за

Кинески производител на батерии разви електричен автомобил за 7.000 евра

Малку познат кинески производител го претстави првиот електричен автомобил со натриум-јон батерија. Таа има голема заслуга за цената.

Литиум-јон батеријата можеби не е најдобриот избор на материјал, додека светот масовно се префрлува на електричен погон? Кинеските производители се убедени во друг материјал. Во време на големи поскапувања, тие се решаваат литиумот да го заменат со натриум-јон батерија.

Кинескиот производител на батерии Hina Battery пред неколку денови првпат го прикажа пред светот малечкиот електричен автомобил што користи натриум-јон батерија. Возилото со ознака Sehol E10X е создадено во соработка меѓу Hina Battery и младиот производител на автомобили Sehol. Посебноста на автомобилот е неговата ниска цена, којашто одговара на помалку од 7.000 евра.

Батеријата на малечкиот автомобил располага со капацитет од само 25 киловатчасови, меѓутоа е доволно за производителот да тврди дека досегот на автомобилот изнесува до 252 километри. Покрај тоа, техниката дозволува и користење брзи полначи.

Натриум-јон батериите досега се користеа главно за електрични велосипеди или за стационарна примена. Неколку технички слабости го ограничуваат нивното подрачје на примена. Тоа очигледно не е пречка за малечката Sehol.

Во моментов се градат 28 фабрики за натриум-јон батерии ширум светот

Кинеските производители на батерии во меѓувреме најдоа во натриум јон батериите соодветна замена, односно дополнување на пазарот. Според наводите на британската консултантска куќа Benchmark Mineral Intelligence, којашто е посветена на суровини за батерии, во моментов ширум светот се градат производстени капацитети за натриум-јон батерии во вредност од преку 100 гигаватчасови годишно. Најголемиот дел од фабриките е во Кина.

Вкупно 28 производствени капацитети ширум светот се веќе во погон, се градат или се планирани, објаснуваат од Benchmark Mineral Intelligence. Во Кина веќе постои производствен капацитет од 3,1 гигаватчасови годишно. Со новите проекти, овој волумен брзо ќе се наголеми и до 2030 година ќе надмине 100 гигаватчасови на годишно ниво.

Натриум-јон батериите со тоа застануваат далеку зад литиум-јон батериите, чијшто производствен капацитет исто така е во постојан раст. До 2030 година, уделот на натриум-јон батерии во вкупното производство на батерии за возила ќе изнесува 1,3 процент, предвидуваат британските аналитичари.

Цените на литиумот продолжуваат да паѓаат

Масивните поскапувања на литиумот во последно време беа главна причина за да се забрза развојот на натриум-јон батерии. Во минатиот ноември, цената на кинескиот литиум достигна врв, но оттогаш цените се намалија за 43 проценти.

Цените на литиумот се главен причинител за пазарниот успех на електричните автомобили од кинеските производители. Голем број марки пролетва ги смалија цените во земјата за своите електрични возила. Странските соперници нр можеа целосно да се приклучат на овој тренд на ценовно соборување.

Шефот на Nio, Вилијам Ли, на една конференција пред кусо време, кажа дека очекува литиумот повторно да биде помасовно достапен на пазарот, како и значително поевтинување на литиумот во текот на годината.

Поевтинувањето на суровиот литиум не мора да значи дека веднаш ќе поевтини и литумот во форма што е подготвена за користење во батерии. Тоа е таканаречен литиум-хидроксид. Според согледувањата на Benchmark Mineral Intelligence, неговите цени уште се стабилни или само малку се пониски.

Доказ дека паѓаат цените на литиумот е чекорот на најголемиот кинески производител на батерии CATL. Компанијата им нуди попусти на своите клиенти, при потпишување долгорочни договори за испорака.

Предности и недостатоци на натриум-јон батериите

+

  • Светските залихи од натриум се 500 пати поголеми во споредба со литиумот
  • Полнењето е побрзо
  • Трикратно подолга трајност
  • Поширок температурен опсег
  • Поделотворно полнење на батеријата при сопирање зиме
  • Се користи евтин алуминиум, место трипати поскап бакар

  • Акумулациската густина е помала, батериите се поголеми (120 Wh наспроти 200 Wh)
  • Техниката уште не е толку проверена
  • Не постои светски развиен синџир на достава
  • Не може да се користат различни форми за ќелиите

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Производителите не се особено одушевени од идејата за е-горива

Зошто за бизнисот е поразумно да се вложува во електрични автомобили отколку во е-горива