Производителите на автомобили не залудно се толку оптимистички во поглед на електричниот погон. Статистиката покажува огромен раст во продажбата на електрични автомобили во Европа, вклучувајќи ги и приклучните хибриди.
На уделот од 5,4% на чисто електричните автомобили во продажбата во Европа во 2020 година, им се придружуваат уште приклучните хибриди, чијшпто удел лани изнесувал 5,1 проценти во вкупниот број на продадени автомобили на континентот лани. За споредба, во 2014 година, приклучните хибриди имале удел од само 0,2 процент, а чисто електричните 0,3 процент.
Добро се држат и самополнечките хибриди, како што ги нарекува Toyota, со учество од 11,9 проценти во продажбата. На возилата што користат метан како погонско гориво, отпаѓаат само 0,6 проценти од пазарот. Нивниот удел опаѓа прогресивно, затоа што во 2014 година тие уште држеле еден процент од пазарот. Водородните автомобили и натаму се вистинска реткост, со удел од 0,01 проценти.
Компаниите јасно ги препознаваат предностите на намалените оперативни трошоци, секако покрај грижата кон животната средина. Во вкупната продажба на доставни возила, тие што користат алтернативен погон – вклучувајќи ги сите претходно наведени видови горива и погони – лани учествувале со 4,2 проценти. Од вкупниот пазар на доставни возила во Европа, 1,9 процент се чисто електрични (0,6% во 2014), додека 0,1 процент се приклучни хибриди. Самополнечките хибриди учествувале со 0,9 процент во вкупниот пазар.

Генерално, статистиките покажуваат дека растот во продажбата на електричните автомобили, вклучувајќи ги приклучните хибриди, директно зависи од бруто домашниот производ по жител во одредена држава. Тоа е доказ дека ценовната достапност на возилата останува главна бариера за купувачите.
Државите со удел на електрични возила и приклучни хибриди што е помал од 3%, имаат просечен бруто домашен производ под 17.000 евра, вклучувајќи ги членките во Централна и Источна Европа, како и Грција.
Три од секои четири електрични автомобили (73%) се концентрирани во четири западноевропски држави, кои воедно имаат најголем БДП по жител.
Состојба на инфрастуктурата
Иако е постигнато драстично проширување на мрежата од станици за полнење од 2014 година наваму (+750 проценти), вкупниот број на полначи низ ЕУ (помалку од 225.000) заостанува далеку зад неопходниот број полначи.
Помалку од 25.000 полначи овозможуваат брзо полнење (со капацитет > 22kW). Главнината ја сочинуваат„нормалните“ полначи (околу 200.000). Само еден од секои 9 полначи во ЕУ е брз полнач.

Според пресметките на Комисијата на ЕУ, за намалување на емисијата на СО2 за 50% да се постигне до 2030 година, потребни се 6 милиони јавно достапни полначи. Тоа значи дека за помалку од една деценија треба да се постигне 27-кратно зголемување на нивниот број.
Дури 70% од станиците за полнење се концентрирани во три држави во Западна Европа: Холандија (66.665), Франција (45.751) и Германија (44,538). Овие три држави заедно покриваат 23% од вкупната територија на ЕУ.
Во 2020 година, во 10 држави во ЕУ биле достапни 124 станици за точење водород. Во 17 држави членки не постои ниту една таква станица.
ЕУ распоплага со мрежа од 4.000 станици за метан, што е зголемување од 31,6% од 2015 година. Две третини од нив се концентрирани во само две држави (Италија и Германија).
>>> Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија

















