Во првото полугодие во Европа се продадени вкупно 598.888 возила од марките Toyota и Lexus. Убедливиот раст се должи на широката понуда од модели со хибриден погон. Уделот на возилата со електромотор во погонската спрега во продажбата во Западна Европа изнесува 70 проценти – гледано само за Lexus, овој удел изнесува дури 93 проценти.
Во споредба со минатата година, којашто мина целосно под влијание на пандемијата, продажбата во првите шест месеци од 2021 година забележила раст од 41 проценти. Вистинскиот раст сепак се покажува кога ќе се спореди со продажбата во годината пред пандемијата. Во споредба со 2019 година, Toyota пак има плус во продажбата, од солидни четири проценти. Европскиот огранок со своите две марки Toyota и Lexus постигна рекорден удел од 6,6 проценти на пазарот.
Динамиката на продажбата во првото полугодие практично го потврди позитивниот тренд од првото тромесечје. Растот во продажбата се должи на високата побарувачка за модели со електрифициран погон. Хибридите на Toyota наидуваат на растечки интерес, но во меѓувреме во понудата се наоѓаат и модели со приклучен хибриден погон. Во Европа, уделот на хибридите достигнал 59% од вкупната продажба. Овој удел во Западна Европа изнесува 70 проценти, додека во Источна Европа истиот достигнува 27 проценти.
Продолжувањето на позитивниот тренд го охрабри менаџментот да ја помести прогнозата за продажбата за целата 2021 година на 1,15 милион возила. Toyota моментно има рекорден број нарачки од околу 200.000 возила, но „ниту ние не сме имуни на прекини во испораките од добавувачите и на другите предизвици, со коишто се соочува целата бранша“, коментира претседателот Мет Харисон, алудирајќи на проблемот со недостиг од чипови.
За разлика од повеќето производители, Toyota нема проблеми со кусок од чипови и произведува возила колку што бара пазарот. Тоа е менаџерски триумф – големите концерни нарачаа помалку чипови, очекувајќи дека пандемијата подолго време ќе остави траги врз продажбата. Во Toyota беа оптимисти во тој поглед и чипови има колку што се потребни.
Со нашата стратегија за електрификација со повеќе технологии, со којашто доаѓаме сé поблиску до нашата цел за неутралност во поглед на СО2, ние не само што ги исполнуваме потребите на клиентите, туку сме подобри и од целите што ЕУ ги поставува за емисијата на СО2.
Мет Харисон, претседател и извршен директор на Toyota Motor Europe
Двете марки напредуваат одлично. Toyota во периодот од јануари до јули продала 559.718 возила, за 42 проценти повеќе отколку лани. Со тоа, уделот на Toyota на европскиот пазар се искачи за 0,4 процентни бодои, на 6,2 проценти. Меѓу најполуларните модели секако спаѓаат Yaris, целото моделско семејство на Corolla и компактниот СУВ-модел RAV4.
Само три модели – Yaris, Corolla и RAV4 – сочинуваат 61% од продажбата на Toyota во Европа, од кои две третини возат со хибриден погон
Од вкупната продажба, 326.420 возила на Toyota користат комбинација од бензинец и електромотор во погонската спрега. Фантастичен е растот од 64% што го постигнале овие возила. Забрзува и продажбата на моделите со приоклучен хјибриден погон, а неодамна имаше премиера и првиот електричен автомобил, генерално за концернот и за марката Lexus.
Lexus постигнал 39.170 продажби во првото полугодие (+32 проценти). Хибридните модели учествуваат со 62 проценти во продажбата на луксузната марка. Во Западна Европа, нивниот удел достигнува дури 93 проценти. Бестселери се СУВ-моделите, кои учествуваат со 84 проценти во продажбата. Три од секои пет продадени СУВ-модели користат хибриден или приклучен хибриден погон. Целосно електричниот Lexus UX 300e, кој се продава од почетокот на годинава, веќе поститнува една десетина од продажбата во гамата на компактниот кросовер UX.
















