Фотографии од Toyota GR Corolla се појавија пред премиерата

На профил на инстаграм се појавија фотографии од новата Toyota GR Corolla за коишто е сосем извесно дека ќе бидат дел од промоцијата. Настанот за новиот спортски модел под знакот на Gazoo Racing почнува ноќеска во 1.30 часот.

Четврти модел пристига во GR-дружината на спортски модели на Toyota, покрај GR Yaris, GR Supra и GR86. Јапонската марка што повторно е активна максимално во своите традиционални тркачки серии, на двапати го најави пристигањето на GR Corolla. Еднаш во најавното видео за новото купе GR86, за миг го прикажа опашот на спортската изведба на Corolla, за неколку денови подоцна да следи објава на датумот за премиерата.

Динамичните акценти што беа прикажани претходно, нема да се сведат само на детали. На фотографиите што првпат го прикажуваат целиот автомобил се гледа дека не е сé само во праговите на коишто пишува GR-Four и во отворите за ладење во предните крила, туку целиот автомобил изгледа како проектил.

На друштвените мрежи се шпекулира најмногу околу трите издувни цевки. Дали тоа е сигурен знак дека во GR Corolla работи 3-цилиндарецот од 1,6 литар од GR Yaris или можеби станува збор за друг мотор? Во првиот случај, од секој цилиндар би излегувала по една издувна цевка, што понатаму упатува на заклучок дека инженерите ја приспособиле издувната гранка посебно за секој цилиндар, за на тој начин да се постигне фантастично линеарна реакција при притискањето врз гасот… многу претпоставки, сé ќе биде познато ноќеска, кусо по 1.30 часот.

https://photos.app.goo.gl/UihMb7ZgxXRxF1Zb7

Впечаток оставаат и масивниот спојлер на задното стакло и големата и отворена црна маска напред. Се шпекулира дека под хаубата ќе работи истиот мотор како во GR Yaris, а тоа е 1,6-литарски трицилиндарец G16E-GTS со турбонатполнење, што во GR Corolla ќе постигнува 272 КС, значи единаесет коњски сили повеќе отколку во тркачкиот Yaris.

Постои неизвесност и околу достапноста на GR Corolla на европскиот пазар. Засега е поголема веројатноста дека моделот ќе се нуди првенствено во САД. GR Yaris таму не се нуди официјално, за разлика од Европа, каде што се бара примерок повеќе. Според информации од Тојота Автоцентар, и во Македонија е продаден примерок од тркачкиот Yaris.

https://photos.app.goo.gl/rEH9xdrjDmS6cspB6

https://photos.app.goo.gl/44Vf1LQ4MaEwzVJe9

Toyota ја најавува GR Corolla за 1-ви април и тоа не е шега

Претходна објаваМакедонска премиера на новата ŠKODA FABIA
Следна објаваLotus Eletre: СУВ, електричен, од Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here