу убедува кај bZ4X е динамичноста и спортскиот карактер, комфорот – посебно акустичниот, но и лесната предвидливост околу досегот. Ако патниот компјутер вели дека bZ има енергија за 400 километри, тогаш bZ навистина и ќе извози толку.
Околу полнењето воопшто не е толкава драма, како што се претпоставува отстрана. На турата во должина од 750 километри, полневме двапати: Еднаш во Гевгелија, на брз полчнач со 100 kW, што траеше околу 45 минути, еднаш во хотел во Охрид, на најобичен домаше приклучок, преку ноќ. Тоа е целата вистина. Кој патува 400 километри, сигурно нема намера веднаш да се врати. Toyota ќе си наполни преку ноќ, додека човек нормално спие. И тоа е вистина: Кој може да си дозволи Toyota bZ4X од 50.000 евра, сигурно нема да се враќа дома во црна темница, туку човечки ќе си отспие, додека батеријата се полни. Автомобилскиот свет веќе функционира на тој начин, и сé се сведува на избор.
Сите искуства и впечатоци од возењето на електричната Toyota bZ4X низ Македонија може да се прочитаат на страницата што ја посветивме посебно на тој проект
[the_ad id=”73735″]
Тоа што „автомобилските власти“ уште немаат научено да го испочитуваат, во вид на потпомагање за граѓаните да купат електричен автомобил, преку субвенции и уште „милион“ повластици, Тојота Авто Центар си го сработи самостојно. Toyota bZ4X во промотивниот период, место 62.690 евра, за нивото Luxury – со погон на сите тркала и 218 КС – чини 56.421 евра. Тоа е „субвенцијата“, точно 6.269 евра.
Врвниот модел во гамата, соодветно именуван Luxury Premium, исто така добива промотивен попуст, и тој чини 57.861 евра. Тоа е вештината на менаџирањето. Првите примероци од bZ4X добиваат екстра попуст за најотмените верзии, затоа што тие учествуваат во најважната фаза од градењето на имиџот на моделот. Како потсетување, во времето на вистинскиот салон Аутоекспо, „цел град“ зборуваше дека тој и тој го купил автомобилот од штандот на некоја марка.
Тоа што остава посебен впечаток е незначителната разлика во цената меѓу приклучниот хибриден RAV4 и батерискиот електричен bZ4X, со 63.990 евра за првиов и редовни 64.290 евра за вториов во топ-изведбата, односно 57.861 евра со попустот. Тоа е моќна порака од Toyota, во поглед на противвредноста, bZ4X постигнува далеку пополовен сооднос, отколку повеќето електирчни модели во продажба.
Третиот модел што го вклучивме во оваа „салонска сеанса“ до цената се движи во сосем друго подрачје. Toyota Corolla Cross е конструирана врз истата TNGA-C платформа со Corolla, што значи дека целото подвозје и погонската спрега се идентични. Но, има една голема разлика – во споредба со моделските изведби на Corolla пред неодамнешното моделско освежување.
Corolla Cross е прв модел на Toyota што почна да вози со 5-та генерација на хибриден погон на јапонскиот специјалист. За новата генерација, само кусо: Сé што веќе беше добро во 4-та генерација, сега е подобро. Компонентите се полесни и помали, електромоторите се помоќни, возењето на струја се вклучува подолго, перформансите се подобрени, чувството во возење е унапредено.
Тест · Toyota Corolla Cross · Автомобил за излети далеку од градскиот парк
Место 122 КС во изведбата со 1,8-литарец, новиот хибрид постигнува системски 140 КС. Ефектот најдобро се огледува преку спринтот, којшто е скуисен за речиси две секунди, на околу девет секунди. Во меѓувреме, стандардните модели во гамата Corolla исто така го добија новиот хибриден погон, заедно со неколку промени во изгледот и опременоста.
Сите технички податоци и главните ставки од опременоста на Toyota Corolla Cross 1.8 HEV 2WD Executive во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК
Corolla Cross веќе достигнува половина од продажбата на поотмениот и попрестижен RAV4, со вкупно 14.367 примероци до завршетокот на јуни. Toyota веќе има еден СУВ-модел во компактниот сегмент, стилскиот купе-кросовер C-HR. Токму затоа, Cross поаѓа во сосем друг правец. Компактниот СУВ делува многу посериозно и посмирено, позрело. Тука е јасно, семејниот превоз е во прв план.
Тоа што Corolla Cross прикажува повеќе кутиеста форма, без премногу закосувања и непотребни одземања простор од кабината, има врска со еден модел што на времето постигнуваше одлични продажби во сегментот – ванот Corolla Verso. Секако дека Toyota со новиот модел цели и кон тој круг купувачи, што своевремено, кога уште имаше доволно голем пазар за вановите, би се решиле за Verso.
Разновидноста владее и во гамата на Corolla Cross. Изведбата со 1,8-литарец со 140 КС и погон напред, стартува од 34.990 евра, во престижното ниво Executive. Дополнително стои на располагање и верзија со дволитарски хибрид, со 197 КС, со погон напред или на сите тркала. Во врвната изведба, со погон 4WD и ниво Luxury, компактниот СУВ доаѓа до 44.490 евра. А, тука веќе почнува да „ѕирка“ електричниот bZ4X.















