По повеќенеделни преговори, германскиот министер за сообраќај Фолкер Висинг и Комисијата на ЕУ се спогодија, по 2035 година да биде дозволено да се регистрираат нови автомобили со мотор со внатрешно согорување, но само доколку во нив се точи гориво што е неутрално во поглед на СО2. Следен чекор е до есента 2024 година да се внесе соодветен додаток во договорот. Во вторник, 27-те членки на ЕУ ќе гласаат за забраната за мотори со внатрешно согорување.
Постигнатиот компромис не менува ништо во стратегиите на големите произодители на автомобили. Дури не е погрешно да се оцени, дека браншата воопшто не покажува интерес за спогодбата за којашто мачно се избори германскиот министер за сообраќај Висинг, од редовите на ФДП.
Уште постои голема неизвесност околу тоа, како точно ќе се обезбеди, дека во возилата ќе може да се точат само е-горива, а не и обични горива од фосилно потекло.
Е-горивата се неважни за марката Volkswagen. Новиот шеф Томас Шефер, во октомври го престави новиот план за преоѓање на електрични возила. Тој дури наведува и краен датум за моторите со внатрешно согорување: „Најдоцна до 2033 година, Volkswagen во Европа ќе произведува исклучиво електрични возила“.
Во 2030 година, четири од секои пет продадени автомобили на Volkswagen во Европа ќе бидат чисто електрични возила. По 2033 година, нема да се произведуваат нови возила со мотор со внатрешно согорување. Од Волфсбург порачуваат дека компромисот со е-горивата не ги менува плановите.
View this post on Instagram
Премиум марката Audi исто така не го менува курсот. Во 2026 година, Баварците (Инголштат исто така е во Баварија, BMW не се единствените „баварци“) ќе ги пуштат во продажба последните новоразвиени модели, што ќе имаат мотор со внатрешно согоривање под хаубата. Audi следи прогресивен курс и целосно се префрлува на електрични автомобили.
Шефот на марката, Маркус Дусман, неодамна изјави, „кој ќе ги развива последните мотори, мора да потроши многу пари“. Тој објаснува дека при намалување на бројот на продадени возила со мотор со внатрешно согорување и строги норми за штетни материи, трошоците растат драстично. Дусман е решен, „нашето збогување со моторите со внатрешно согорување е заклучено и ќе направиме тоа збогување да биде колку може поубаво.“

Расположението за е-горивата оди во сосем друга насока во Porsche. Шефот на управниот одбор на концернот, Оливер Блуме, заедно со шефот за финансии, Луц Мешке, за време на годишната конференција за медиуми уште еднаш го потврдија ставот на спортската марка за контроверзните е-горива.
За иконата на германската спортска марка, Porsche 911, да може да опстои и во иднина, е-горивата се неопходни. Со низок боксер мотор назад и со широка трага на задната оска, Porsche 911 е премногу сложен за да се префрли само на електричен погон. Тоа би ги нарушило неговите возни својства и бројните фанови би се ускратиле за чувството што може да се постигне само со мотор со внатрешно согорување.
Со синтетските горива, 911 би можело да се произведува и по забраната во 2035 година. Блуме посочи и на бројните олдтајмери, како и воопшто на сите возила од марката што се во промет, што со е-горивата ќе може да се возат и во иднина.
Првиот човек на Lamborghini, Штефан Винкелман, исто така е голем пријател на моторите. Тој неодамна изјави дека сака моторите „да останат колку може подолго“. Тоа би траело до почетокот на 2030-те. Потоа, Lamborghini ќе мора да се префрли на електричен погон. Шефот цени дека е-горивата се само дополнување на ниш-пазарите. „Примената на синтетско гориво може да нé интересира, но само во мотоспортот или во историските возила“, објаснува Винкелман, додавајќи „доколку политиката навистина сака да ја смали емисијата и сака автомобилите со мотор со внатрешно согорување да продолжат да возат, тогаш синетските горива би требало да претставуваат алтернативно решение најмалку уште една деценија по 2035 година“.
Во BMW уште се немаат официјално збогувано со моторите. Во фабриката за мотори во австриски Штајр, исто како и во Хемс Хол во В. Британија, продолжува производството на класични бензинци и дизели. Теоретски е можно дека BMW по 2035 година ќе нуди модели со мотор со погон на синтетски горива.

Шефот на концернот, Оливер Ципсе, на годишната конференција за медиуми, искажа позитивен став за е-горивата. „Нашата компанија ја познавате како борец за отвореност кон технологијата. Сите технологии можат по пат на усворшување да дадат придонес за подобрување на климата. Тоа важи и за постојаното подобрување на моторите со внатрешно согорување“, објаснува Ципсе.
Синтетските горива би се користеле единствено во мали серии на спортски модели од понудата на M GmbH. „Новата класа“, како што Баварците ја нарекуваат новата генерација на модели на BMW, со премиера планирана за 2025 година, ќе користи исклучиво електричен погон. Единствено може да се размислува за изведба со погон на водород.
Mercedes-Benz не се залага ниту за водород, ниту за е-горива. Во Штугарт се решени дека својата понуда од автомобили целосно ќе ја препуштат на електричниот погон. Новата E-Class што ќе има премиера годинава, последен нов модел е со мотор со внатрешно согорување. До 2030 година, премиум марката ќе продава само целосно електрични автомобили, на пазарите што го овозможуваат тоа.

Понудата од модели на струја веќе е обемна. Спортската марка AMG исто така се префрлува на електричен погон и нема вечно да остане на моторите со внатрешно согорување. Во 2025 година дебитира новата платформа за електрични модели AMG.EA. Врз таа платформа ќе се конструираат сите следни модели на спортската марка.
Извршниот директор Ола Келениус јасно дава предимство за електричниот погон и укажува на значително поголемата ефикасност во споредба со е-горивата, порачувајќи „зелената енергија мора да се спроведува директно во батериите“. Шефот за развој Маркус Шефер, цени дека е-горивата би можеле да се користат главно во авио-превозот, но само доколку постои изобилство зелена енергија.
Во концернот Stellantis воопшто не се заинтересирани околу опцијата за е-горива. Напротив, шефот на концернот, Карлос Тавареш, строго насочува кон батериски електричен погон, без какво било отстапување. Португалецот најави дека неговиот концерн повеќе нема да продава возила со мотор со внатрешно согорување по 2030 година. Тоа е пет години порано од рокот што го одредува ЕУ. Концернот со 16-те марки, предводени од Peugeot и Fiat, уште лани го откажа учеството во европското здружение на производители на автомобили ACEA, токму поради тоа што некои германски производители сакаат да продолжат по повеќе колосеци кон иднината.
Ниту шведската марка Volvo, предводена од шефот Џим Роуен, не отстапува од патот кон електрификацијата. По 2030 година, Volvo ќе продава исклучиво батериски електрични автомобили. Од истите причини како Stellantis, Швеѓаните лани го напуштија здружението ACEA.
















