Тој е само „големиот мерцедес“, затоа што и без бројката што обично го претставува хиерархиското ниво на автомобилите од Штутгарт беше сосем јасно дека станува збор за посебен модел на Mercedes-Benz. Светот првпат ја виде претседателската лумузина во 1963 година.
Намената на Mercedes-Benz 600, „Der Große Mercedes“, големиот мерцедес, со фабричка ознака W100, беше сосем очигледна. Новинарите во 1963 година добија од Штутгарт прес-материјали за новиот модел, насловени „Ексклузивно возило за големата репрезентација“. Така и бидна, најпознатиот политичар на овие простори, Маршалот Тито, една е од бројните светски личности што се поврзуваат со овој автомобил.
Во материјалот печатен пред 60 години, понатаму стои дека „Mercedes-Benz се надоврзува на предвоената традиција на куќата, со луксузно опремен автомобил, со највисоко ниво на безбедност во возењето, за да биде застапен во малата група репрезентативни лимузини што уживаат светски углед.“
Во чест на големиот јубилеј на големиот модел, Mercedes-Benz 600 од средината на април е изложен во салонот на Одеопсплац во Минхен, во еден од најпреставителните салони на штутгартската марка во светот. Лимузината во салонот е поставена во средина што се поврзува со футуристичкиот дух во 1960-те години, во ерата на „Space Age“.
Лимузината долга далеку над пет метри потоа имаше настап и на најголемиот салон на олдтајмери во светот, на Техно Класика во Есен. По завршувањето на салонот, љубителите на автомобилите и на марката ќе можат во музејот на Mercedes-Benz во Штутгарт да запознаат еден посебен примерок од „600“.

Во музејот во моментов е изложен примерок со блиндирана каросерија и во најпретставителната изведба Pullman, произведен во 1965 година. Автомбоилот од сопствената збирка на Mercedes-Benz е изложен во просторот „Collection 4 – Галерија на имињата“.
Магазинот за олдтајмери Mercedes-Benz Classic има токму „600“ на насловната страница, како најава за богатиот материјал што е објавен таму.
Посебниот автомобил за посебни личности се произведуваше цели 17 години. Последниот примерок излезе од фабрика во 1981 година.
Шестотката го заслужи својот статус на ултимативен автомобил со својата исклучителна техника, со врвниот комфор, одличната управливост, и секако, со претставителната појава. Купувачи доаѓаа од цел свет. Тоа беа претседатели, богати индустријалци, светски ѕвезди.

Серијaта W 100 се произведуваше во Зинделфинген. Секој купувач имаше посебни желби, така што секој од изработените 2.677 примероци – од кои 487 во изведбата Pullman – се разликува од останатите. Голем број од тие возила денес се чуваат во климатизирани гаражи.
Автомобилот само ја продолжи традицијата на марката. Корените почнуваат од Mercedes-Simplex 60 PS од 1903 година. Тогашниот врвен модел се чува како посебно значаен примерок, затоа што станува збор за автомобилот на Емил Јелинек, успешен трговец со автомобили во тоа време, по чијашто ќерка, германската марка го доби името Мерцедес.

Следните поглавја ги пишуваат 770 „Großer Mercedes“ (W 07 и W 150, од 1926 година). Четвртина век подоцна се појавува 300 (W 186 и W 189), за потоа да следи самиот Mercedes-Benz 600, за да постави нови мерила во автомобилскиот свет.
По 1981 година, Штутгарт ги услужува клиентите со верзии Pullman од својата S-Class, а од 2002 до 2012 година со Maybach од серијата 240. По 2014 година, името Mercedes-Maybach ги одбележува најексклузивните и најпретставителни модели од Mercedes-Benz Group.
Постојат четири каросериски изведби од Mercedes-Benz 600
Производството започнува во септември 1964. Достапни се лимузина со меѓуоскино растојание од 3.200 милиметри и изведба Pullman со меѓусокино растојание продолжено на 3.900 милиметри. Уште во 1965 година почнува и изработка на блиндирани верзии.

