за

Зошто за бизнисот е поразумно да се вложува во електрични автомобили отколку во е-горива

Клучното прашање на европските стратези е, дали одобрувањето на е-горивата ќе промени нешто во насоката, во којашто индустријата се движи веќе неколку години.

Веста од минатата недела, за постигнатиот договор меѓу Европската Комисија, Германија и останатите заинтересирани страни, коишто во последен момент искажаа протест заради забраната за продажба на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување по 2035 година, може да се протолкува како свртување за 180 степени – а тоа е назад.

Европската Унија и придружните држави, како Норвешка, Швајцарија или Велика Британија, веќе неколку години постапуваат раководејќи се дека по 2035 година нема да биде дозволено да се регистрираат нови автомобили со мотор со внатрешно согорување. Постои само еден исклучок, што важи за производители со помалку од 1.000 возила годишно.

Овој крајно ограничен исклучок не ги вклучува дури ниту производителите како Ferrari или Lamborghini, коишто произведуваат далеку над тој лимит.

Браншата и политиката претходно беа насочени јасно кон чисто електрична иднина. Возилата во иднина ќе бидат батериски електрични возила или водородни електрични возила.

Во почетокот на месецов, германскиот министер за сообраќај Фолкер Висинг, во последен момент излезе со приговор. Несомнено е дека врз политичарот беа извршени силни притисоци од германските производители и останатите актери што се свртени кон таа страна. Висинг бараше да се дозволи продажба на возила со мотор со внатрешно согорување по 2035 година, доколку се користи е-гориво што е неутрално во поглед на емисијата на СО2.

На приговорот се надоврзаа и владите од неколку земји од југот и истокот на Европа, вклучувајќи ја Италија, којашто бараше уште поширока релаксација на ограничувањата и дозвола за биогоривата исто така да се сметаат како горива што се неутрални во поглед на СО2, иако во реалноста не станува збор за неутрални горива во поглед на емисијата на стакленичниот гас.

Објавата на Блос прикажува колку возила се снабдуваат со енергија од ветерница од 3 MW (електрични BEV, водородни FCEV, обични со е-горива)

Со спогодбата што беше постигната во минатата недела ќе се воведе амандман, со којшто ќе се дозволи по 2035 година да се продаваат возила со мотор со внатрешно согорување, доколку се користи гориво што е неутрално во поглед на емисијата на СО2, односно т.н. е-горива.

Уште е нејасно како тоа ќе се постигне од технички аспект. Деталните промени што треба да се внесат во законот исто така не се разјаснети и за тоа ќе треба да минат уште неколку месеци.

Клучното прашање е дали тоа навистина ќе смени нешто во насоката во којашто индустријата се движи веќе неколку години?

Како што денес стојат нештата, е-горивата се двапати поскапи од бензин или дизел. Може да се очекува дека цената со текот на времето ќе се смалува, како што ќе се постигнува технички напредок и ќе се зголемува пазарот.

Доколку се случи масовно ширење на пазарот на е-горивата, со предлогот да се води паралелна политика за мешање на фосилните горива и е-горивата, и нивно користење во постоечките возила со мотор со внатрешно согорување, тоа би довело до релативно брз раст на обемот на инвестициите. Тоа значи дека и цените би паѓале.

Тоа ќе услови донесување нови закони, за е-горивата да се мешаат во бензинот, место етанол којшто веќе одамна е редовна состојка во бензинот во ЕУ. Постапувањата на политичарите и законодавците сепак не укажуваат дека тоа им е намерата.

Контроверзата е во тоа што напредокот во технологијата и растот на пазарот во исто време ќе ги поевтинува и трошоците кај батериските електрични и водородните електрични автомобили, што ќе придонесе нивната цена да биде подостапна.

Постои и неизвесност околу цените на енергијата во глобала и како ќе се даночат електричните возила, но генерално може да се очекува дека вкупните трошоци за поседување на електричните автомобили ќе продолжат да паѓаат.

Тоа значи дека е-горивата ќе бидат скапа опција, гледано од аспект на вкупните трошоци на поседување на автомобил со мотор со внатрешно согорување.

Тоа можеби им е неважно на сопствениците на Porsche или на луѓе што живеат во подалечни места, каде што не постои мрежа од полначи или станици за водород, и каде што автомобил со бензински или дизел мотор ќе биде единствена опција во иднина. Меѓутоа, цената и тоа како им е важна на масата возачки и возачи што секојдневно ги користат своите возила да дојдат до работното место.

Производителите се соочуваат со дилемата, дали да се продолжи развојот на мотори и да се продолжи со производство во корист на купувачите, што одбиваат да преминат на електричен погон и подготвени се скапо да ги плаќаат е-горивата.

Дилерите и сервисерите што изготвуваат планови, за својот бизнис да го приспособат за времето, во коешто продажбата на нови автомобили ќе ја сочинуваат единствено батериски електрични возила, најавите за продолжување на ерата на моторите со внатрешно согорување по 2035 година може да ги гледаат како да им се дава нова шанса. Меѓутоа, во реалноста, таа шанса ќе важи за само неколку марки.

Љубителите на моторите секако дека ја поздравуваат можноста, и во иднина да се слушне 6-цилиндарски боксер на Porsche или мотор V12 на Ferrari.

Меѓутоа, од гледиште на бизнисот, планирањето под претпоставка дека по 2035 година ќе се продаваат само електрични возила, претставува подобар избор.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески производител на батерии разви електричен автомобил за 7.000 евра

Унијата: На секои 60 километри полнач за струја