за

Унијата: На секои 60 километри полнач за струја

ЕУ и државите членки постигнаа договор, за станици за полнење електрични возила да бидат поставени на секои 60 километри по главните патишта.

До 2026 година, државите членки на ЕУ ќе имаат поставено станици со полначи за електрични возила на секои 60 километри по главните патишта. Дополнително е договорено, до 2031 година да бидат поставени и станици за точење водород на секои 200 километри пат.

Преговарачите на Европската Унија се договорија да започнат со изградба на станици со полначи за електрични возила и станици за точење водород, во следните неколку години. Тоа е еден од клучните делови од планот за забрзување на преодот од мотори со внатрешно согорување на електричен погон.

Европскиот Парламент и државите членки, доцна синоќа постигнаа договор за поставување станици со полначи за електрични автомобили на растојание од најмногу 60 километри долж магистралните патишта до 2026 година. За камионите се предвидува полначи да бидат достапни на секои 120 километри пат – со обврска, половината од станиците за камиони да бидат поставени најдоцна до 2028 година.

До 2031 година, на секои 200 километри пат ќе биде достапна станица за точење водород.

„Договорот испраќа јасен сигнал до граѓаните и останатите учесници, дека лесно достапна мрежа со електрични полначи и пумпи за точење алтернативни горива, како што е водородот, ќе биде поставена ширум ЕУ,“ пишува во објавата Андреас Карлсон, шведски министер за инфраструктура. Шведска е актуелен претседавач со Унијата.

Спогодбата доаѓа во иста недела со клучниот договор што беше постигнат, за сите нови автомобили што ќе се продаваат во ЕУ по 2035 година, да бидат со нулта емисија.

Недостигот од мрежа со полначи претставува едно од главните ограничувања што го спречуваат преоѓањето на електричен погон, покрај тоа што возачите се жалат дека им недостига поголем досег со нивното електрично возило.

Новите правила ќе „гарантираат дека возењето и полнењето на автомобил од новата генерација е исто толку едноставно и практично, како обичен автомобил што зависи од бензин или дизел,“ објаснува Исмаил Ертуг, законодавец одговорен за преговорите.

„Мораме да го декарбонизираме транспортниот сектор, којшто и понатаму е одговорен за огромната количина штетна емисија.“

ЕУ исто така бара 90 проценти од товарните возила да имаат нулта емисија најдоцна до 2040 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Зошто за бизнисот е поразумно да се вложува во електрични автомобили отколку во е-горива

Холограм со Peugeot 408 лебди во трговски центар во Виена