Нови каросериски верзии се Pullman-Landaulet und Pullman-Limousine со шест врати. Најмногу возила се извезени во САД, точно 743 примероци. Следат Германија со 589, Франција со 151 и Велика Британија со 126 примероци.
Два специјални примероци се изработени за папата Павле Шести и за грофот Беркхајм. Уникат е купето со две врати, што беше изработено во 1965 година, за да се провери потенцијалот за големо купе, како наследник на 300 Sc (W 188 II).
Ценовникот од 1964 година бара 56.500 DM за лимузината и 63.500 DM за изедбата Pullman-Limousine. За споредба: Mercedes-Benz 300 SE lang (W 112) со автоматски менувач тогаш чини 27.800 DM. Моделот последен пат се појавува во ценовникот во 1979 година. Тогаш лимузината чини 144.368 DM, додека за Pullman-Limousine се бараат 165.760 DM и за шествратната изведба Pullman-Limousine дури 175.728 DM. Пак за споредба: Mercedes-Benz 450 SEL 6.9 (серија 116) во 1979 година чини 78.999,20 DM.
На моделот почна да се работи осум години пред светската премиера. Во средината на 1955 година, главниот инженер Фриц Налингер ги утврди главните рамки за „баугрупе Ц“, наменета за идните најпретставителни модели на куќата. Налингер ги постави основните барања за моделот: „Тој стандардно ќе поседува автоматки менувач, управување со серво поддршка и сопирачки со серво поддршка. Во стандардната изведба, тој има шест седишта. Конструкцијата на подната рамка дозволува изведување на верзија со 3 реда седишта, преку продолжување на меѓуоскиното растојание.“

Моторот е V8, прв од таков вид во патнички модел на Mercedes-Benz. Тестирањето почнува кон завршетокот на 1959 година. Серискиот мотор со ознака M 100 располага со зафатнина од 6,3 литри и постигнува 183 kW (250 КС). Истиот мотор се користи и во Mercedes-Benz 300 SEL 6.3 (W 109).
Претставителен дизајн и комфор каков што не постои на друго место
Дизајнот на Mercedes-Benz 600 е дело на тимот на Фридрих Гајгер. Голема улога има и Пол Брак. Од дизајнот се бара да одтовара за посебни личности како клиенти.
Претседателот на управниот одбор кон завршетокот на 1980-те години, Вернер Брајтшверт, се сеќава на времето: „Тогаш сакавме да направиме автомобил што може сé и мора да може повеќе од сите останати автомобили, како за возачот, така и за совозачот.“
Вратите се затвораат со хидраулика, но кругот со масло под висок притисок помага и за отворањето на сончевиот покрив, прозорците, преградниот ѕид во кабината, поклопецот на багажникот, отворање и затворање на кругот за греење и проветрување. Хидрауликата работи и за местењето на предните и задните седишта, но и за приспособувањето на работата на амортизерите и за ослободување на паркирната сопирачка.
View this post on Instagram
За сé да биде по мерцедес-стандарди, инженерите под раководство на Брајтшверт во исто време развиваат и електричен систем, за да се спореди од нив кој ќе работи подобро. Излегува дека хидрауликата е подобро решение. „Хидрауликата е помала, потивка и полесна од тогашните електрични системи“, раскажува Брајтшверт.
Шефот за техниката, Рудолф Уленхаут, поставува три главни барања: Врвен комфор, врвна безбедност, врвни перформанси. Пневматската амортизација се комбинира со најнапредни решенија за водењето на тркалата, што предизвикува еуфорија кај автомобилските ентузијасти. Посебно внимание им е посветено на сопирачките: На предните дискови од 291 милиметри работат по две сопирачки клешти. Гумите од Fulda и Continental со големина 9,00 x 15, изработени се посебно за оваа лимузина.
За перформансите: Спринтот до темпо сто трае 9,7 секунди, крајната брзина изнесува 205 km/h.
Новинарите се одушевени. Тогашниот „Motor Revue“ во изданието 3/1965 пишува: „Со 600 може да се вози по планинските превои како со спортски автомобил – добро возен спортски автомобил ќе има проблем да го држи темпото.“
Едно специјално филмско појавување на 600
https://youtu.be/IMw8fcIi21k
















