Батеријата на електричните автомобили се полни долго, на половина пат треба пак да се бара полнач за батеријата да се наполни, возилата се скапи, дизајнот им е лош, само спомнувањето на електричните автомобили предизвикува смеа и потсмев. Така е во нашава земја. На само петстотини километри воздушна линија оттука, електричните автомобили веќе се сериозна тема.
Земјава некогаш со време имаше поставено мрежа од полначи, коишто требаше да претставуваат основа за прифаќање на електромобилноста и да водат кон натамошно ширење. Постоеја и бројни иницијативи, од тукашни ограноци на светски организации што редовно одржуваа трибини, МАНУ беше консултирана за сето тоа да биде поткрепено со научна експертиза, постоеше и достојна организација за електромообилност, мошне активна со предавања, изложби, гостувања. Единствено се чекаше да проработи некаква државничка свест, да се вклучи и да го даде главниот поттик за земјата да се движи сигурно во насока на електромобилноста.
Неколку полначи веќе се отстранети, градоначалниците негодуваат за местата на паркиралиштата што им се резервирани за електрични возила и бараат да се тргнат полначите, субвенции не само што не постојат, туку и продолжува увозот на отпад од европските „автоплацеви“, што е доволно да исполнува норма Еуро 4, со којашто одвај дека се третира емисијата на PM-честички, што на земјава ѝ донесоа светска слава во рекордите на загаденост.
Во Хрватска нештата се одвиваат многу поинаку. Струјата им е посилна. Од само 39 батериски електрични автомобили и 5 автомобили со приклучен хибриден погон регистрирани во 2014 година, нивниот број лани достигнал 4.799, односно 2.544 возила соодветно. На тоа доаѓаат уште 26.467 регистрирани патнички автомобили со хибриден погон. Има и 2.637 лесни товарни возила, обично фургони за достава, што користат чисто електричен погон или приклучен хибриден погон.
Статистиката за годинава го покрива само првиот месец, кога во Хрватска биле новорегистрирани 124 батериски електрични автомобили и уште 73 со приклучен хибриден погон.
Најчест избор на батериски електричен автомобил на хрватските возачки и возачи во 2022 година
|
RENAULT TWINGO BEV |
126 |
|
TESLA MODEL 3 |
125 |
|
DACIA SPRING BEV |
110 |
|
OPEL MOKKA-E BEV |
91 |
|
TESLA MODEL Y |
91 |
|
AUDI Q4 E-TRON BEV |
89 |
|
RENAULT MEGANE BEV |
57 |
|
SKODA ENYAQ BEV |
50 |
|
VW ID.4 BEV |
47 |
|
PEUGEOT E-208 BEV |
44 |
Секако дека и мрежата од полначи се развива соодветно. Додека во 2020 година, постоеле само 262 обични електрични полначи и 236 брзи полначи (DC), нивниот број според последното броење во 2023 година достигнал 784 обични и 349 брзи полначи. За споредба, во земјава постојат околу четириесетина полначи, што во најголемиот број случаи се зафатени со ICE-возила.
Само во јануари 2023 година, во Хрватска биле регистрирани 114 нови батериски електрични автомобили и 73 со приклучен хибриден погон; Самополнечките хибриди се стандард, нивниот број е далеку повисок од BEV и PHEV
Пазарниот удел на батериските електрични автомобили во јануари изнесувал 3,39 проценти, на приклучните хибриди 2,17 проценти. Самополнечките хибриди „ала тојота“ веќе одамна имаат редовна динамика во продажбата во земјата и не се спомнуваат во статистиката за возила со „алтернативен погон“.
Број на брзи полначи во Хрватска
|
Категорија |
Slow DC (P < 50kW) |
Fast DC (50kW ≤ P <150kW) |
Level 1 – Ultra-fast DC (150kW ≤ P < 350kW) |
Level 2 – Ultra-fast DC (P ≥ 350kW) |
|---|---|---|---|---|
|
2020 |
105 |
78 |
49 |
4 |
|
2021 |
53 |
158 |
55 |
6 |
|
2022 |
77 |
191 |
68 |
14 |
|
2023 |
71 |
195 |
69 |
14 |
Како Хрватска успеа да напредува во толкава мера во електромобилоста?
Тоа е сосем јасно, во Хрватска функционираат субвенциите за електрични автомобили. За батериски електрични автомобили, владата учествува со износ до 70.000 куни, што соодвествува на 9.300 евра. Овој поттик важи и за приватни купувачи и и за компании.
За приклучни хибриди со емисија на СО2 под 50 g/km, субвенцијата се движи до 40.000 куни (околу 5.300 евра), додека за електрични квадови, мотоцикли и скутери, следи државно учество во цената на возилото со најмногу 20.000 куни, или 2.650 евра. Се субвенцинира најмногу до 40% од вредноста на возилото.
Покрај тоа, електричните возила се ослободени од акциза, како и од еколошка такса.
Фондот за заштита на животната средина и за енергетска ефикасност, во минатото лето обезбеди 108,3 милиони куни, за на хрватските граѓани да им се овозможи полесно да набават електрично возило. Целата програма во меѓувреме заврши, средствата за субвенционирање се резервирани, се чека Фондот да објави нов конкурс. Така функционира нормалниот автомобилизам во нормалните средини.
Тука, дури и самополнелките хибриди (главно Toyota) останаа куси за ослободувањето од акциза што го уживаа десетина години, затоа што на групер-функционерите во 2019 година им се чинеше интересна бројката од продажбата, па логично дојдоа до заклучок дека штом хиубридите се продаваат толку добро, треба да им се стави данок како на сите остатати возила.
















