Тоа се работи што не може да се завршат на компјутер. Индустријата денес може да направи совршен автомобил, што ќе трае најмалку милион километри, што ќе амортизира меко, а во исто време ќе лежи одлично во свијоци, што поаѓа силно, а сопира меко. Меѓутоа, напразни се сите тие својства, ако чувството во возење разочарува. Како функционира одделенето во Toyota, што прави возачките и возачите да се чувствуваат одлично зад воланот на своите автомобили?
Како што укажува името, Институт за технички напредни вештини, во ова одделение на Toyota работат луѓе што поседуваат и развиваат висока техника на возење. Институтот не е друго, освен врвна школа за возачи, за тест-возачи. Тие располагаат и со посебна патека за тестирање, тоа е Техничкиот центар на Toyota во Шимојама.
Toyota да беше ресторан…
Како точно дејствува ова многу важно одделение, Toyota објаснува правејќи споредба со ресторан. Во ресторанот Toyota, сите вкусови ги одредува главниот шеф, претседателот Акио Тојода. По 1-ви април, Тојода ќе биде назначен за претседател на управниот одбор, па неговото место на главен шеф ќе го заземе Коџи Сато.
Главниот шеф, сепак не може да успее самиот да ги подготви сите оброци. Потребни му се готвачи што умеат да ги создадат препознатливите вкусови на Toyota. Под вкусови, во оваа споредба се мисли на чувството при возење. Тоа е чувството што го има замислено главниот шеф.
Во улогата на овие готвачи се наоѓаат тест-возачите на Toyota.
Прв човек во одделението за технички напредни вештини е главниот проект менаџер Хисаши Јабуки.
Задача на возачите е да ги тестираат возилата и да оценуваат како се одвива нивниот развој, за да придонесат во конструирањето уште подобри автомобили со единственото чувство во возење што е својствено за Toyota и коешто го има замислено главниот шеф Акио Тојода.
Како овие возачи ги тестираат автомобилите и како придонесуваат тие да станат подобри? И како воопшто се создаваат врвни тест возачи?
Јабуки се присетува како одделението почнало да работи во април 2015 година. Одделение за тестирање било оформено уште во 1980-те години, со задача да воспостави стандарди за оценување на својствата на моделите на Toyota. Тоа опстоило само три години, главно поради тоа што на нивните идеи не им се наоѓала соодветна примена, а тимот згора на тоа и не бил посебно посветен.
Напорите за поседување такво одделение сепак продолжиле, до моментот кога кон завршетокот на 2002 година бил формиран FD Team. Кратенката доаѓа од Fascinating Drive, значи тоа е тим за возење што одушевува.
Во исто време се формира и единица за тестирање возила, под името N Team. Буквата N во името се повикува на Хироми Нарусе, поранешен главен тест-возач и возачки ментор на претседателот Тојода.
Во следните неколку години отсуствуваат погласни најави од одделението, сé до 2007 година, кога Toyota се вклучува во трката 24 часа Нирбургринг.
На фотографијата: Хирому Нарусе и Акио Тојода (тогашен потпретседател) при учеството на 24 часа Нирбургринг. Иако Акио станува претседател на 1-ви април, тој продолжува со својата улога на главен тест возач.
По првото учестрво на Нирбургринг и со возачкиот тренинг на тогашниот потпретседател Тојода, одделението стекнува големо име во самата компанија.
Иако двата тима, FD и N, се разликуваат во своето делување, тие сепак соработуваат при тестирањето на возилата за трките во Нирбургринг. Тоа понатаму води логично кон соединување на двата тима. Така се создава Институтот за технички напредни вештини, се создава тимот за напредна техника на возење.
Претходно, инженерите се потпираа само врз мерливите податоци, за да оценат кои се силните страни и да ги препознаат слабостите при развојот на новите модели. Откако во тоа беа вклучени тест-возачи и се зеде предвид какво е чувството при возење, сцената почна уште повеќе да ги цени возилата на Toyota. Цел свет се смени за јапонската марка.
Намерата на Акио и Нарусе беше одделението да има клучна улога, за Toyota да произведува автомобили што луѓето ги сакаат, дополнително на тоа што автомобилите на марката се ценат по својата достапност и издржливост.
Името на Институтот го даде неговиот прв директор, Масајоши Сугавара, којшто сега е главен за обука на инженерите. Во оптек биле неколку имиња, што не му се допаднале на претседателот Акио, и според кажувањата на Јабуки, тој постојано го враќал директорот, кажувајќи му „дојди утре со ново име“.
Од околу 40 вработени во почетокот, во Институтот денес работат 64 лица. Нивната единствена задача е да направат уште подобри автомобили и деновите ги посветуваат во запознавањето на возилата до најсилен детал.
Каква е разликата меѓу тест-возачите и тркачите?
Акихиро Осака е задолжен за тестирање на патничките автомобили и доставните возила на Toyota. Тој објаснува што е важно за Toyota при обуката на своите тест возачи. Како главен тест возач, Хирому Нарусе ја дефинирал вештината на тест возачите како способност за „направи, разбери и кажи“.
Под „направи“ се мисли на способност да се вози сигурно во бараните услови. Тоа е способност да се прикажат крајните можности на возилото и истите да се пренесат во други модели.
„Разбери“ се однесува на познавање на механизмите во автомобилот и разбирање зошто доаѓа до одредени појави. Тест-возачите треба да разберат дали појавите доаѓаат од подвозјето, од крутоста на каросеријата или од гумите.
Да се „каже“, значи да се биде способен за верно да се преточи во збор и на инженерите да им се објасни тоа што се случува со возилото. „Кажувањето“ значи и објаснување на причините и предлози како тоа да се надмине.
Покрај основниот услов да располагаат со возачка вештина, тест возачите мора и да бидат способни да го објаснат чувството во возење, односно на инженерите да им кажат дали некоја појава прави задоволство, или пак. причинува непријатност.
Јабуки додава дека „брзото возење на тркачка патека не е единствената одлика на врвните тест возачи“. Безбедноста е најважна и целта на тест-возачите не е да го уништат возилото. За тест-возачи се избираат луѓе што се способни за безбедно да ги извлечат крајните можности на возилото.
Осака ја објаснува разликата. Тркачите при тестирањето имаат задача да ги пречекорат крајните можности. Наспроти тоа, тест-возачите детално ги оценуваат можностите на возилото и предлагаат решенија.